„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

Правилник за критериумите за пристап до универзалната услуга, со утврдување на подрачјата на единицита на мрежата, на растојание меѓу поштенските единици и број а поштенски сандачиња

09.12.2023

Врз основа на член 36 став 2 од Законот за поштенските услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/10, 27/14, 42/14, 187/14, 146/15, 31/16, 190/16, 64/18, 248/18 и 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/19, 150/21 и 227/22), Комисијата на Агенција за пошти на состанокот одржан на 27.11.2023 година донесе
П Р А В И Л Н И К
ЗА КРИТЕРИУМИТЕ ЗА ПРИСТАП ДО УНИВЕРЗАЛНАТА УСЛУГА, СО УТВРДУВАЊЕ НА ПОДРАЧЈАТА НА ЕДИНИЦИТЕ НА МРЕЖАТА, НА РАСТОЈАНИЕ МЕЃУ ПОШТЕНСКИТЕ ЕДИНИЦИ И БРОЈ НА ПОШТЕНСКИ САНДАЧИЊА
 
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој Правилник се дефинираат елементите на поштенската мрежа, критериумите на густината на точките на пристап до универзалната услуга, подрачјата на единиците на поштенската мрежа, работното време на поштенските единици, како и други прашања поврзани со организацијата на поштенската мрежа со цел обезбедување на универзалната услуга на цела територија на Република Северна Македонија.
II. ЕЛЕМЕНТИ НА ПОШТЕНСКА МРЕЖА
Поштенска мрежа
Член 2
 Под поштенска мрежа се подразбираат сите видови на средства и објекти, организирани во единствена техничка и технолошка целина која давателот на универзалната услуга ја користи за обезбедување на поштенски услуги на цела територија на Република Северна Македонија
2) Давателот на универзалната услуга е должен поштенската мрежа да ја организира, одржува и развива во согласност со одредбите на овој Правилник.
3) Давателот на универзалната услуга е должен да овозможи пристап до поштенската мрежа за други даватели на поштенски услуги во согласност со одредбите од Законот за поштенските услуги.
4) Давателот на универзална услуга е должен еднаш годишно најдоцна до први февруари во тековната година да достави до Агенцијата за пошти, Извештај за тековните капацитети и густината на поштенската мрежа и Годишна програма за одржување на поштенската мрежа за тековната година.
Годишната програма мора да ги содржи сите предвидени измени кои се однесуваат на обезбедување на универзалната услуга, како и образложени причини за предвидените промени.
5) Точки за пристап се поштенски објекти или други делови од поштенската мрежа во кои се врши прием на поштенски пратки. Точки на пристап во поштенската мрежа се:
1. поштенска единица;
2. поштенски центар;
3. дистрибутивен центар;
4. поштенско сандаче,
5. збирно поштенско сандаче.
Поштенска единица
Член 3
1) Поштенски единици се точки за пристап во кои давателот на универзална услуга обезбедува поштенски услуги. Давателот на универзална услуга е должен да ги презема поштенските пратки примени во поштенските единици секој работен ден, но не помалку од пет дена неделно.
2) Поштенската единица работи под одреден број и назив на населено место. Бројот и називот на поштенската единица го одредува давателот на универзална услуга, со тоа што називот на поштенската единица по правило се одредува според називот на населеното место во кое се наоѓа поштенската единица.
3) Организациски форми на поштенските единици се:
1. пошта;
2. шалтерска пошта;
3. сезонска пошта;
4. договорна пошта;
5. изменична пошта;
6. пошта за царинење, и
7. посебни организациски единици на поштенска единица.
4) Пошта е поштенска единица во која се обезбедуваат сите видови на поштенски услуги предвидени со Законот за поштенските услуги и Правилникот за општите услови за обезбедување на универзалната услуга и се врши доставување на поштенски пратки на одредено доставно подрачје.
5) Шалтерска пошта е поштенска единица во која се обезбедува прием на сите видови поштенски пратки предвидени со Законот за поштенските услуги и Правилникот за општите услови за обезбедување на универзалната услуга, а може да обезбеди и испорака на поштенски пратки преку поштенски преградоци поставени во поштенскиот објект на истата.
