„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

ОДЛУКА ЗА ФОРМИРАЊЕ НА НАЦИОНАЛЕН СОВЕТ ЗА РАЗВОЈ

20.02.2024

Врз основа на член 11 став (1) од Законот за Националната развојна стратегија
(„Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.30/24), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на ден 13 февруари 2024 година, донесе
 
ОДЛУКА ЗА ФОРМИРАЊЕ НА НАЦИОНАЛЕН СОВЕТ ЗА РАЗВОЈ
 
Член 1
Со оваа одлука се формира Националниот совет за развој (во натамошниот текст:
Советот), како постојано советодавно тело на Владата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Владата).
Член 2
(1) Советот е составен од претседател и членови.
(2) Со Советот претседава претседателот на Владата или при негова спреченост или отсуство еден од замениците на претседателот на Владата, определен од негова страна.
(3) Членови на Советот се:
1. претседателот на Владата и неговите заменици;
2. еден претставник од Канцеларијата на претседателот на Република Северна
Македонија;
3. еден претставник од Кабинетот на претседателот на Собранието на Република
Северна Македонија;
4. координаторите на пратеничките групи и по еден пратеник од политичките партии застапени во Собранието на Република Северна Македонија кои не се организирани во пратеничка група;
5. министерот за финансии;
6. министерот за економија;
7. министерот за одбрана;
8. претседателот на Македонската академија на науките и уметностите;
9. генералниот секретар на Владата;
10. по еден претставник од:
- Стопанската комора на Северна Македонија,
-Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии;
- Стопанската комора на северо-западна Македонија и
- Сојузот на стопански комори на Македонија;
11. претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа;
12. претседателите на осумте совети за развој на планските региони;
13. по еден претставник од репрезентативните синдикати;
14. претставници од установите од високото образование, со потесна специјалност од областа на стратешки развој, економија, социјален развој и заштита на животната средина, номинирани од јавните универзитети;
15. тројца претставници на здруженија номинирани од Советот за соработка меѓу
Владата и граѓанското општество, од кои најмалку еден претставник на здруженија од областа на заштита на маргинализираните лица и
16. двајца претставници на млади, номинирани од Националниот совет на млади.
(4) Членовите на Советот од став (3) точки 10, 13, 14, 15 и 16 на овој член се именуваат за период од три години.
(5) Во работата на Советот може да учествуваат и претставници на други државни
органи или здруженија.
Член 3
(1) Советот ја организира подготовката на Националната развојна стратегија (во
натамошниот текст: Стратегијата) и Програмата за спроведување на  Националната развојна стратегија (во натамошниот текст: Програмата), го разгледува нацрт текстот и го доставува предлог текстот до Владата.
(2) Советот дава мислења и препораки за планирањето, спроведувањето и следењето на спроведувањето на Стратегијата, утврдувањето и примената на средствата и начините за финансирањето на Стратегијата.
(3) Советот ги врши и следниве работи:
- дава мислења и препораки за визијата и клучните развојни насоки и стратешки цели и приоритети на Република Северна Македонија;
- разгледува прашања од областа на политиките за стратешки развој во Република Северна Македонија;
- развива соработка со релевантни институции во земјата и странство по однос на
прашања од стратешки развој;
- разгледува конкретни прашања и проблеми поврзани со стратешкиот развој;
-дава предлози поврзани со содржината, методологијата и динамиката на подготовка на Стратегијата;
- предлага финансиска рамка до Министерството за финансии за спроведување на Стратегијата;
- дава предлози до Владата за ажурирање на Стратегијата и
- разгледува и други прашања од значење за стратешкиот развој на Република Северна Македонија.
Член 4
Советот има две помошни тела, и тоа Управен одбор и Работен комитет.
Член 5
(1) Управниот одбор е помошно тело на Советот, кое обезбедува стратешка и
партнерска соработка на Советот со меѓународната заедница, меѓународните финансиски институции и донаторите.
(2) Членови на Управниот одбор се претседателот на Владата или заменик на
претседателот на Владата предложен од негова страна и министерот за финансии.
(3) Управниот одбор надвор од редовното заседавање е неформален и цели да
овозможи советување и афирмација од страна на меѓународната заедница во секоја фаза од подготовката, имплементацијата и следењето на спроведувањето на Стратегијата.
Член 6
(1) Управниот одбор го сочинуваат постојаните членови од член 5 став (2) од оваа
одлука и надворешни членови од различни области и тоа: меѓународни експерти кои се избираат од редот на билатерални донатори, од редот на меѓународни финансиски институции и домашни експерти. Бројот на надворешни членови и надворешните членови ги предлага Советот.
(2) Членовите на Управниот одбор ги избира Советот.
Член 7
(1) Со Управниот одбор претседава претседателот на Владата или заменик на
претседателот на Владата предложен од негова страна.
(2) Управниот одбор се состанува најмалку еднаш годишно, во месец мај.
Член 8
Управниот одбор ги врши следните работи:
- го советува и му помага на Советот и засегнатите страни во процесот на подготовка,
спроведување и следење на спроведувањето на Стратегијата;
- го советува Советот за стратешките приоритети на европско и на глобално ниво;
- ја промовира работата на Советот во меѓународната заедница и кај донаторите;
- обезбедува и споделува меѓународни знаења и искуства со Советот;
- ја координира донаторската помош за спроведување на Стратегијата; и
