„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

Одлука за утврдување на стратешките приоритети на Владата на РСМ за 2024-2028 година

06.12.2023

Врз основа на член 13 став (1) од Законот за буџети („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.203/22) и член 27-а став 3 од Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/01, 98/02, 9/03, 47/03, 64/03, 67/03, 51/06, 5/07, 15/07, 26/07, 30/07, 58/07, 105/07, 116/07, 129/07. 157/07, 29/08, 51/08, 86/08, 144/08, 42/09, 62/09, 141/09, 162/09, 40/10, 83/10, 166/10, 172/10, 95/11, 151/11, 170/11, 67/13,145/14, 62/15, 41/16, 153/16 и 113/17 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.228/19, 72/20, 215/20, 309/20, 41/21, 56/21 и 70/22), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 28 ноември 2023 година, донесе
О Д Л У К А
ЗА УТВРДУВАЊЕ НА СТРАТЕШКИТЕ ПРИОРИТЕТИ НА ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА
МАКЕДОНИЈА ЗА 2024 - 2028 ГОДИНА
 
Член 1
За стратешки приоритети за 2024 - 2028 година се утврдуваат:
- обезбедување забрзан, одржлив и инклузивен економски раст, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните;
- унапредување на енергетската транзиција, инвестирање во енергетска ефикасност и зелен развој, намалување на аерозагадувањето и влијанието на климатските промени;
- успешно водење на пристапните преговори со Европската Унија;
- унапредување на одбранбената политика во функција на развојот, независноста, територијалниот интегритет, безбедноста на граѓаните и колективната безбедност;
- обезбедување на владеење на правото и независност на правосудството;
- подигнување на квалитетот на образованието достапно за сите, согласно побарувачката на пазарот на трудот;
- професионална и ефикасна јавна администрација, поддржана со интензивна дигитализација, оптимална структура и иновативни процеси и техники и
- целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор, градење на граѓанска држава со етничка и социјална кохезија, врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување.
Приоритетите од став 1 на овој член, имаат еднакво значење.
Член 2
За остварување на стратешкиот приоритет од член 1, став 1, алинеја 1 од оваа одлука, се утврдуваат следните цели:
- имплементација на Целите за одржлив развој согласно Агендата 2030 на Обединетите нации и имплементацијата на новата Рамка за развојна соработка со Обединети нации за периодот 2021-2025;
- подобрување на инфраструктурата во Република Северна Македонија во сите сегменти кои се однесуваат на превозот и транспортот – патен, железнички, воздушен, како и во внатрешната пловидба;
- обезбедување транспортни услуги со висок квалитет и високо ниво на безбедност во патниот сообраќај;
- зајакнување на финансиската и макроекономската стабилност и зголемување на конкурентноста на економијата;
- одржување на солиден економски раст, ефикасна распределба, транспарентност и отчетност на јавните ресурси и зголемен мониторинг во користењето и располагањето на јавните средства;
- предвидлив, ефикасен и праведен даночен систем и зголемување на наплатата на јавните приходи и намалување на буџетскиот дефицит;подобрено управување со јавните финансии преку етапна фискална консолидација, фискална одржливост и поддршка на економијата со зголемени капитални инвестиции;
- намалување на сивата економија и поттикнување на приватна иницијатива и инвестиции;
- воведување на буџетско финансирање во пилот институции по принципот на исполнување на развојните индикатори (СМАРТ – клучни перформансни индикатори);
- унапредување на системот на локалната самоуправа, продолжување на процесот на децентрализација на власта, вклучително и преку унапредување на фискалната децентрализација, фискалниот капацитет и финансиската дисциплина, транспарентноста и отчетноста на општините, подобрување на локалните јавни услуги, зајакнување на капацитетите на општините;
- намалување на разликите во развојот меѓу и во планските региони и зголемување на нивната конкурентна способност;
- доизградба на патните и железничките делови од коридорите 8 и 10;
- подобрување на локалната патна мрежа;
- изградба на магистрални гасоводни линии;
- подобрување на станбено-комуналната инфраструктура;
- распределба на социјални станови за социјалноранливи групи на граѓани;
- подобрување на комуналната инфраструктура во делот на системите за водоснабдување и третман на отпадни води во соработка со единиците на локалната управа;
- зајакнување на здравствените системи фокусирани врз луѓето и капацитетите во јавното здравство и службите за Итна медицинска помош;
- промоција на здравјето и зајакнати превентивни активности;
- поддршка на економијата преку зголемување на инвестициите во науката, истражувањето и иновациите;
- одржлив раст и развој на туризмот во Република Северна Македонија и подобрување на конкурентноста на туристичката понуда во земјата преку креирање на поволна бизнис клима за раст на бројот на мали и средни претпријатија, отворање нови работни места од областа на туризмот и угостителството, како и зголемен прилив на домашни и странски инвестиции во туризмот;