6) Сезонска пошта е поштенска единица во која се обезбедуваат поштенски услуги, сезонски во одреден период од годината. Сезонската пошта може да има и одредено доставно подрачје на кое врши доставување на поштенски пратки.
7) Договорна пошта е поштенска единица во која се обезбедуваат сите видови на поштенски услуги предвидени со Законот за поштенските услуги и Правилникот за општите услови за обезбедување на универзалната услуга. Договорната пошта може да се организира на определено доставно подрачје на кое ќе се врши достава на поштенски пратки.
8) Договорна пошта воспоставува давателот на универзална услуга врз основа на писмен договор за услуги, склучен со други правни и физички лица, кои работат за определен надомест во име и за сметка на давателот на универзална услуга.
9) За воспоставување и за организација на договорна пошта, како и за обезбедување на поштенски услуги во истата важат критериумите за достапност на универзалната услуга од овој Правилник, Законот за поштенските услуги и прописите донесени врз основа на законот и актите на давателот на универзалната услуга.
10) Потребата за воспоставување на договорна пошта, давателот на универзална услуга ја објавува на својата веб страница или на огласната табла во односната подружница. Склучувањето договор за услуги за договорна пошта, давателот на универзална услуга го врши од пријавените кандидати или со непосредно спогодување со заинтересирани правни и/или физички лица.
11) Во рок од 8 дена од склучувањето на договорот за услуги за договорна пошта, давателот на универзална услуга до Агенцијата за пошти доставува писмена информација со образложени причини за воспоставување на договорна пошта.
12) Изменична пошта е поштенска единица во која се врши преземање, посредување и отпрема на поштенски пратки во меѓународниот поштенски сообраќај. Давателот на универзална услуга е обврзан да формира најмалку една, а може и повеќе изменични пошти.
13) Пошта за царинење е поштенска единица во која поштенските пратки од меѓународниот поштенски сообраќај се поднесуваат на царински преглед. Поштата за царинење ја формира давателот на универзална услуга во соработка со Царинската Управа на Република Северна Македонија.
14) Посебни организациски единици на поштенската единица можат да бидат:
1. истурен шалтер;
2. поштенски преградок;
3. писмоносна станица на пошторазнесувач, и
4. подвижна пошта.
15) Истурен шалтер е посебна организациска единица на поштенската единица во кој се обезбедува прием на поштенски пратки, а може да обезбедува и испорака на поштенски пратки преку поштенски преградоци. Истурениот шалтер го употребува поштенскиот број и назив на поштенската единица на која организациски и припаѓа и работи со поштенски жиг на истата.
Истурениот шалтер може да се организира во стоковни куќи, сајмишта, трговски центри, болници, универзитети и во објекти на други физички и правни лица.
16) Поштенски преградок е посебна организациска единица на поштенската единица во кој се обезбедува испорака на поштенски пратки преку поштенски преградоци. Поштенските преградоци се поставуваат во просториите на поштенската единица или во објекти од јавен интерес. Поштенскиот преградок се доделува на барање на корисникот и се користи врз основа на договор. Преку поштенски преградок може да се испорачуваат пратки за коресподенција, книги, каталози, весници и периодични списанија.
17) Писмоносна станица на пошторазнесувачот е посебна организациска единица на поштенската единица каде пошторазнесувачот во одредено време извршува одредени поштенски услуги.
18) Подвижната пошта е посебна организациска единица на поштенската единица организирана во соодветно превозно средство во кое се извршуваат поштенски услуги дефинирани од давателот на универзалната услуга. Преку подвижната пошта се обезбедуваатпоштенски услуги на одредено географско подрачје, согласно утврден ред за превоз. Давателот на универзалната услуга треба да ги информира корисниците на поштенските услуги за времето и местото на предавање на поштенските пратки во подвижни пошти.
19) Давателот на универзалната услуга треба во секоја поштенска единица да објави список на поштенски единици по организациска форма и имиња со поштенски броеви.
20) Давателот на универзалната услуга треба во поштенските единици да организира обезбедување поштенски услуги најмалку пет работни денови во неделата.
