„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

Уредба за методологијата за изработка на процената на загрозеност на безбедноста на РСМ од сите ризици и опасности, нејзината содржина и структура

21.06.2023

Врз основа на член 45 став 3 од 3аконот за управување со кризи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 29/05, 36/11, 41/14, 104/15, 39/16 и 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 215/21), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 13 јуни 2023 година, донесе
У Р Е Д Б А
ЗА МЕТОДОЛОГИЈАТА ЗА ИЗРАБОТКА НА ПРОЦЕНАТА НА ЗАГРОЗЕНОСТА НА БЕЗБЕДНОСТА
НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ОД СИТЕ РИЗИЦИ И ОПАСНОСТИ, НЕЈЗИНАТА СОДРЖИНА И СТРУКТУРА, НАЧИНОТ НА ЧУВАЊЕ И АЖУРИРАЊЕ, КАКО И ОПРЕДЕЛУВАЊЕТО НА СУБЈЕКТИТЕ ВО СИСТЕМОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КРИЗИ НА КОИ ИМ СЕ ДОСТАВУВА ЦЕЛОСНА ИЛИ ИЗВОД ОД ПРОЦЕНАТА
I. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со оваа уредба се пропишува Методологијата за изработка на Процената на загрозеноста на безбедноста на Република Северна Македонија од сите ризици и опасности, нејзината содржина и структура, начинот на чување и ажурирање, како и определувањето на субјектите во системот за управување со кризи на кои им се доставува целосна или извод од Процената.
Член 2
Одделни изрази употребени во оваа уредба го имаат следново значење:
1. „Ризик“ е комбинација од повеќе меѓусебно зависни фактори кои влијаат на веројатноста, одредена опасност да прерасне во несреќа или катастрофа и да се реализираат нејзините негативни последици.
2. „Опасност“ е природен феномен, човечка активност, техничко-технолошка хаварија или друг вид на појава која може да предизвика: загуба на живот, повреди или други влијанија врз здравјето, имотна штета, загуба на средствата за егзистенција и услуги, општествено и економско пореметување, како и штета врз животната средина.
3. „Ранливост“ е присуството на посебни карактеристики, специфики и околности на поединецот, заедницата, системите или објектите кои ги прават подложни на негативните влијанија и оштетувачките ефекти на дадената опасност.
4. „Изложеност“ е присуството на луѓе, материјални добра, природни богатства, системи, објекти или други елементи во зоните на опасност и кои со тоа присуство и сопствената ранливост се подложни на потенцијални загуби, оштетувања и други негативни влиjанија.
5. „Процена на ризик“ е утврдена методологија/постапка со која се одредува природата и обемот на ризикот со анализа на потенцијалните опасности и со оценување на постоечките услови на ранливост кои заедно би можеле потенцијално да им наштетат на изложените луѓе, имот, услуги, средства за егзистенција и животната средина од која зависат.