„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

Правилник за изменување и дополнување на правилникот за начинот на катастарското класирање и утврдувањето и запишувањето на промента на катастарската кулутра и класа на земјиштето

21.12.2023

Врз основа на член 81 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ број 55/2013, 41/2014, 115/2014, 116/2015, 153/2105, 192/2015, 61/2016, 172/2016, 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 124/2019), Управниот одбор на Агенцијата за катастар на недвижности донесе
П Р А В И Л Н И К
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ПРАВИЛНИКОТ ЗА НАЧИНОТ НА КАТАСТАРСКОТО КЛАСИРАЊЕ И УТВРДУВАЊЕТО И ЗАПИШУВАЊЕТО НА ПРОМЕНАТА НА КАТАСТАРСКАТА КУЛТУРА И КЛАСА НА ЗЕМЈИШТЕТО
 
Член 1
Во Правилник за начинот на катастарското класирање и утврдувањето и запишувањето на промената на катастарската култура и класа на земјиштето („Службен весник на Република Македонија“ број 144/13, 95/15 и 149/17), членот 27 се менува и гласи:
„При одржување на катастарот на недвижностите, земјиштето може да претрпи промени во катастарската култура и класа при промена на начинот на искористување на земјиштето и/или при промена на природните и економските услови на земјиштето за земјоделско, шумско и друго производствo.“.
Член 2
По членот 29, се додава нов член 29-а кој гласи:
„Член 29-а
(1) При одржување на катастарот на недвижностите, земјиштето може да претрпи промени во катастарската класа при промена на катастарската култура и/или при промена на природните и економските услови на земјиштето за земјоделско, шумско и друго производствo.
(2) При промена на катастарска култура, катастарските класи се утврдуваат според соседните или најблиските катастарски парцели со иста катастарска култура и со еднаква положба на земјиштето. Доколку таква катастарска култура не се наоѓа во близина на катастарската парцела за која се утврдува катастарска класа, класирањето се врши врз основа на утврдените огледни земјишта во катастарската општина.
(3) Промена на катастарската класа на постојна култура на земјиштето, се врши доколку настанала промена на природните и економските услови на земјиштето за земјоделско, шумско и друго производство.
(4) Утврдувањето на настанатите промени на природните услови на земјиштето од ставот (3) на овој член го врши стручно лице од областа на педологијата
- педолог врз основа на извршен увид на самото место и направени испитувања на земјиштето во акредитирана педолошка лабораторија, за што изготвува педолошки елаборат, со кој се утврдува квалитетот на земјиштето за кое се бара промена на катастарска класа, како и почвен тип и група спрема утврдената плодност.
 (5) За запишување на промена на катастарската класа од ставот (3) на овој член, подносителот на пријавата, покрај доказ издаден од надлежен орган со кој ќе се потврди дали катастарската парцела на која се однесува барањето за промена на катастарска класа се наоѓа или не се наоѓа во градежен реон, доставува и педолошки елаборат изработен согласно став (4) на овој член.
(6) Утврдување на промена на катастарска класа од ставот (3) на овој член го врши стручно лице дипломиран инженер агроном при Агенцијата за катастар на недвижности, врз основа на педолошкиот елаборат од став (4) на овој член и врз основа на увид на самото место во присуство на подносителот на пријавата, за што изготвува записник.
(7) Записникот за утврдена промена на катастарската класа на земјиштето од ставот (6) на овој член претставува акт врз основа на кој се врши промена на катастарската класа во смисол на став (3) од овој член.
(8) Формата и содржината на записникот од ставот (6) на овој член е дадена во прилог број 1 кој е составен дел на правилникот.“
Член 3
Во членот 30 ставот (4) се брише.
Член 4
Овој правилник влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 0101-17722/1                         Управен одбор
18 декември 2023 година           Претседател,
Скопје                                       Роберт Бешовски, с.р