Поштенски центар
Член 4
1) Поштенски центар е поштенска единица во кој се врши прием, транспорт, сортирање и дистрибуција на поштенски пратки до дистрибутивните центри или до поштенските единици за достава.
2) Давателот на универзалната услуга е должен поштенскиот центар да го организира на начин на кој ќе обезбеди обезбедување на поштенските услуги во согласност со одредбите од Законот за поштенските услуги и подзаконските акти донесени врз основа на него, како и актите на Светскиот поштенски сојуз.
Дистрибутивен центар
Член 5
1) Дистрибутивен центар е поштенска единица во која се врши прием и достава на поштенски пратки, сортирање и дистрибуција на поштенски пратки до поштенски единици за достава, како и до доставните реони на своето доставното подрачје.
2) Давателот на универзалната услуга е должен да го организира работењето на дистрибутивниот центар на начин кој ќе обезбеди исполнување на минималниот квалитет на обезбедување на поштенски пратки, согласно Правилникот за барањата за квалитетот на услугите опфатени со универзалната услуга, параметрите за квалитет и нивното мерење.
Поштенско сандаче
Член 6
1) Поштенско сандаче е точка за пристап до универзалната услуга во кое се обезбедува прием на поштенски пратки во текот на 24 часа без присуство на поштенски работник.
2) Давателот на универзалната услуга е должен да постави поштенски сандачиња на јавни места, улици и објекти со цел на корисниците да им се обезбеди пристап до универзалната услуга во време и на места каде на корисниците на услуги не им се достапни останатите организациски форми на поштенската мрежа.
3) Поштенските сандачиња мора да бидат направени и поставени на начин кој што ќе овозможи безбедност и сигурност на поштенските пратки.
4) Давателот на универзалната услуга е должен да обезбеди празнење на поштенските сандачиња најмалку еднаш дневно, согласно времето на празнење назначено на самото сандаче.
5) Давателот на универзална услуга треба да го означи поштенското сандаче со:
- број на поштенско сандаче;
- време на празнење на поштенско сандаче, и
- поштенската единица која врши празнење на поштенско сандаче.
Збирно поштенско сандаче
Член 7
1) Збирно поштенско сандаче е поштенско сандаче преку кое давателот на универзалната услуга врши прием и достава на поштенски пратки во урбано и рурално населено место.
2) Давателот на универзална услуга ги поставува збирните поштенски сандачиња со согласност на корисниците на поштенски услуги.
III. КРИТЕРИУМИ НА ТОЧКИ ЗА ПРИСТАП ДО УНИВЕРЗАЛНАТА УСЛУГА СО УСЛОВИ ЗА ЗАТВОРАЊЕ ИЛИ ИЗМЕНА НА ПОШТЕНСКИ ЕДИНИЦИ
Основни критериуми на точки за пристап до универзалната услуга
Член 8
1) Давателот на универзална услуга е должен да ги почитува следните критериуми за поставување на точките за пристап до универзалната услуга:
- да бидат достапни на населението, дефинирани преку густина на точките за пристап до универзалната услуга согласно член 9 од овој Правилник и критериумите за работно време на поштенските единици согласно член 14 од овој Правилник, и
- да ги исполнуваат условите за квалитет на универзалната услуга согласно Правилникот за барањата за квалитетот на услугите опфатени со универзалната услуга, параметрите за квалитет и нивното мерење.
Критериуми за густина на точки за пристап до универзална услуга
Член 9
1) Давателот на универзалната услуга е должен да постави точки за пристап, така што со покриеноста на подрачјето да ги задоволи потребите на корисниците и одредбите за квалитет за обезбедување на поштенските услуги пропишани со овој Правилник и Правилникот за барањата за квалитетот на услугите опфатени со универзалната услуга, параметрите за квалитет и нивното мерење.
2) Давателот на универзалната услуга треба да ги постави точките за пристап, согласно следните просечни критериуми:
- една поштенска единица да обезбедува универзална услуга на површина најмногу до 80 км2;
- една поштенска единица просечно да обезбедува поштенски услуги најмногу до 6.000 жители;
- во населеното место растојанието помеѓу поштенските единици не треба да биде поголемо од 3.500 метри, а растојанието помеѓу поштенски сандачиња не треба да биде поголемо од 2.000 метри, и
- давателот на универзалната услуга е должен да постави најмалку една поштенска единица и поштенско сандаче на цела територија во секоја општина (единица на локална самоуправа) во Република Северна Македонија во која ќе се обезбедуваат сите поштенски услуги од опсегот на универзалната услуга.