- отворање на нови дестинации преку воспоставување на директни авио линии со познати европски и светски дестинации;
- претставување на Република Северна Македонија како атрактивна туристичка дестинација и меѓународна туристичка соработка;
- создавање на поволна деловна клима со политики на соработка со бизнис-секторот, недискриминација, зголемена ефикасност и транспарентност на институциите и целосно почитување на правната држава;
- модернизација и хармонизација на здравството во насока на управувањето и отчетноста на здравствениот систем, а со цел континуирано унапредување на квалитетот и безбедноста на здравството;
- подобрување на здравствената состојба на населението и здравствена заштита за секој граѓанин – здравствен систем фокусиран кон пациентот;
- поддршка и развој на одржливи и конкурентни микро, мали и средни компании, унапредување на занетчиството, целосно искористување на претприменичкиот дух и знаење на домашните човечки ресурси;
- обезбедување на единствен внатрешен пазар за подобар животен стандард на граѓаните преку поголема заштита на потрошувачите и слободно движење на стоки и услуги;
- зајакната економска активност на дипломатските и конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во насока на зголемување на економската соработка и обемот на трговската размена, како и претставување на Република Северна Македонија како привлечна дестинација за странски инвестиции, преку организирање на бизнис форуми во и надвор од земјата;
- поттикнување на извозот на македонски производи преку присуство на наменски саеми и таргетирање и анимирање на увозниците во земјите на приемот; унапредување на работничките права, преку социјален дијалог на сите нивоа;
- спроведување на културна политика која се базира на клучните вредности на релевантните развојни политики од меѓународен карактер: слобода на творештвото, еднаквост и универзално добро и на најважните движечки принципи: пристапност, учество, еднакви услови и права за сите;
- стимулирање на креативниот уметнички потенцијал и негување на културниот диверзитет на сите граѓани на Република Северна Македонија, независно од етничката, верската, идеолошката, политичката, социјалната, родовата и старосната припадност;
- намалување на детската сиромаштија, обезбедување на загарантиран паричен износ за семејството/домаќинството/децата од социјално ранливи семејства;
- соодветно управување со културното наследство и негова ревитализација со цел да се поттикне социо-економскиот развој на национално и локално ниво;
- унапредување на меѓународната соработка особено на полето на јакнење на средствата за културно изразување, вклучувајќи ги и културните индустрии кои се веќе воспоставени или ќе се креираат;
- зајакнување на билатералната, прекуграничната и регионалната соработка, вклучително и преку поддршка на иновативни облици на меѓународна соработка (нови комуникациски технологии, заеднички проекти и истражувања) како предуслов за поширока европска соработка во рамките на европските програми, иницијативи и проекти;
- продлабочување на партнерските односи со меѓународните организации и спроведување на нивните начела за размена на културните добра, циркулација и вмрежување на креативниот сектор во функција на унапредување на транснационалната културна соработка;
- афирмација на културата на Република Северна Македонија и зголемување на нејзината препознатливост во регионот, во Европа и во светот;
- унапредување на концпетот на родова еднаквост и недискриминација во сите области на општественото живеење, превенција и заштита од сите форми на насилство и вклучување на родовата перспектива во креирањето на политиките и буџетите;
- олеснување на пристапот на меѓународните пазари на стоки и услуги преку склучување на договори за слободна трговија и договори за трговска и економска соработка, либерализација на трговијата со стоки и услуги и идентификување и намалување на бариерите во трговијата во рамките на склучените договори;
- зголемување на економската соработка со земјите каде што има потенцијал за зголемување на обемот на трговската размена, туризам и инвестиции со Јапонија, Јужна Кореја и одделни држави од Блискиот Исток;
- унапредување на економските односи со стратешкиот партнер Соединетите Американски Држави и максимално искористување на поволностите содржани во нивните планови за поддршка на регионалниот економски развој;
- поддршка на активни политики за вработување, отворање на нови работни места, активација на пазарот на труд на потешко вработливите категории на граѓани;
- создавање граѓански амбиент на непречена и стимулативна творечка и креативна културна комуникација, со акцент на дистрибуцијата и рецепцијата на културните и уметничките вредности;
- стимулација на развојот на културата во функција на економскиот прогрес, особено на локално ниво и
- унапредување на правниот систем, организациската поставеност и капацитетот на одговорните субјекти за заштита на културното наследство.