- врши други работи кои обезбедуваат стратешка и партнерска соработка на Советот со меѓународната заедница и донаторите.
Член 9
(1) Работниот комитет е помошно тело на Советот кое обезбедува експертска и
техничка поддршка на Советот.
(2) Работниот комитет се организира и работи во групи и подгрупи по области,
обезбедувајќи застапеност на стручни лица од органите на управата, другите јавни институции, здруженијата, стопанството и установите од високото образование.
(3) Членовите на работниот комитет ги избира Советот по пат на јавен повик од редот на вработените во органите на државната управа, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, другите јавни институции, здруженија и приватниот сектор.
(4) Работниот комитет ја спроведува техничката подготовка на текстот на Стратегијата и на Програмата и доставува нацрт текст до Советот.
Член 10
(1) Работниот комитет се организира и работи во четири подгрупи, по моделот на
четирикратна спирала и тоа:
- Подгрупадржавна администрација: државни секретари, административни
службеници од единиците за стратешко планирање, од единицте за нормативно работење
во органите на управата, единиците задолжени за планирање на буџет и други прашања
поврзани со буџет, како и од единиците кои се задолжени за вршење на работите од
соодветните стратешки области на Националната развојна стратегија;
- Подгрупа граѓанско општество: тематски - здруженија на граѓани, здруженија на
ранливи заедници, синдикати, медиуми и истражувачки тела на политички партии;
- Подгрупа бизнис заедница: стопански комори и здружение на работодавачи; и
- Подгрупа јавни институции: претставници од другите власти, претставници на
единиците на локалната самоуправа, другите јавни институции кои вршат дејности од областа на културата, науката, трудот, социјалната заштита, заштита на децата, здравството, комуналните дејности а кои се основани на национално и на локално ниво,како и претставници на правосудството;
(2) Членовите на подгрупите ги избира Советот по пат на јавен повик.
(3) Јавниот повик од ставот (2) на овој член се објавува најдоцна три месеци од денот на формирањето на Советот.
(4) Пријавите за учество во работата на подгрупите на Работниот комитет се прибираат најдоцна еден месец по објавувањето на јавниот повик од став (2) на овој член, при што се формира листа на пријавени учесници и истата се доставува до Советот. Пријавувањето останува отворено за целиот период на изработката на Стратегијата, а ажурирање на списокот на членови врши Советот, на секоја седница на Советот.
(5) Подгрупите можат да работат и во состав на членови од различни тематски
подгрупи, зависно од природата на работата.
Член 11
(1) Стручната и административно-техничката поддршка на работата на Советот и
помошните тела ја обезбедува оперативна структура во Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија.
(2) Оперативната структура од ставот (1) на овој член ги врши следните работи:
- координација и организирање на подготовката, спроведувањето, следењето на
спроведување, известувањето и оценувањето на степенот на спроведеност на
Стратегијата;
- логистичката поддршка на Советот и на помошните тела на Советот;
- стручна поддршка на Советот и на помошните тела во областите од стратешкото
планирање и следењето на спроведувањето на Стратегијата, иновации при креирањето на јавни политики, управување со податоци и размена на податоци помеѓу органите на управата, другите државни органи и Советот, обезбедува внатрешната координација
помеѓу телата на Советот;
- организира седници на Советот и обезбедува документација за подготовка на
седниците на Советот, известува и води евиденција;
- организира седници на Управниот одбор и обезбедува документација за подготовка на седниците на Управниот одбор, известува и води евиденција;
- на инициијатива на претседателот на Советот или на постојан лен на Управниот одбор организира средби помеѓу членовите на Советот и членовите на Управниот одбор, овозможува размена на материјали, а на барање на претседателот на Советот организира тематски работни подгрупи во Работниот комитет;
- го објавува јавниот повик од член 10 став (2) од оваа одлука и ги прибавува пријавите од член 10 став (4) од оваа одлука, составува, ажурира и води список на членови на подгрупите од Работниот комитет;
- свикува, организира, модерира работните средби, систематизира, структурира и чува материјали од работните подгрупи од Работниот комитет, и истите ги доставува до претседателот на Советот.
- на барање на претседателот на Советот, доставува материјали на Советот до
медиумите, ги огласува во електронското гласило на Владата и врши други активности за обезбедување на јавност на работата на Советот.
(3) Просторните и техничките услови за непречено извршување на задачите на Советот и помошните тела на Советот ги обезбедува Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија.
Член 12
(1) Советот се свикува најмалку два пати во годината, еднаш во април и еднаш во
октомври во тековната година.
(2) Советот може да се свика и по потреба на покана од претседателот на Советот.
(3) Начинот на работа на Советот се уредува со Деловник за работа.
Член 13
Советот доставува информација за својата работа до Владата на Република Северна Македонија еднаш годишно.
Член 14
Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на
Република Северна Македонија“.
 
Бр. 41-2543/3                                                         
13 февруари 2024 година                                 
Скопје                                                            
 
Заменик на претседателот на Владата на 
Република Северна Македонија
      Фатмир Битиќи, с.р.