3) Ставовите 1 и 2 од овој член се однесуваат за цела територија на Република Северна Македонија.
4) Давателот на универзалната услуга има обврска да одржува најмалку 300 поштенски единици и 400 поштенски сандачиња на цела територија на Република Северна Македонија.
5) Давателот на универзалната услуга може на барање на правно лице или на барање на општините (единици на локална самоуправа) да отвори поштенска единица, под услов подносителот на барањето да ги сноси трошоците за изградба и опремување на поштенската единица или да го обезбеди потребниот работен простор.
6) Барањето од ставот 5 од овој член поднесено од правното лице или општините (единици на локална самоуправа) треба да содржи елаборат за отворање на поштенска единица врз основа на кој ќе се утврди економската оправданост за отварање на истата.
7) Трошоците за елаборатот паѓаат на товар на подносителот на барањето.
8) По исклучок, давателот на универзалната услуга може да отвори поштенска единица и во случај кога со елаборатот се утврди дека поштенската единица ќе работи со загуба, под услов подносителот на барањето да ја покрие загубата, што ќе биде регулирано со договор.
Затворање или измена на поштенски единици
Член 10
1) Давателот на поштенски услуги може да затвори или измени поштенска единица под услов корисниците на поштенски услуги и понатаму да добиваат поштенски услуги со соодветен квалитет.
2) За затварање на поштенска единица подолго од шест месеци давателот на универзална услуга треба да добие претходна согласност од Агенцијата за пошти, врз основа на претходно доставено барање со образложение до Агенцијата.
3) Со барањето од ставот 2 на овој член, давателот на универзалната услуга е должен да ја образложи постојната состојба, која ги содржи разумните потреби на корисниците на поштенски услуги со образложение за потребите за затварање на поштенската единица, да достави податоци за остварен обем за последните две години прием/достава, финансиски резултати за последните две години, и тоа вкупни приходи и приходи од поштенски услуги, вкупни расходи, како и податоци за начинот на кој ќе се обезбедува универзалната услуга по затварање на поштенската единица.
4) За секоја измена на поштенската мрежа, давателот на универзалната услуга е должен најмалку еден месец претходно да ја извести Агенцијата.
5) Под измени на поштенската мрежа се подразбира:
- преселување од една на друга локација во исто населено место;
- трансформирање на поштенската единица во договорна пошта;
- промена на работното време на поштенската единица, и
- трансформација на видот на поштенската единица.
6) Давателот на универзалната услуга, може привремено да ја затвори поштенската единица на одредено подрачје, во период помалку од 6 месеци, заради градење на друга или за реновирање на објектот, заради оправдани економски показатели за кои треба да достави податоци за претходните две години. За време на привременото затворање на поштенската единица, давателот на универзалната услуга е должен да обезбеди, минимални услови за обезбедување на поштенски услуги преку точките за пристап до универзалната услуга, наведени во член 3 став 1 од овој Правилник, или пренесување на работата во друга најблиска поштенска единица. Давателот на универзалната услуга е должен најмалку еден месец пред привременото затварање на поштенската единица да ја извести Агенцијата за пошти и да наведе каде и како ќе ја обезбедува поштенската услуга во периодот на привременото затварање на поштенската единица.
7) Давателот на универзалната услуга мора однапред да ги информира корисниците на поштенски услуги, најмалку 15 дена пред да настапи затварањето, измената или привременото затворање на поштенската единица.
Опрема и средства на поштенска мрежа
Член 11
Под опрема и средства на поштенската мрежа се подразбираат опрема и средства за работа, односно типизирана опрема од електронски и механички уреди, поштенски автомати, како и типизирани транспортни превозни средства и друга опрема и средства со кои се обезбедува функционирање на поштенскиот сообраќај и обезбедување на поштенските услуги.
