„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка

05.03.2024

Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија издаваат
 
УКАЗ ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА КОНФИСКАЦИЈА НА ИМОТ ВО ГРАЃАНСКА ПОСТАПКА
 
Се прогласува Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка,
што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 28 февруари 2024 година.
 
Бр. 08-1454/1                             
28 февруари 2024 година          
Скопје                                             
 
Претседател на Република
Северна Македонија,
Стево Пендаровски, с.р.
 
 
Претседател на Собранието
    на Република Северна
           Македонија,
Јован Митрески, с.р.
 
ЗАКОН ЗА КОНФИСКАЦИЈА НА ИМОТ ВО ГРАЃАНСКА ПОСТАПКА
Глава I
ОПШТИ ОДРЕДБИ
Предмет на уредување
Член 1
Со овој закон се уредуваат целите, начелата, прибирањето податоци и докази за
постоење имот, чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори, мерките за обезбедување и постапката за конфискација на имот во граѓанска постапка, како и опфатот на меѓународната соработка за остварување на целите од овој закон.
 
Цели на законот
Член 2
(1) Со овој закон се заштитува јавниот интерес на начин што се оневозможува каква било корист од имот за кој во постапката за конфискација на имот во граѓанска постапка согласно со овој закон, се утврди дека имотот не бил стекнат од законски извори.
(2) Целта на овој закон е да се оневозможи располагање со имот и имотна корист кои не може да се докаже дека се стекнати од законски извори.
(3) Остварувањето на целта на овој закон придонесува за:
- спречување користење и вложување незаконито стекнат имот како и средства,
односно предмети, што биле наменети или употребени за вршење казниви дела, за
спречување натамошно вршење казниви дела,
- неисплатливост на противправните дејства,
- ефективна превенција и борба против криминалот и корупцијата и
- остварување на обврските на Република Северна Македонија преземени со
меѓународни договори ратификувани согласно со Уставот на Република Северна
Македонија и други меѓународни документи, а кои содржат одредби за стандарди и соработка во откривање, одземање и конфискација на имот и имотна корист.
 
Основни начела
Член 3
(1) Ограничувањето на правото на сопственост во постапка уредена со овој закон се врши со почитување на следниве основни начела:
- начело на законитост,
- начело на легитимитет,
- начело на пропорционалност,
- начело на доверливост,
- начело на итност,
- начело на транспарентност и
- начело на непристрасност.
(2) Начелото на законитост претпоставува дека ограничувањето на мирното уживање на сопственоста и меѓународната соработка за остварување на целите од овој закон се врши под услови и во постапка уредени со закон, во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, меѓународни договори ратификувани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со други меѓународни документи, особено со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и со Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата и практиката на Европскиот суд за човекови права.
(3) Начелото на легитимитет го опфаќа ограничувањето на мирното уживање на
сопственоста заради заштита на јавниот интерес, со цел да се оневозможи каква било корист или располагање од имот за кој не може да се докаже дека е стекнат од законски извори.
(4) Начелото на пропорционалност го опфаќа утврдувањето на обемот на имотот кој може да биде предмет на постапката и товарот на докажување на тужениот, особено при определувањето на мерките за обезбедување, со цел издвојување разумни трошоци за живот, деловни и правни трошоци за засегнатото лице.
(5) Начелото на доверливост ги обврзува лицата вработени во надлежните органи кои постапуваат во согласност со одредбите од овој закон податоците кои се однесуваат или произлегуваат од постапувањето да ги чуваат како службена тајна.
(6) Начелото на итност претпоставува задолжително итно постапување на органите и лицата кои, согласно со овој закон, се обврзани да постапуваат без одлагање, а постапката за утврдување имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори е итна постапка пред суд со скратени пропишани рокови со овој закон.
(7) Начелото на транспарентност претпоставува дека ограничувањето на мирното
уживање на сопственоста се врши во судска постапка со судска пресуда, која се изрекува јавно, врз основа на усна и јавна расправа. Исклучувањето на јавноста од постапката пред судот се врши согласно со закон кога е во интерес на моралот, јавниот ред или националната безбедност кога тоа го наложуваат интересите на малолетник или заштитата на приватниот живот на страните во спорот или кога тоа судот го смета за неопходно, затоа што во посебни околности публицитетот би можел да им нанесе штета на интересите на правдата. Никој не може да се повика на примена на закон или друг пропис со кој ќе се ограничи или исклучи јавноста за да се прикрие корупција или судир на интереси.
(8) Начелото на непристрасност претпоставува дека ограничувањето на мирното
уживање на сопственоста се врши по спроведување на фер судска постапка, која се води заради заштита на јавниот интерес и во која службените лица кои постапуваат не се во состојба на судир на интереси, ниту, пак, постапуваат под притисоци, ветувања или недозволиви влијанија од претпоставен или од друго лице, а со постапувањето не создаваат ниту впечаток дека постапуваат во заштита на лични, семејни, други приватни и поврзани верски, партиски или етнички интереси.
 