За остварување на стратешкиот приоритет од член 1 став 1 алинеја 2 од оваа одлука, се утврдуваат следните цели:
- поддршка на индустријата за инвестиции во развој на иновации за циркуларна и зелена економија и интернационализација на пазарите;
- основање на зелени индустриски зони преку усвоена легислатива;
- промовирање на зелена транзиција преку градење на капацитети, вештини и зголемување на свеста;
- воспоставување на систем за одржливо управување со отпад;
- иновативен пристап и спроведување на политики за климатско дејствување;
- обезбедување на сигурноста во снабдувањето со електрична енергија и приорден гас, преку интерконективно поврзување со соседните земји и воведување на сајбер безбедност на мрежите;
- заштита на животната средина и одржливо користење на природните ресурси преку воспоставен механизам за наплата на екосистемски услуги;
- подобрување на квалитетот на медиумите во животната средина и спроведување на политики за просторно планирање;
- поттикнување на енергетската ефикасност, обезбедување енергетска сигурност и стабилност преку раст на инвестициите во енергетскиот сектор, олеснување на процесот на изградба на фотоволтаици за домаќинствата и нивно субвенционирање и зголемување на учеството на обновливите видови на енергија во финалната потрошувачка на енергија и
- креирање на политики за одржливо искористување на минералните суровини.
За остварување на стратешкиот приоритет од член 1 став 1 алинеја 3 од оваа одлука, се утврдуваат следните цели:
- Ефективна и ефикасна заштита на финансиските интереси на Европската Унија и националните финансиски интереси, подобрување на законската институционалната и оперативната рамка во превенцијата, откривањето и борбата против неправилностите и измамите при имплементацијата на фондовите во Европската Унија;
- квалитетна подготовка на националната верзија на правото на Европската Унија преку унапредување на процедурите, стандардите и методологиите во насока на обезбедување квалитетен и поеднообразен пристап во сите понатамошни фази на креирање на националната верзија на правото на Европската Унија;
- создавање одржлив модел на правна и стручна ревизија на преводот на правото на Европската Унија (acquis), заради подобрување на квалитетот и конзистентноста на преведените текстови и терминологијата и зголемување на бројот на висококвалификувани експерти, способни да вршат постојани правни и стручни ревизии;
- воспоставување јавно достапна база на преведени акти, верификувана терминолошка база на стручни и правни термини, како и поимници од посебните области на правото на Европската Унија (acquis) за потребите на целата администрација и пошироко;
- ефективна и ефикасна заштита на финансиските интереси на Европската Унија и националните финансиски интереси;
- воспоставување на мотивирана, ефикасна и професионална преговарачка структура за пристапните преговори преку целосна операционализација на структурата за преговори и обезбедување ефикасна стручна поддршка на структурата;
- доследно исполнување на обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА), вклучително и од втората фаза на ССА;
- квалитетно управување со координативните структури, зајакнување на процесот на планирање, подготовка, доследно следење на спроведувањето и известување за Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија (НПАА) како основен стратешки програмски документ во процесот на усогласување на националното законодавство со законодавството на Европската Унија;
-подигнување на нивото на соработка со влијателни земји на европскиот континент и проактивно дипломатско делување (Сојузна Република Германија, Француска Република, Република Австрија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска);
- натамошно унапредување на добрососедските односи и активно учество во регионалните иницијативи со цел постигнување поцврста и поефикасна регионална соработка;
- ефикасна координација на програмирање, искористување, следење, известување, евалуација и обука за зајакнување на капацитетите за спроведување на ИПА II и ИПА III и друга странска помош;
- успешна координација на учеството во програмите за територијална и макро-регионална соработка;
- информирање на јавноста преку организација на јавни настани и други форми на дијалог за напредокот, предизвиците и резултатите од преговорите со Европската Унија, зголемување на видливоста и комуникацијата на ЕУ/ИПА фондовите, како и за значењето на членството на Република Северна Македонија во Европската Унија;
- квалитетно управување со подготовката, планирањето, следењето на спроведувањето и известувањето за реформите поврзани со пристапните преговори, со фокус на Патоказот за владеење на правото, Патоказот за реформа на јавната администрација и Патоказот за функционирање на демократски институции, како и Акцискиот план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и заедниците со мерки за недискриминација, борба против говор на омраза и образование;
- квалитетна подготовка на преговарачки позиции;
- јакнење на политички дијалог со европските држави на билатерално ниво, во насока на реализација на надворешно-политичките приоритети и проширување на секторската соработка во области од заеднички интерес;
- зајакнување на капацитетите на Секретаријатот за европски прашања, Министерството за надворешни работи и Мисијата на Република Северна Македонија при Европската Унија во Брисел вклучени во преговарачките структури за успешно водење на пристапните преговори со Европската Унија;
- спроведување на политичките заложби и меѓународно – правните обврски на Република Северна Македонија кои произлегуваат од меѓународни договори, резолуции и конвенции;
- одржување на дијалог со сите општествени чинители и заинтересирани страни за да бидат вклучени во преговарачкиот процес и во континуитет да даваат свои мислења, идеи во врска со преговорите со Европската Унија и
- развој на ЕУ портал за следење на пристапните преговори и е-демократија.