Поставување на поштенски објекти
Член 12
Поштенските објекти во кои се обезбедуваат поштенските услуги се градат и поставуваат на места кои ќе овозможат ефикасен и безбеден пристап на корисниците на поштенски услуги.
IV. ПОДРАЧЈА НА ЕДИНИЦИ НА ПОШТЕНСКА МРЕЖА
Доставно подрачје на поштенска единица
Член 13
1) Доставно подрачје на поштенска единица е организациски дел на поштенската единица, организиран за доставување на поштенски пратки.
2) Давателот на универзалната услуга на доставното подрачје на поштенската единица врши достава и прием на поштенски пратки во согласност со начинот и условите за прием на поштенски пратки, дефинирани во Правилникот за општите услови за обезбедување на универзалната услуга и со овој Правилник.
3) Давателот на универзалната услуга работите од став 2 на овој член може да ги извршува и со договорен пошторазнесувач.
4) Договорен пошторазнесувач е физичко лице кое врши прием и достава на поштенски пратки на определено доставно подрачје во име и за сметка на давателот на универзална услуга за определен надомест, врз основа на склучен писмен договор за услуги.
5) Давателот на универзална услуга ја објавува потребата од договорен пошторазнесувач на својата веб страница или на огласната табла во односната подружница. Давателот на универзална услуга склучува договор за услуги за договорен пошторазнесувач, со избраниот кандидат од пријавените или со непосредно спогодување со заинтересирано физичко лице.
6) Договорниот пошторазнесувач ги извршува доставата и приемот на поштенски пратки согласно внатрешните акти на давателот на универзална услуга. Договорниот пошторазнесувач не смее да работи за други даватели на поштенски услуги.
7) Организацијата на доставата во поштенските единици се врши преку поделба на доставното подрачје на поштенската единица на доставни реони на пошторазнесувачот. Големината на доставниот реон давателот на универзалната услуга го одредува во зависност од количината и видот на поштенски пратки кои треба да се достават, конфигурацијата на теренот, како и од времето кое е потребно пратките да се достават на примачот.
8) Доставното подрачје на одредена поштенска единица може да се подели на доставно подрачје во урбано населено место на поштенска единица и доставно подрачје на поштенска единица во рурално населено место.
9) Доставно подрачје на поштенската единица во урбано населено место опфаќа едно населено место. Давателот на универзалната услуга во урбаните доставни подрачја обезбедува доставување на поштенски пратки најмалку еднаш дневно, пет работни дена во неделата.
10) Рурално доставно подрачје на поштенската единица е подрачје во едно или повеќе рурални населени места. Давателот на универзалната услуга во руралните доставни подрачја обезбедува доставување на поштенски пратки најмалку еднаш дневно, пет работни дена во неделата.
11) Урбано населено место е градско населено место кое има повеќе од 3.000 жители со развиена патна инфраструктура, развиена структура на дејности и со адресен систем на домување. Во урбано населено место може да постојат повеќе поштенски единици за прием и достава.
12) Рурално населено место претставува селско населено место кое не ги исполнува критериумите од став 11 на овој член. Во рурално населено место може да постои поштенска единица за прием и достава на поштенските пратки.
13) Во руралните доставни подрачја поради непристапност на теренот до корисникот или недоволна патна инфраструктура, односно во ретко населени места поради мал обем на поштенски услуги, Агенцијата за пошти на барање на давателот на универзална услуга може да одобри исклучок од минималните денови за собирање и достава на поштенски пратки наведени во став 10 од овој член.
14) Давателот на универзалната услуга должен е во барањето од став 13 на овој член до Агенцијата за пошти да достави детална анализа за оправданоста на исклучокот од предвидените минимални денови за собирање и достава во руралните доставни подрачја.
Агенцијата за пошти дава согласност на поднесеното барање за исклучок од предвидените минимални денови за достава на поштенски пратки во рурални доставни подрачја. Агенцијата за пошти може да побара дополнителни податоци при давање на согласност.