Примена на овој и друг закон при конфискација на имот во граѓанска постапка
Член 4
(1) Постапката за конфискација на имот во граѓанска постапка (во натамошниот текст: постапка за конфискација) е посебна постапка уредена со овој закон.
(2) Ако со одредбите од овој закон поинаку не е определено, судот и надлежните
органи соодветно ги применуваат одредбите од Законот за парничната постапка и од Законот за обезбедување на побарувањата.
(3) Имот кој бил стекнат со законски извори на совесни лица не може да биде предмет на постапката за конфискација уредена со овој закон.
(4) Оштетените лица своите права ги остваруваат во посебна постапка согласно со закон.
(5) Доколку за имот кој е предмет на поведена постапка уредена со овој закон е
поведена стечајна постапка или постапка за ликвидација, впаричувањето на стечајната маса, односно извршувањето се прекинува до правосилното завршување на граѓанска постапка за конфискацијата на имот.
(6) Доколку за имот кој е предмет на поведена постапка уредена со овој закон е
поведена посебна постапка за утврдување данок, истата се прекинува, а по завршување на постапката уредена со овој закон правосилната одлука донесена согласно со овој закон се доставува до даночниот орган.
(7) Доколку имот кој е предмет на поведена постапка уредена со овој закон е предмет на заложно право, доверителот се известува за поведената постапка, во постапката се утврдува дека побарувањето постои, а во пресудата се утврдува дека побарувањето од заложното право стасува со денот на правосилноста на одлуката за конфискација на имот уредена со овој закон. Доколку доверителот во рок од 30 дена од правосилноста на одлуката со која се конфискува имотот во постапката уредена со овој закон не започнал постапка за реализација на заложното право, ќе се смета дека се откажал од правото на наплата. Државниот правобранител во постапка има право да бара утврдување дека заложното право престанало и да бара бришење на заложното право во Агенцијата за
катастар на недвижности.
 
Значење на изразите
Член 5
Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:
(1) „Имот“ во смисла на овој закон се пари или други средства за плаќање, хартии од вредност, депозити, концесии, друг имот во материјален или нематеријален облик, вклучително и виртуелни средства, согласно со закон, подвижен или недвижен имот и стварните права кои се поврзани со него, побарувања, како и друг тип на документи и инструменти кои се доказ за имотни права и правни интереси.
(2) „Имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори” е имот за кој во постапка уредена со овој закон не може да се докаже дека е стекнат од законски приходи и на законит начин (законски извори).
(3) „Разумно сомневање дека имотот не е стекнат од законски приходи“ е
сомневање кога надлежниот орган, согласно со овој закон, утврдил дека постои разлика меѓу вредноста на имотот и вкупниот остварен законит приход.
(4) „Разумно сомневање дека имотот не е стекнат на законит начин“ е разумно сомневање за склучени фиктивни или бестоварни правни дела со кои се располага со имот за чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори и кои не се основа за стекнување имот на законит начин. Наследување имот не претставува основа за стекнување имот на законит начин ако за имотот на оставителот не може да се докаже дека е стекнат од законски извори.
5) „Вредност на имотот“ е нето-вредност на имотот која се утврдува согласно со
методологија пропишана од надлежниот орган од членот 9 став (2) со која се
пресметуваат средствата потрошени за стекнување на имотот, платените даноци и придонеси, трошоците за живот, дали имотот е пренесен или стекнат без надоместок и дали надоместокот одговара на неговата вредност.
(6) „Засегнато лице“ е лицето кое има право и обврска да докаже дека имотот го
стекнал од законски извори во постапка уредена со овој закон.
(7) „Совесни лица“ се лица кои со реален паричен надоместок во висина на вредноста на имотот стекнале или користеле имот од законски извори и на законит начин и не знаеле или не можеле да знаат дека имотот претходно не бил стекнат од законски извори.
 
Опфат на имот кој може да биде предмет на постапката
Член 6
(1) Предметот на постапката уредена со овој закон опфаќа имот во или надвор од
Република Северна Македонија кој е во сопственост на физички лица државјани на Република Северна Македонија, на странски државјани со престојувалиште во Република Северна Македонија, на лица без државјанство со престојувалиште во Република Северна Македонија или на правни лица регистрирани во или надвор од Република Северна Македонија.
(2) Доколку сопственоста на имотот не е запишана во соодветни катастарски книги или други регистри за водење евиденција на некој имот, предметот на постапката уредена со овој закон опфаќа имот во или надвор од Република Северна Македонија кој го владеат или го користат физички лица државјани на Република Северна Македонија, странски државјани со престојувалиште во Република Северна Македонија, лица без државјанство на територијата на Република Северна Македонија или правни лица регистрирани во или надвор од Република Северна Македонија.
(3) Согласно со закон, меѓународни договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Северна Македонија и други меѓународни документи, предметот на постапката уредена со овој закон опфаќа и имот во Република Северна Македонија кој е во сопственост на или го владеат, односно користат нерезиденти во Република Северна Македонија, лица без државјанство или правни лица регистрирани во странство.
(4) Со овој закон се овозможува признавање и извршување странски одлуки за
конфискација на имот во граѓанска постапка, како и меѓународна соработка со надлежни органи, со цел оневозможување располагање со имот кој не е стекнат од законски извори.
(5) Овој закон опфаќа и имот стекнат со извршени казниви дела во странство на лицата од ставовите (1), (2), (3) и (4).
 
