„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
15.09.2022
Со Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за градење се предвидува субјектите кои согласно прописите за енергетика имаат право да изградат постројка за производство на електрична енергија од сончева енергија, при што произведената електрична енергија ја користат за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведената енергија го предаваат во електродистрибутивна мрежа (потрошувачи-производители) да можат на кровна конструкција на објект да постават фотонапонска електроцентрала без управен акт односно без решение за поставување од членот 74 на овој закон. Наведените субјекти ќе можат без решение да постават фотонапонска електроцентрала само на индивидуален објект, а заедница на сопственици на посебни делови на станбена зграда и на објект во етажна сопственост. Поставувањето на фотонапонска електроцентрала на објект во етажна сопственост од страна на другите субјекти, се предвидува да се врши согласно членот 74 од овој закон во постапката согласно која се издава решение за поставување, од причина што во овие објекти повеќе лица имаат право да поставуваат фотонапонски електроцентрали и потребно е од страна на надлежен орган да се утврди дали постојат технички услови за поставување на истите.
Максималната инсталирана моќност на фотонапонската електроцентрала за сопствена потрошувачка која можат да ја постават горенаведените субјекти треба да соодветствува со моќноста за овој вид на фотонапонски електроцентрали која е пропишана со Правилникот за обновливи извори на енергија. Пред поставувањето на фотонапонскaта електроцентралa, инвеститорот има обврска да достави писмено известување до единицата на локална самоуправа на чие подрачје се наоѓа објектот на кој се предвидува да се постави електроцентралата, кон кое треба да се достави извод од централен регистар односно копија од лична карта, основен проект, имотен лист за објектот на кој се предвидува да се постави фотонапонската електроцентрала, a доколку фотонапонската електроцентрала се поставува на објект кој не е во сопственост на инвеститорот или на објект во етажна сопственост, истиот треба да достави и доказ (договор или согласност) со кој се уредени односите со сопственикот односно сопствениците на објектот.
Поставувањето на фотонапонските електроцентрали за сопствена потрошувачка се предвидува да се врши од страна на правно лице со лиценца А или лиценца Б за изведувач, а истите ќе се стават во употреба врз основа на нотарски заверена изјава од изведувачот кој ги поставил истите, дадена под полна кривична и материјална одговорност со која истиот потврдува дека фотонапонската електроцентрала ги исполнува законските услови и може да се стави во употреба. Примерок од изјавата од изведувачот се доставува до единицата на локална самоуправа на чие подрачје се наоѓа објектот на кој е поставена фотонапонската електроцентрала и до Агенцијата за енергетика, како би биле информирани за поставната електроцентрала.
Исто така, со предлог законот се врши и прецизирање на категоризацијата на градбите за производство на електрична енергија од обновливи извори, во членот 57 од законот, при што градби за производство на електрична енергија од обновливи извори (хидроелектроцентрали, ветерни електроцентрали, фотонапонски електроцентрали кои се градат на земјиште, термоелектроцентрали на биомаса и термоелектроцентрали на биогас) со инсталиран капацитет поголем од 1 МW се утврдуваат како градби од прва категорија, а со инсталиран капацитет помал или еднаков од 1 МW како градби од втора категорија. Во членот 73 од законот во кој се дефинирани градбите за чие поставување се издава решение за изградба односно поставување, се предвидува да нема ограничување на капацитетот на фотонапонските електроцентрали кои се поставуваат на објекти, а се утврдува и дека истите се ставаат во употреба и се запишуваат во јавната книга за запишување на правата на недвижности по изготвување на извештај за извршен технички преглед од надзорен инженер. Во истиот член како нов вид на градби за кои ќе се издава решение за поставување, се предвидуваат градбите наменети за перманентни геодетски опсервации (геодетски мерни станици). Во членот 42 од законот со кој е уредена постапката за издавање потврда на странско правно лице за вршење на работите на проектирање, ревизија, изведување и надзор над изградба на градби во Република Северна Македонија, се брише обврската за доставување на овластување за еден од вработените, со оглед дека во оваа постапка се утврдува искуството на странското правно лице за вршење на работите за кои се бара потврдата и истото може да се утврди од другите докази кои треба да се достават со барањето за добивање на потврда.