„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

Службен весник број 155 од 21.07.2023 г. Тарифен систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен слуачј

23.07.2023

Врз основа на член 24 став (1) точка 1) алинеја 8, а во врска со член 29 став (3) од Законот за енергетика* („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/19 и 236/22), Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија на седницата одржана на 13 јули 2023 година донесе
 
Т А Р И Ф Е Н С И С Т Е М ЗА ПРОДАЖБА НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА НА ПОТРОШУВАЧИТЕ КОИ ГИ СНАБДУВА УНИВЕРЗАЛНИОТ СНАБДУВАЧ И СНАБДУВАЧОТ ВО КРАЕН СЛУЧАЈ
 
 I ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
 Со овој тарифен систем се уредуваат елементите за пресметка на продажните цени за електрична енергија од страна на универзалниот снабдувач, начинот на пресметка на продажната цена за електричната енергија на потрошувачите коишто ги снабдува снабдувачот во краен случај, како и начинот на фактурирање на надоместоците за користење на преносниот и дистрибутивниот систем за потрошувачите снабдувани од универзалниот снабдувач, утврдени во согласност со соодветниот Тарифен систем за дистрибуција на електрична енергија.
Член 2
 Овој тарифен систем има за цел да поттикне рационално и ефикасно користење на електричната енергија, да обезбеди покривање на трошоците за набавка на електрична енергија, пренесените трошоци и маржата за универзалниот снабдувач.
Член 3
 Во смисла на овој тарифен систем како потрошувачи се сметаат категориите мали потрошувачи и домаќинства дефинирани во Законот за енергетика* коишто се снабдуваат од универзалниот снабдувач, а како големи потрошувачи се сметаат потрошувачите коишто не ги исполнуваат критериумите за мал потрошувач утврдени во Законот за енергетика* и коишто се снабдуваат од снабдувачот во краен случај.
II ЕЛЕМЕНТИ ЗА ПРЕСМЕТКА НА ПРОДАЖНИ ЦЕНИ ЗА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА НА УНИВЕРЗАЛЕН СНАБДУВАЧ
Член 4
(1) Во категоријата „домаќинства“ е опфатена и потрошувачката на електричната енергија што ја користат потрошувачите во едностанбени и повеќестанбени објекти или делови од објекти наменети за домување, како и во помошните објекти на едностанбените објекти што служат за потребите на домаќинствата, а не се наменети за вршење на стопанска дејност, вклучително и потрошувачката на електрична енергија наменета за:
1) напојување на заедничките уреди, опрема и инсталации во повеќестанбените објекти и тоа: лифтови, котларници и топлотни станици за централно затоплување, хидрофори, противпожарни и уреди за откривање и јавување на пожар, заеднички антени, безбедносно осветлување и слични уреди коишто користат електрична енергија, а се наменети за заеднички потреби, како и
2) осветление на скали, влезни ветробрани, ходници, простории за велосипеди, пералници, сушилници, заеднички подруми, засолништа, тавани, станови и работилници за домарите, стан за домарот, простории за одложување на отпадоци и други простории наменети за заедничко користење на сопствениците на становите во повеќестанбените објекти како и
3) енергетски ефикасни системи кои истовремено обезбедуваат греење, ладење, вентилација и санитарна топла вода во повеќестанбени објекти при што потрошувачката на електричната енергија за тие системи се регистрира на едно заедничко броило.
(2) Покрај потрошувачите од ставот (1) во категоријата „домаќинства“ се сметаат и потрошувачите на електрична енергија која ја користат и:
1) станбени објекти за посебни намени наменети за времено сместување на лица во социјален ризик во согласност со прописите за социјална заштита, како и објекти за сместување на самци,
2) ученички, студентски, работнички, воспитни и пензионерски домови, како и домови за згрижување на стари и изнемоштени лица и домови за инвалиди и терапевтски групи,
3) детски јасли, градинки, интернати и домови за згрижување на деца,
4) училишни и народни кујни,
5) едностанбени објекти во кои се врши угостителска дејност сместување на туристи,
6) хидрофори кои се користат за снабдување на домаќинства со вода за пиење и
7) потрошувачка во верски објекти во кои не се врши стопанска дејност.
