„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

Правилник за составот и начинот на работа на Советот за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи

14.12.2023

Врз основа на член 87-а од Законот за судовите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.58/06, 35/08, 150/10, 83/18, 198/18 и 96/19), министерот за правда донесе
П Р А В И Л Н И К
ЗА СОСТАВOT И НАЧИНOT НА РАБОТА НА СОВЕТОТ ЗА КООРДИНИРАЊЕ НА ИНФОРМАТИЧКО-КОМУНИКАЦИСКА ТЕХНОЛОГИЈА ВО ПРАВОСУДНИТЕ ОРГАНИ
 
Член 1
Co овој правилник поблиску се пропишува составот на Советот за координирање на информатичко-комуникациската технологија во правосудните органи во натамошниот текст: Совет за ИКТ, како и начинот на неговата работа.
Член 2
(1) Советот за ИКТ се основа како оперативно стручно тело составено за координирање на информатичко-комуникациската технологија (во натамошниот текст: ИКТ) во правосудните органи.
(2) Советот за ИКТ во рамките на своите активности предлага, создава, спроведува и обезбедува ИКТ решенија што имаат за цел зголемување на ефикасноста и транспарентноста на правосудниот систем, како и централизирање на информатичките системи воспоставени во Судскиот совет на Република Северна Македонија, Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, Врховниот суд на Република Северна Македонија, сите судови и јавни обвинителства, Министерството за правда, Управата за извршување на санкции, казнено – поправните, воспитно - поправните установи и Академијата за судии и јавни обвинители, а заради обезбедување на брз, автоматизиран и непречен пристап до податоци, како и нивна меѓусебна интероперабилна размена.
Член 3
(1) Со цел утврдување на приоритетите, Советот за ИКТ:
- Континуирано ја следи имплементацијата на Стратегијата за ИКТ во правосудството и Акцискиот план и предлага нивна ревизија;
- Ги дефинира и имплементира мерките и активностите за дигитализација на правосудството;
- Ги координира активостите со работата на Националниот совет за ИКТ и со другите владини политики за развој на ИКТ;
- Го координира процесот на размена на информации за состојбата на ИКТ во правосудните органи, ги идентификува проблемите во работата и предлага мерки за нивно надминување и натамошно унапредување на правосудниот систем;
- Изготвува протоколи за внесување и размена на податоци преку централизираниот систем за ИКТ за унифицирано постапување на вработените во органите на правосудниот систем;
- Ги дефинира податоците и индикаторите кои ќе се внесуваат во централизираниот систем;
- Учествува во подготовка на закони, други правни акти и превзема мерки од областа на примена на ИКТ во правосудните органи како и дава мислења по материјали од делокругот на работа на Советот за ИКТ;
- Го следи процесот на подготовка, развој и имплементација на стандарди, планови, програми, проекти и хардверски и софтверски решенија во правосудните органи;
- Дава препораки за програми за обука на вработените во правосудните органи за подобрување на квалитетот на работата за постојните платформи за ИКТ согласно закон;
- Ја слледи достапноста на човечки, технички и материјални ресурси и дава препораки за нивно подобрување, презема активности за градење и искористување на постојниот ИКТ кадар и структури во правосудството и ги координира на оперативно ниво.
(2) За својата работа Советот за ИКТ донесува Деловник со кој поблиску се уредува начинот на работа.
(3) Своите функции за координирање, Советот за ИКТ ги остварува преку мониторинг и евалуација на проектите од областа на ИКТ во сите правосудни органи со цел нивна комплементарност со работата и активностите на Советот за ИКТ.
Член 4
(1) Советот за ИКТ e составен од 13 (тринаесет) члена кои ги именува министерот за правда и тоа: од Министерството за правда, Министерството за информатично општество и администрација, Судскиот совет на Република Северна Македонија, Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, Здружението на судии на Република Северна Македонија, Здружението на јавни обвинители на Република Северна Македонија, Академијата за судии и јавни обвинители, од редот на судовите и јавните обвинителства, како и од здруженијата и фондациите кои работат во областа на правосудството и академската заедница.
