„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

Службен весник бр.162 од 31.07.2023 г. Решение за забрана на увоз на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло заради заштита од внесување на вирусот на њукастелска болест во Република Северна Македонија по потекло од Република Полска

01.08.2023

Врз основа на член 10 точка 4), а во врска со член 81 став (2) од Законот за ветеринарно здравство („Службен весник на Република Македонија” бр. 113/07, 24/11, 136/11, 123/12, 154/15 и 53/16), директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
ЗА ЗАБРАНА НА УВОЗ НА ЖИВИ ЖИВОТНИ,
ПРОИЗВОДИ И НУСПРОИЗВОДИ ОД ЖИВОТИНСКО ПОТЕКЛО ЗАРАДИ ЗАШТИТА ОД ВНЕСУВАЊЕ НА ВИРУСОТ НА ЊУКАСТЕЛСКА БОЛЕСТ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ПО ПОТЕКЛО ОД РЕПУБЛИКА ПОЛСКА
 
Член 1
(1) Со ова решение заради заштита од внесување на вирусот на Њукастелска болест се забранува увозот во Република Северна Македонија на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло кои потекнуваат од регионот Биалостоцки/Białostocki во Република Полска.
(2) Забраната од став (1) на овој член се применува на следните пратки:
1) живина, и тоа кокошки, мисирки, бисерки, патки, гуски, препелници, гулаби, фазани, еребици и ноеви (ratitae) размножувани или чувани во затворен или ограден простор заради одгледување или чување за: размножување, производство на месо или јајца за исхрана или за обновување на популација на дивеч,
2) јајца за ведење, и тоа јајца за инкубација снесени од живина,
3) птици, и тоа животни од класата Aves, освен:
- живина,
- птици кои се увезуваат согласно програмите за зачувување на одредени видови птици,
- домашни миленици во придружба на сопственикот,
- птици наменети за зоолошки градини, циркуси, забавни паркови или експерименти,
- птици наменети за научно-истражувачки институти или центри и
- гулаби-писмоносци внесени на територијата на
Република Северна Македонија од соседни трети земји, каде што живеат вообичаено, и веднаш пуштени со очекување дека ќе се вратат во трета земја од каде се внесени,
4) конзумни јајца од живина и пернат дивеч,
5) производи од јајца од живина и пернат дивеч,
6) семе за вештачко осеменување од живина и пернат дивеч,
7) месо, мелено месо, подготовки од месо и механички обескоскено месо од живина и пернат дивеч,
8) производи од месо кои се состојат од или содржат месо од живина и пернат дивеч и
9) нуспроизводи од живина и пернат дивеч.
Член 2
(1) По исклучок од член 1 став (2) точка 5) од ова решение, може да се увезуваат производи од јајца од живина и пернат дивеч, и тоа:
1) цело јајце доколку било подложено на еден од следните третмани:
- 42 минути на температура од 55°C во средината на производот,
- 27 минути на температура од 57°C во средината на производот или
- 12 минути на температура од 59°C во средината на производот,
2) течна белка од јајце доколку била подложена на еден од следните третмани:
- 38 минути на температура од 55°C во средината на производот,
- 17 минути на температура од 57°C во средината на или
- 5 минути на температура од 59°C во средината на производот,
3) жолчка со 10% сол доколку била подложена 3 минути на температура од 55°C во средината на производот и
4) белка во прав доколку била подложена 50 часа и 24 минути на температура од 57°C во средината на производот.
(2) По исклучок од член 1 став (2) точка 8) од ова решение, може да се увезуваат производи од месо кои се состојат од или содржат месо од живина и пернат дивеч, доколку биле подложени на еден од следните третмани:
- 39,8 секунди на температура од 65°C во средината на производот,
- 3,6 секунди на температура од 70°C во средината на производот,
- 0,5 секунди на температура од 74°C во средината на производот или
- 0,03 секунди на температура од 80°C во средината на производот.
(3) По исклучок од член 1 став (2) точка 9) од ова решение, може да се увезуваат одредени нуспроизводи од живина и пернат дивеч, и тоа:
1) нуспроизводи од живина и пернат дивеч различни од брашно од пердуви и брашно од живина, наменети за исхрана на животни, земјоделска или индустриска употреба, доколку биле подложени на еден од следните третмани:
- влажен термички третман на температура од 65°C во времетраење од 30 минути или
- друг еквивалентен третман кој ќе го уништи вирусот на Њукастелска болест,
2) пердуви и подпердуви доколку биле подложени на еден од следните третмани:
- фабрички измиени и третирани со топла пареа на 100°C во период од најмалку 30 минути,
- фумигација со формалин (10% формалдехид) во период од 8 часа,
- ирадијација со доза од 20 килогреј (kGy) или
- друг еквивалентен третман кој ќе го уништи вирусот на Њукастелска болест,
3) брашно од пердуви и брашно од живина доколку биле подложени на еден од следните третмани:
- влажен термички третман на температура од 118°C во времетраење од најмалку 40 минути,
- постојан третман под притисок од најмалку 3,79 бара (bar) добиен со заситена пареа од најмалку 122°C во времетраење од најмалку 15 минути или
- алтернативен процес на топење кој обезбедува температура во внатрешноста на производот од 74°C во времетраење од најмалку 280 секунди и
4) трофеи од пернат дивеч доколку се подложени на третман кој ќе го уништи вирусот на Њукастелска болест.
Член 3
Ова решение влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
 
Бр. 02 - 2196/1                                                  Агенција за храна и ветеринарство
28 јули 2023 година                                                         в.д. Директор,
Скопје                                                                            Николче Бабовски, с.р.