Член 5
Во категоријата на мали потрошувачи на електрична енергија се опфатени потрошувачи кои не се домаќинства во смисла на овој тарифен систем.
Член 6
(1) Според времето на испорака на електрична енергија во текот на денот се разликуваат период на
„високи оптоварувања“ (во натамошниот текст: ВТ) и период на „ниски оптоварувања“ (во натамошниот текст: НТ).
(2) Периодот на ВТ е од 07:00 до 13:00 часот и од 15:00 до 22:00 часот во текот на целата година.
(3) По исклучок на ставот (2) на овој член, за мерните места за кои не постои техничка можност за автоматска промена на летно и зимско сметање на времето во мерните уреди, периодот на ВТ во време на летно сметање на времето е од 08:00 до 14:00 часот и од 16:00 до 23:00 часот.
(4) Периодот на НТ во текот на еден ден, е времето што не е опфатено со периодот на ВТ утврдени во ставовите (2) и (3) на овој член, вклучувајќи го и периодот од 00:00 до 24:00 часот во недела.
Член 7
(1) Пресметковни елементи за коишто се определуваат продажни цени за испорачаната електрична енергија на потрошувачите е потрошената електрична енергија во ВТ и НТ изразена во kWh.
(2) За домаќинствата потрошената електрична енергија во ВТ се дели на два или повеќе блока со што се дефинираат два или повеќе пресметковни елементи за потрошената електрична енергија во ВТ.
Член 8
(1) За пресметковните елементи од членот 7 на овој тарифен систем се определуваат цени врз основа на:
1) просечната цена за електрична енергија на универзалниот снабдувач, пресметана согласно методологијата утврдена во Прилог 2 што е составен дел на овој тарифен систем,
2) коефициентите од Прилогот 1 што е составен дел на овој тарифен систем.
(2) Надоместокот што потрошувачите треба да го платат за потрошената електрична енергија се пресметува за месечниот пресметковен период како производ од испорачаната електрична енергија и продажната цена за електрична енергија, изразена во денари/kWh.
(3) За домаќинствата надоместокот за потрошената електрична енергија во ВТ се пресметува на следниот начин:
1) за потрошената електрична енергија во ВТ во првиот блок надоместокот се пресметува како:
- производ од продажната цена и вкупната потрошувачка во ВТ ако потрошувачката во ВТ е помала или еднаква на горната граница за првиот блок или
- производ од продажната цената и горната граница за првиот блок, ако потрошувачката во ВТ е поголема од горната граница за првиот блок,
2) за потрошената енергија во секој следен блок надоместокот се пресметува како:
- производ од продажната цена на тој блок и разликата помеѓу вкупната потрошувачка во ВТ и горната граница на претходниот блок ако вкупната потрошувачка е помала или еднаква на горната граница за тековниот блок или
- производ помеѓу продажната цена за тој блок и разликата помеѓу горната граница на тој блок и горната граница на претходниот блок ако вкупната потрошувачка во ВТ е поголема од горната граница за тековниот блок.
Член 9
(1) Универзалниот снабдувач во име и за сметка на операторот на дистрибутивниот систем (во натамошниот текст: ОДС), од потрошувачите приклучени на дистрибутивниот систем ги наплатува и надоместоците за користење на преносниот и дистрибутивниот систем, врз основа на соодветниот тарифен систем за дистрибуција на електрична енергија.
(2) За потрошувачите приклучени на преносниот систем надоместоците од ставот (1) се пресметуваат и наплаќаат од операторот на преносниот систем, врз основа на соодветниот тарифен систем за пренос на електрична енергија.