V. РАБОТНО ВРЕМЕ И КРИТЕРИУМИ ЗА РАБОТНО ВРЕМЕ НА ПОШТЕНСКИ ЕДИНИЦИ
Работно време на поштенски единици
Член 14
1) Давателот на универзалната услуга е должен да ја обезбедува универзалната услуга со најмалку еден прием и едно доставување во текот на еден работен ден, а не помалку од пет работни дена во неделата. Работното време на поштенските единици со корисници на поштенски услуги треба да изнесува најмалку седум часа дневно, секој работен ден во неделата, освен во случаи на државни и верски празници, виша сила и случаи на загрозеност на здравјето и безбедноста на вработените.
2) Работното време на поштенските единици го одредува давателот на универзална услуга врз основа на:
- потребите на корисниците за поштенски услуги;
- одредбите предвидени за мерење на квалитетот на поштенските услуги, и
- други посебни околности.
3) Потребите на корисниците за поштенски услуги се утврдуваат врз основа на просечниот број на примени пратки во поштенската единица во одреден временски период и врз основа на извршена анкета на корисниците на поштенски услуги.
4) Работното време на поштенските единици се утврдува и врз основа на одредбите предвидени за мерење на квалитетот на поштенските услуги во зависност од најкасното време за прием на поштенски пратки во одредена поштенска единица и врз основа на одредбите за мерење на квалитетот од Правилникот за барањата за квалитетот на услугите опфатени со универзалната услуга, параметрите за квалитет и нивното мерење.
5) Под други посебни околности се смета потребата од обезбедување на поштенски услуги во време на туристичка сезона и за време на одржување на културни и спортски манифестации.
6) Давателот на универзалната услуга може да го организира работното време со корисници на поштенски услуги во зависност од организациската форма и локацијата на поштенската единица, како:
- поштенска единица со непрекинато работно време во период од 24 часа;
- поштенска единица со целодневно работно време во период од 12 часа, и
- поштенска единица со еднократно работно време од најмалку 7 часа.
7) Давателот на универзалната услуга е должен до Агенцијата за пошти да достави список на поштенски единици со работно време за корисниците на поштенски услуги.
8) Давателот на универзалната услуга пред да изврши промена на работното време е должен до Агенцијата за пошти да ги достави причините за извршената промена.
9) Давателот на универзалната услуга е должен, најмалку 15 дена пред да настане измената на работното време на поштенската единица, да ги извести корисниците на поштенски услуги преку писмено известување поставено на влезот во поштенската единица.
10) Давателот на универзалната услуга е должен работното време со корисници да го истакне на влезот на секоја поштенска единица.
Критериуми за работно време на поштенски единици.
Член 15
1) Непрекинато работно време може да се организира во поштенски единици лоцирани на гранични премини, седум дена во неделата.
2) Целодневно работно време се организира во поштенски единици лоцирани во населени места со повеќе од 50.000 жители, за секој работен ден во неделата.
3) Еднократно работно време се организира во поштенски единици во населени места со помалку од 50.000 жители, за секој работен ден во неделата.
4) Поштенските преградоци за корисниците се отворени во рамките на работното време на поштенската единица.
VI. БАЗА НА ПОДАТОЦИ
База на податоци поврзани со поштенската мрежа
Член 16
1) Давателот на универзалната услуга должен е да обезбедува и управува со база на податоци поврзана со поштенската мрежа и тоа:
- база на податоци на имиња со поштенски броеви,
-денови на работа и работно време на поштенските единици;
- база на податоци за организационата форма на поштенските единици,
- база на податоци за доставни реони по доставни подрачја на поштенските единици.
2) Давателот на универзалната услуга може да овозможи пристап до податоците поврзани со поштенската мрежа врз основа на барање, поднесено од корисниците или од давателите на поштенски услуги.
VII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Влегување во сила
Член 17
Со влегувањето во сила на овој Правилник престанува да важи Правилникот за критериумите за пристап до универзалната услуга, со утврдување на подрачјата на единиците на мрежата, на растојание меѓу поштенските единици и број на поштенски сандачиња бр.10-54/3 од 3.2.2015 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 17/2015).
Член 18
Овој Правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија".
                                             Агенција за пошти
Бр.02-246/9                            Комисија,
27 ноември 2023 година Претседател
Скопје                              Борче Груевски, с.р.