„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

ПРЕДЛОГ – ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЖЕЛЕЗНИЧКИ СИСТЕМ

17.11.2022

 Со овој Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за железнички систем се врши усогласување со барањата за отворање на железничкиот пазар од страна на Европската Унија, а се вршат измени и во делот за подобрување на работењето на управителот на инфраструктурата и железничкиот превозник, како и употребата на јазиците согласно со Законот за употреба на јазиците.

Измените и дополнувањата ја доуредуваат должноста управителот на инфраструктура, согласно со националната програма за железничка инфраструктура секоја година да донесе бизнис план за работење во кој треба да се содржани инвестиционите и финансиските програми, како и методологија за распределба на средства за покривање на трошоци од вршење на дејноста. Бизнис планот треба да биде изготвен за да се постигне оптимална и ефикасна употреба и развој на железничката инфраструктура, со што ќе се обезбеди финансиска рамнотежа на управителот на инфраструктура, како и да се остварат други технички, финансиски и услужни цели. Управителот на инфраструктура е должен во бизнис планот да ги утврди и методите за реализација на инвестиционите и финансиските програми. Бизнис планот на управителот на инфраструктура се изработува за период од пет години, а управителот на инфраструктура го изготвува според видот на потребата за изградба, реконструкција, ремонт, одржување, заштита на железничката инфраструктура и организирање и регулирање на железничкиот сообраќај. На бизнис планот на управителот на инфраструктурата согласност дава Владата на Република Северна Македонија, а истиот се доставува на увид до Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор.
Во делот Планирање, изградба, реконструкција, ремонт, одржување и заштита на железничка инфраструктура, со измените и дополнувањата се предвидува дека изградбата, реконструкцијата, ремонтот и одржувањето на постојаната или нова железничка инфраструктура се утврдуваат со поместувачка и динамичка национална програма за развој на железничка инфраструктура која се донесува за период од пет години (во натамошниот текст: национална програма). Националната програма ја донесува Владата на предлог на Министерството за транспорт и врски по донесување на фискалната стратегија, најдоцна до 31 јануари во тековната година и истата се објавува во Службен весник на РС Македонија. Националната програма се ревидира секоја година со изземање на изминатата година и додавање на една година повеќе. Со националната програма се утврдуваат предвидените активности, динамиката на реализација, како и висината и изворите на финансиските средства за изградба, реконструкција, ремонт и одржување на железничката инфраструктура за наредни години, додека за изминатата година се дава известување за степенот на реализација на активностите, средствата, можни импликации од камати за непотрошени средства, доколку се финансираат по пат на заеми од меѓународни финансиски институции, ризик од неискористување на грантови, доколку истите се веќе обезбедени и наменети за финансирање на изградба, реконструкција, ремонт и одржување на железничката инфраструктура.  Врз основа на националната програма управителот на инфраструктура изготвува годишна програма за финансирање на железничката инфраструктура која мора да биде временски усогласена со роковите за изработка и донесување на Буџетот. На утврдувањето на висината на буџетското финансирање на годишната програма, соодветно се применуваат прописите кои се однесуваат на изготвувањето на годишниот буџет на РС Македонија. Годишната програма на предлог на управителот на инфраструктура ја донесува Владата. За реализација на годишната програма управителот на инфраструктура, преку органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на железничкиот сообраќај и железничката инфраструктура, доставува извештај до Владата во првиот квартал од наредната година.
Членот 119 се менува и гласи: Одлука за утврдување на јавен железнички превоз на патници во Република Северна Македонија и услугите кои се даваат при вршењето на овој вид на превоз утврдува Владата на предлог на Министерството за транспорт и врски, согласно следните критериуми:
-    постоење на јавен интерес,
-    достапност на друг вид на сообраќај, 
-    утврдената политика на цената на билети за патнички железнички превоз и 
-    вложувања во сигурност на железничкиот сообраќај.
На одлуката за утврдување на јавниот железнички превоз согласност дава Владата и истата се објавува во „Службен веник на Република Северна Македонија“.
За остварување на јавниот интерес на подрачјето на единиците на локалната самоуправа, советите на единиците на локалната самоуправа можат да ја определат таквата услуга, за што го известуваат органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на железничкиот сообраќај и железничката инфраструктура.
Услуги од јавен интерес во железничкиот превоз на патници не се однесува на услуги кои се вршат од историски интерес или туристичка вредност.
Членот 120 се менува и гласи Финансирање на дејноста железнички превоз на патници и истиот утредува дека средствата за вршење на јавната услуга железнички превоз на патници, превозникот ги обезбедува од: 
-    продажба на билети, 
-    средства од Буџетот на Република Северна Македонија за тековната година, 
-    буџетите на единиците на локалната самоуправа за финансирање на услуги од јавен интерес во вршењето на јавен железнички превоз на патници, 
-    закупнина на движни и недвижни ствари,
-    продажба на неупотребливи движни ствари и
-    средства од други извори.
Намената и начинот на користење на буџетските средства се утврдуваат со годишната програма за финансирање на услуги во јавен железнички превоз на патници, која на предлог на превозникот ја донесува Владата и истата се објавува во „Службен весник на РС Македонија“. За буџетските средства превозникот склучува договор за вршење на јавна патничка услуга како услуга од јавен интерес во железничкиот превоз на патници за период од пет години со Владата или градоначалниците на општините, односно градоначалникот на градот Скопје.