Член 10
(1) Вкупниот надоместок за испорачаната електрична енергија што потрошувачите го плаќаат на универзалниот снабдувач претставува збир на надоместоците за електрична енергија и надоместоците за пренос и дистрибуција на електрична енергија.
(2) Универзалниот снабдувач за секој потрошувач треба да издаде фактура за испорачана електрична енергија што се состои од следниве делови:
1) надоместок за испорачана електрична енергија во кој ќе бидат наведени сите пресметковни елементи и соодветните продажни цени,
2) надоместоци за користење на преносната и дистрибутивната мрежа пресметани според одредбите од соодветните тарифни системи за пренос и дистрибуција на електрична енергија, со сите пресметковни елементи и соодветни тарифи за категоријата на приклучок на потрошувачот и
3) задолжителни елементи пропишани со закон (даноци, комунална такса и др.).
(3) За потрошувачите што преземаат електрична енергија од повеќе приклучни места, делот од фактурата што се однесува на потрошената електрична енергија се пресметува врз основа на збирот на електричната енергија по одделни пресметковни елементи, додека делот од сметката за надоместоците за користење на преносната и дистрибутивната мрежа се прикажува во согласност со Тарифниот систем за дистрибуција на електрична енергија.
(4) Ако преку едно мерно место се мери испорачана електрична енергија и за домаќинства и за мали потрошувачи, надоместоците за испорачана електрична енергија се пресметуваат според продажните цени за пресметковни елементи за електрична енергија за малите потрошувачи.
(5) Периодот за којшто се пресметуваат надоместоците (пресметковен период) по правило е 30 дена при што универзалниот снабдувач е должен да издаде најмалку 12 фактури во текот на една календарска година.
(6) Граничните вредности на блоковите од членот 7 став (2) на овој тарифен систем, се однесуваат на потрошувачка во ВТ за период од 30 дена и поради тоа треба да бидат деливи со бројот 30.
(7) Во случаите кога фактурата од ставот (2) на овој член се однесува на период различен од 30 дена, граничните вредности на блоковите се зголемуваат или намалуваат пропорционално на бројот на денови во пресметковниот период.
(8) Во случаите кога фактурата од ставот (2) на овој член се однесува на пресметковен период во којшто има промена на продажните цени и тарифи, потрошената електрична енергија се распределува по блокови имајќи ја предвид распределбата на просечната потрошувачка на електрична енергија по блокови во изминатите три пресметковни периоди.
Член 11
Со цел универзалниот снабдувач да ги исполни обврските од членовите 9 и 10 на овој тарифен систем, универзалниот снабдувач и ОДС треба да потпишат договор за размена на информациите неопходни за изготвување на фактурите од членот 10 на овој тарифен систем.
Член 12
(1) Граничните вредности на блоковите од членот 7 став (2) на овој тарифен систем, како и коефициентите од Прилог 1 на овој тарифен систем, се определуваат врз основа на профилот на потрошувачката од сите потрошувачи и истите треба да обезбедат универзалниот снабдувач да го оствари регулираниот максимален приход определен во согласност со овој тарифен систем.
(2) Регулаторната комисија за енергетика најмалку еднаш годишно со одлука утврдува коефициент за одредување на горна граница на блок кај енергетски ефикасни системи кои истовремено обезбедуваат греење, ладење, вентилација и санитарна топла вода во повеќестанбени објекти при што потрошувачката на електричната енергија за тие системи се регистрира на едно заедничко броило.
(3) Корисникот на енергетски ефикасен систем од став (2) на овој член поднесува барање до ОДС за одредување на граничните вредности на блоковите за неговото мерно место.
(4) ОДС најдоцна во рок од 5 дена од добивање на барањето од став (3) на овој член, до Регулаторната комисија за енергетика доставува на одобрување горна граница на блокот за предметното мерно место определена согласно точка 2.1 од Прилог 1 што е составен дел на овој тарифен систем.