За остварување на стратешкиот приоритет од член 1 став 1 алинеја 4 од оваа одлука, се утврдуваат следните цели:
- придонес во градењето на отпорност на општеството;
- зајакнување на позицијата на Република Северна Македонија на меѓународен план, развој на билатералните, регионалните и мултилатералните односи со членките на НАТО, Европската Унија и ОБСЕ и другите земји од европскиот и вон-европскиот простор;
- стабилизирање и надоградување на одбранбениот систем фокусиран кон човечкиот капитал;
- донесување и имплементација на највисоките стратешки документи (Национална стратегија за безбедност и Стратегија за одбрана);
- поддршка на меѓународните напори за чување на мирот и безбедноста и
- унапредување на националните одбранбени капацитети и способности согласно стратегиските документи за исполнување на националните обврски од областа на одбраната и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО.
За остварување на стратешкиот приоритет од член 1 став 1 алинеја 5 од оваа одлука, се утврдуваат следните цели:
- спречување на прекуграничниот криминал и илегалната миграција и контрола на реадмисијата и остварување на правото на азил;
- создавање услови за независно, департизирано и ефикасно судство, а со цел правда достапна до сите;
- соработка и воспоставување на заеднички стандарди за сајбер безбедност;
- креирање на системски политики за добро владеење и зголемување на транспарентноста и јакнење на интегритетот на носителите на функции и раководните лица;
- модернизација на Министерството за внатрешни работи и јакнење на капацитетите за непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите;
- зголемување на нивото на јавна безбедност, вклучувајќи ја и безбедноста на патниот сообраќај;
- унапредување на законодавството во развојот на родова еднаквост и стратегии за превенција и заштита на жените од сите форми на родово базирано насилство, вклучувајќи го и семејното насилство;
- одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупција, реформи во насока на владеење на правото и изградба на независни институции и
- зајакнување на соработката со граѓанскиот сектор и создавање услови за негово активно вклучување во креирањето на политики за добро владеење.
За остварување на стратешкиот приоритет од член 1 став 1 алинеја 6 од оваа одлука, се утврдуваат следните цели:
- изградба, реконструкција, санација и обезбедување на енергетска ефикасност на студентските домови и подобрување на студентскиот живот и стандард на младите;
- унапредување на социјалната сигурност на сите категории на граѓани, подобрување на квалитетно предучилишно воспитание и образование во предучилишните установи, зголемување на инвестициите за поголем опфат на деца од предучилишна возраст;
- развивање квалитетно образование достапно за сите кое ќе создава кадар способен за логично и критично размислување базирано на анализи и факти и
- образование во функција на личности кои ќе ги почитуваат и негуваат граѓанските права, толеранцијата, различностите, воспитување во духот на мултикултурализмот и интеркултурализмот и оспособување за потребите на пазарот на трудот.
