„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

Правилник за видот и начинот на пресметка на трошоците за инспекцискиот надзор во животна средина

06.11.2023

Врз основа на член 29 став (11) од Законот за инспекциски надзор во животната средина (*) („ Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.99/22), министерот за животна средина и просторно планирање, донесе
П Р А В И Л Н И К
ЗА ВИДОТ И НАЧИНОТ НА ПРЕСМЕТКА НА ТРОШОЦИТЕ НА ИНСПЕКЦИСКИОТ НАДЗОР ВО
ЖИВОТНАТА СРЕДИНА
 
Член 1
Со овој правилник се пропишуваат видот и начинот на пресметка на трошоците на инспекцискиот надзор во животната средина.
Член 2
Трошоци настанати за активности спроведени за време на инспекцискиот надзор во животната средина се следните:
- реални трошоци направени при вршењето на инспекцискиот надзор,
- реални трошоци направени за спроведени анализи и мерења и
- трошоци за превоз.
Член 3
Пресметувањето на реалните трошоци направени при вршењето на инспекцискиот надзор се врши според:
- времетраењето на инспекцискиот надзор на лице место (до осум часа и од осум до 12 часа);
- сложеноста на инспекцискиот надзор;
- спроведување на инспекцискиот надзор надвор од редовното работно време на инспекторот, во деновите на празници или неработни денови;
- потребното време за обезбедување на дополнителни докази, документација и податоци релевантни за утврдување на фактичката состојба;
- потребата од ангажирање на стручни лица и вештаци при вршењето на инспекцискиот надзор.
Член 4
Под реални трошоци направени за спроведени анализи и мерења се подразбираат трошоците за земање на примероци за анализа на лице место на инспекцискиот надзор, транспортот, изработката на анализи во лабораторијата и вештачење на резултатите и истите се пресметуваат врз основа на издадена фактура од страна на ангажиран правен субјект/лабораторија.
Член 5
Трошоците за превоз во случај кога е утврдено дека субјектот на надзор ги прекршил прописите од областа на животната средина се пресметуваат на следниот начин:
- за патнички моторни возила кои користат вид на гориво-бензин се определува просечна потрошувачка од осум литри на изминати 100 километри која се множи со бројот на изминати километри од седиштето на Државниот инспекторат за животна средина, односно подрачната канцеларија до местото каде се спроведува инспекцискиот надзор и враќање до местото на поаѓање, добиениот износ се дели со бројот 100 и се множи со висината на цената на горивото по литар и вака добиениот износ се зголемува за 20% за амортизација на возилото и
- за патнички моторни возила кои користат вид на гориво-дизел се определува просечна потрошувачка од седум литри на изминати 100 километри која се множи со бројот на изминати километри од седиштето на Државниот инспекторат за животна средина, односно подрачната канцеларија до местото каде се спроведува инспекцискиот надзор и враќање до местото на поаѓање, добиениот износ се дели со бројот 100 и се множи со висината на цената на горивото по литар и вака добиениот износ се зголемува за 20% за амортизација на возилото.
Член 6
Овој правилник влегува во сила наредниот од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 12-2754/10             Министер за животна средина
1 ноември 2023 година   и просторно планирање,
Скопје                                        Каја Шукова, с.р.