(5) Регулаторната комисија за енергетика најдоцна во рок од 15 дена од денот на добиеното барање од став (4) на овој член ја одобрува горната граница на блокот за предметното мерно место со одлука, која ОДС ја применува од првиот ден во месецот во кој е донесена одлуката.
(6) Регулаторната комисија за енергетика најмалку еднаш годишно со одлука ги определува бројот на блокови за домаќинства во ВТ, граничните вредности на блоковите, имајќи го предвид профилот на потрошувачката во последните 12 месеци.
(7) Универзалниот снабдувач најмалку еднаш годишно со одлука ги формира продажните цени за електрична енергија врз основа на метод на регулираниот максимален приход утврден во Прилогот 2 што е составен дел на овој тарифен систем и одлуката од став (6) на овој член.
ФОРМИРАЊЕ НА ПРОДАЖНИ ЦЕНИ ЗА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА И СЛЕДЕЊЕ НА ПРИМЕНАТА НА ТАРИФНИОТ СИСТЕМ
Член 13
(1) Универзалниот снабдувач до Регулаторната комисија за енергетика доставува податоци и документи врз основа на кои ги формира продажните цени за електрична енергија.
(2) Универзалниот снабдувач е должен податоците и документите од ставот (1) на овој член да ги достави најдоцна до 15 мај во тековната година за којашто ги формира продажните цени, по претходно добиена согласност од органот на управување.
(3) Универзалниот снабдувач ги доставува, во печатена и електронска форма, следните документи и податоци:
1) финансиски извештаи за претходната година, со сите прилози во согласност со барањата на меѓународните сметководствени стандарди, ревидирани од страна на овластен ревизор,
2) бруто биланс за претходната година,
3) финансиско-сметководствени информации,
4) податоци за набавена електрична енергија, како и податоци за планирана набавка на електрична енергија,
5) податоци за бројот на домаќинства и мали потрошувачи вклучувајќи и ја нивната потрошувачка во последните 12 месеци и
6)изјава за веродостојност на податоците, потпишана од одговорното лице овластено за претставување и застапување на универзалниот снабдувач, која е дадена во Прилогот 3 што е составен дел на овој тарифен систем.
 (4) Регулаторната комисија за енергетика може да побара од универзалниот снабдувач да достави и други податоци што се однесуваат на работењето на универзалниот снабдувач.
(5) Податоците од ставот (3) точки 3), 4), 5) и 6) на овој член се доставуваат во електронска форма во формат што овозможува обработка од страна на Регулаторната комисија за енергетика.
Член 14
(1) Универзалниот снабдувач изготвува предлог одлука со образложение за начинот на формирање на продажните цени вклучително и податоците врз основа на кои е направена пресметката, која ја објавува на својата веб страница и ја доставува до Регулаторната комисија за енергетика најдоцна до 15 јуни во тековната година за којашто ги формира продажните цени.
(2) Рокот на прибирање на мислењата и предлозите од заинтересираните правни и физички лица во однос на предлог одлуката од ставот (1) на овој член, не може да биде подолг од пет дена од денот на објавувањето.
(3) Добиените мислења и предлози од ставот (2), универзалниот снабдувач ги објавува на својата веб страница и ги доставува до Регулаторната комисија за енергетика најдоцна во рок од два дена од денот на добивањето.
(4) Ако врз основа на добиените мислења и предлози од ставот (2) на овој член универзалниот снабдувач ја измени предлог одлуката од став (1) на овој член, истата веднаш ја доставува до Регулаторната комисија за енергетика.
(5) Универзалниот снабдувач донесува одлука за формирање на продажни цени за електрична енергија најдоцна до 25 јуни во тековната година за којашто ги формира продажните цени и ја доставува до Регулаторната комисија за енергетика.