За остварување на стратешкиот приоритет од член 1 став 1 алинеја 7 од оваа одлука, се утврдуваат следните цели:
- зајакнување на човечките капацитети на секторите/одделенијата кои работат на процесот на интеграција на земјата во Европската Унија во сите министерства и органите на државната управа; зајакнување на внатрешната и надворешната контрола, финансиската инспекција во јавниот сектор, зголемување на транспарентноста и отчетноста во работењето на централно и локално ниво;
- дигитализација на туристичките услуги во Република Северна Македонија;
- воспоставување на единствен елeктронски систем за ЈПП (Јавно приватно партнерство);
- целосно имплементирање на принципите за добро владеење хоризонтално и вертикално во јавниот сектор;
- целосна имплeментација на Концептот за дигитална трансформација на општеството кој се базира на принципи на владеење на правото, социјална кохезија и јавно-приватно партнерство, слободен пристап до информациите од јавен карактер, веродостојни изворници на податоци, „дигиталното е стандардно“ и „само еднаш“ при испорака на услуги за граѓаните и бизнисите;
- изградба на „Primary data center“ за органите на државна управа, јавните претпријатија, училиштата, општините, болниците и другите институции во Република Северна Македонија;
- надградба на Националниот виза-информациски систем (НВИС) и поврзување со системи од други институции на ниво на Република Северна Македонија;
- зајакнување на Центарот за обуки на Секретаријатот за европски прашања во работата на систематско јакнење на капацитетите во процесот на пристапување и пристапните преговори и негова соодветна екипираност;
- зајакнување на капацитетите на Секретаријатот за европски прашања за подготовка на националната верзија на правото на Европската Унија (acquis), преку создавање флексибилна, лесно прилагодлива структура на динамиката на процесот на интеграција, но со доволно човечки ресурси и опременост со компјутерски потпомогнати алатки за превод, која ќе воспоставува и одржува контрола на целиот процес од една точка, особено во текот на преговорите;
- воспоставување на единствен електронски идентитет за секој граѓанин;
- стручна, професионална и департизирана администрација;
- спроведување на политика за задржување на кадарот кој работи на процесот на ЕУ интеграција и пристапни преговори, како и на ИПА структурата за ефикасно и квалитетно управување и координација на процесот на преговори и европски фондови;
- одговорно, отчетно и транспарентно работење на институциите;
- дигитална поврзливост и ИКТ инфраструктура (обезбедување гигабитно поврзување и пристап до интернет за граѓаните и јавните институции, развој на Владина ИКТ инфраструктура и развој на Национална образовна ИКТ инфраструктура);
- дигитализирана јавна администрација;
- изградба и развој на електронска комуникациска инфраструктура и услуги;
- развивање на електронски систем на евиденција на воведените рестриктивни мерки на Европската Унија и нивна доследна примена;
- воведување на „е-конзулат“, односно дигитализација на конзуларните услуги во дипломатските и конзуларните претставништва на Република Северна Македонија, за да им се обезбеди на нашите граѓани во странство полесен пристап, односно брзи и ефикасни услуги на јавната администрација и
- поставување на базни станици за издавање на биометриски патни исправи во дипломатските и конзуларните претставништва на Република Северна Македонија, тековно, со приоритет во дипломатските и конзуларните претставништва со поголема концентрација на државјаните на Република Северна Македонија.
За остварување на стратешкиот приоритет од член 1 став 1 алинеја 8 од оваа одлука, се утврдуваат следните цели:
- унапредување на соодветната и правична застапеност во органите на државната управа и зајакнување на координацијата при изработката на годишните планови за вработување;
- зајакнување и унапредување на координацијата на процесот на децентрализација од аспект на Охридскиот рамковен договор;
- афирмирање и примена на јазикот согласно Законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Северна Македонија на централно ниво и во единиците на локалната самоуправа и
- афирмација и унапредување на културата на припадниците на заедниците и развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците.
Член 3
Средствата потребни за финансирање на стратешките приоритети од член 1 од оваа одлука, ќе се предвидат во Фискалната стратегија на Република Северна Македонија за 2024-2028 година.
Член 4
Во рамките на буџетскиот процес министерствата и другите органи на државната управа ги дефинираат програмите за остварување на стратешките приоритети од член 1 и приоритетните цели од член 2 од оваа одлука, а средствата за нивно финансирање ќе ги вклучат во максималните износи на расходи за секој буџетски корисник одделно, утврдени со буџетскиот циркулар.
Член 5
Со денот на влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за утврдување на стратешките приоритети на Владата на Република Северна Македонија во 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/23).
Член 6
Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 41-12053/4              Претседател на Владата
28 ноември 2023 година  на Република Северна
                                                  Македонија,
Скопје                        д-р Димитар Ковачевски,