(2) Членовите на Советот за ИКТ се избираат со мандат од две години, со право на уште еден реизбор.
(3) Административно-техничките работи на Советот ги врши секретар, односно негов заменик, кои ги определува Министерот за правда од редот на административните службеници на Министерството за правда.
(4) Со Советот за ИКТ раководи претседател. Претседателот има заменик кој го заменува во случај на негова спреченост.
(5) На предлог на членовите, на седниците на Советот за ИКТ по потреба се повикуваат и други претставници, без право на глас.
Член 5
(1) Конститутивната седница ја свикува министерот за правда и со неа раководи највозрасниот член на Советот на ИКТ.
(2) На конститутивната седница со мнозинство гласови се избираат претседател и заменик претседател на Советот, со мандат од две години.
Член 6
(1) Советот за ИКТ работи на седници на кои се присутни најмалку половината од членовите, а одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови.
(2) Секретарот за секоја седница изготвува записник кој го потпишуваат претседателот на Советот за ИКТ и секретарот.
Член 7
Седниците на Советот за ИКТ се одржуваат најмалку еднаш месечно со физичко присуство на членовите.
Член 8
(1) За својата работа Советот за ИКТ поднесува полугодишни извештаи до Министерството за правда, кои се доставуваат најдоцна до крајот на јуни односно декември во тековната година.
(2) Полугодишните извештаи ги потпишуваат сите членови на Советот за ИКТ
(3) По барање на министерот за правда, Советот за ИКТ е должен да достави извештај за своето работење и во пократок рок од рокот определен во ставот (1) од овој член.
(4) Извештаите на Советот за ИКТ се јавни и се објавуваат на веб-страницата на Министерството за правда.
Член 9
(1) Членовите на Советот за ИКТ за својата работа одговараат пред министерот за правда.
(2) Во случај на непочитување на обврските согласно овој Правилник претседателот, односно неговиот заменик се должни да го известат министерот за правда со цел разрешување на соодветниот член.
(3) Министерот за правда разрешува член на Советот за ИКТ заради:
- несовесно и нестручно вршење на работата,
- злоупотреба на службената должност,
- доколку е недостоен за вршење на работите во Советот за ИКТ или
- неоправдано отсуство на три последователни седници.
Член 10
(1) Членовите на Советот за ИКТ имаат право на еднократен месечен паричен надоместок во износ од една третина од просечната нето плата во Република Северна Македонија, согласно Законот за судовите, во зависност од нивното присуство на седниците на Советот констатирано со записниците од одржаните седници.
(2) Секретарот на Советот за ИКТ има право на еднократен месечен паричен надоместок во износ од една половина од месечниот паричен надоместок исплатен на членовите на Советот за ИКТ во месецот за кој се врши исплатата.
(3) Надоместоците од член 1 и 2 од овој Правилник се исплаќаат од буџетот на Министерството за правда.
Член 11
(1) Министерот за правда во рок од 30 дена од влегувањето во сила на овој правилник ќе донесе Одлука за основање на Советот за ИКТ.
(2) Со денот на влегувањето во сила на овој правилник, престанува да важи Правилникот за состав и начин на работа на Советот за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи бр.1672/1 од 10.6.2021 година и бр.01-739/1 од 28.2.2022 година.
(3) Мандатот на членовите избрани со Правилникот за состав и начин на работа на Советот за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи бр.1672/1 од 10.6.2021 година и бр.01-739/1 од 28.2.2022 година ќе престане со избор на нови членови во рок од 15 дена од денот на влегување во сила на овој правилник.
Член 12
Овој Правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 08-148/9
13 декември 2023 година    Министер за правда,
Скопје                                          Krenar Lloga, с.р