(6) Ако Регулаторната комисија за енергетика утрвди дека со одлуката од став (5) на овој член не е применет овој тарифен систем, најдоцна до 28 јуни донесува одлука со која го обврзува универзалниот снабдувач да донесе нова одлука за продажни цени усогласени со тарифниот систем.
(7) Одлуката од ставот (5), односно новата одлука од ставот (6) на овој член, се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и на веб страницата на универзалниот снабдувач, а отпочнува да се применува од 1 јули во тековната година.
ПОСТАПКА ЗА ПРОМЕНА НА ПРОДАЖНИ ЦЕНИ
Член 15
(1) Ако во текот на годината за која се применува одлуката од членот 14 став (7) на овој тарифен систем, трошоците за набавка на електрична енергија се зголемиле за повеќе од 5% во однос на трошоците вградени во продажните цени, а како последица на околности кои не можеле да се предвидат во времето на носењето на одлуката, универзалниот снабдувач може да ја измени одлуката за продажните цени за електрична енергија со доставување на известување до Регулаторна комисија за енергетика.
(2) Ако во текот на годината за која што се однесува одлуката од членот 14 став (7) на овој тарифен систем, трошоците за набавка на електрична енергија се намалиле за повеќе од 5% во однос на одобрените, како последица на околности кои не можеле да се предвидат во времето на носењето на одлуката, универзалниот снабдувач е должен да ја измени одлуката за продажните цени за електрична енергија со доставување на известување до Регулаторна комисија за енергетика.
(3) Доколку универзалниот снабдувач не постапи во согласност со ставот (2) на овој член, Регулаторната комисија за енергетика донесува решение со кое го задолжува универзалниот снабдувач да отпочне постапка за намалување на продажните цени за електрична енергија и го доставува до универзалниот снабдувач.
(4) Во решението од став (3) на овој член се определуваат роковите за преземање на поодделните дејствија во постапката, како и потребната документација којашто треба да ја достави универзалниот снабдувач.
(5) Во случаите од ставовите (1) и (2) на овој член, универзалниот снабдувач ги доставува документите и информациите пропишани во членот 13 став (3) од овој тарифен систем.
(6) Во случаите од ставовите (1) и (2) на овој член се применува постапката од член 14 на овој тарифен систем.
(7) Универзалниот снабдувач донесува одлука во согласност со ставовите (1), (2) и (3) на овој член, во рок којшто не може да биде подолг од 30 дена од денот на доставување на известувањето од ставовите (1) и
(2), односно од денот на приемот на решението од ставот (3) на овој член.
III СНАБДУВАЧ ВО КРАЕН СЛУЧАЈ
Член 19
(8) Снабдувачот во краен случај е должен да врши снабдување на големите потрошувачи кои останале без снабдувач со електрична енергија, по цени утврдени согласно Прилогот 4 што е составен дел од овој тарифен систем, во случај кога:
1) претходниот снабдувач прекинал со исполнувањето на своите обврски за снабдување во рамки на постојните договори за снабдување со електрична енергија,
2) е поведена стечајна постапка на претходниот снабдувач со лично управување или по барање на доверител, како и ликвидација,
3) лиценцата на претходниот снабдувач е суспендирана, трајно одземена или престанала да важи, и
4) потрошувачите не склучиле нов договор за снабдување со електрична енергија по престанувањето или истекувањето на постојниот договор за снабдување.
IV ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 20
(1) Започнатите постапки согласно Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 146/22, 211/22 и 258/22), ќе продолжат согласно овој тарифен систем.
Член 21
Со денот на примената на овој тарифен систем престанува да важи Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северен Македонија“ бр. 146/22, 211/22 и 258/22).
Член 22
Овој тарифен систем влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се применува од 1 декември 2023 година.
                                                                      Регулаторна комисија за
                                                                  енергетика и водни услуги на
Бр. 02-1545/1                                      Република Северна Македонија,
13 јули 2023 година                               Претседател,
Скопје                                            Марко Бислимоски, с.р.