ГЛАВА II
ПОСТАПКА ЗА ПРИБИРАЊЕ ПОДАТОЦИ ЗА ИЗВОРИТЕ ЗА СТЕКНУВАЊЕ ИМОТ
 
Постапување на јавниот обвинител
Член 7
Кога јавниот обвинител има сомневање за кривично дело од членот 8 од овој закон, но нема доволно докази за кривично гонење или кривичното гонење не довело до осудителна пресуда, а оцени дека постои разумно сомневање дека имотот не бил стекнат од законски извори со соодветен акт, е должен во рок од осум дена од денот на донесување на актот да достави иницијатива до Управата за финансиска полиција, заедно со целокупната обезбедена документација за испитување и прибирање податоци за изворите и начините на кои е стекнат имотот.
 
Член 8
Прибирање и анализа на податоци за изворите за стекнување имот кој може да биде предмет на постапка согласно со овој закон се врши во постапки за или во врска со следниве кривични дела:
- перење пари и други приноси од казниво дело,
- тероризам,
- финансирање тероризам,
- злосторничко здружување,
- трговија со луѓе и трговија со деца,
- криумчарење мигранти,
- полов напад врз дете и други облици на сексуална злоупотреба на дете, како и
производство и дистрибуција на детска порнографија,
- недозволена трговија со наркотични дроги и психотропни супстанции,
- недозволена трговија со оружје, муниција и распрскувачки материи,
- измама, царинска измама и измама на штета на средства на Европската заедница,
- учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации,
- проневера,
- злоупотреба на службена положба и овластување,
- попречување на правдата,
- примање поткуп,
- давање поткуп,
- даночно затајување, даночна измама и избегнување плаќање акциза,
- давање награда за противзаконито влијание,
- примање награда за противзаконито влијание,
- противправно стекнување и прикривање имот,
- злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, кривични дела извршени од организирана група од три или повеќе лица, која постои одреден временски период и дејствува со цел да изврши едно или повеќе кривични дела за кои е предвидена казна затвор од најмалку четири години,
- кривични дела против човечноста и меѓународното право,
- кривични дела против културното наследство и природните реткости,
- повреда на права од интелектуална сопственост и
- други кривични дела со кои се стекнува имотна корист пропишани со закон.
 
Услов за поведување постапка
Член 9
(1) Услов за поведување на постапката за утврдување имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори согласно со овој закон е ако:
а) има разумно сомневање дека постои имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори и
б) постои несразмерност меѓу нето-вредноста на имотот и расположливите законити и пријавени приходи за стекнување на имотот, изразена како кумулативна разлика што надминува 13.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија, пресметана годишно во временски период не подолг од 10 години пред стекнување на имотот кој е предмет на постапката уредена со овој закон, односно дејствата за сторувањето кривично дело од членот 8 од овој закон за кое постои разумно сомневање дека е поврзано, односно е извор на средства за стекнување на имотот.
(2) За определување на нето-вредноста на имотот, министерот за финансии донесува Методологија за нето-вредност на имот, со која се пресметува износот на средствата потрошени за стекнување на имотот, платените даноци и придонеси, трошоците за живот, надоместокот за пренесување, односно стекнување на имотот и надоместокот кој одговара на вредноста на имотот.
 
Известувања
Член 10
(1) Надлежен орган за прибирање податоци за имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори од членот 8 од овој закон е Управата за финансиска полиција (во натамошниот текст: Управата).
(2) Државната комисија за спречување на корупцијата, даночните органи, Агенцијата за катастар на недвижности, Царинската управа, Државниот завод за ревизија, Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош и други органи и институции, кои во рамки на постапувањето согласно со надлежностите ќе добијат информации и податоци со сомневања или сознанија за постоење имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори, се должни веднаш до Управата да достават известување, заедно со целокупната обезбедена документација.
(3) Известување за постоење имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори до Управата може да достави и секое физичко лице и правно лице кое не е опфатено со ставот (2) на овој член.
(4) По исклучок од ставовите (2) и (3) на овој член, известувањето од ставовите (2) и (3) на овој член може да се достави до надлежното Јавно обвинителство доколку подносителот оцени дека доставувањето на известувањето до Управата ќе ја одолговлечи или загрози постапката согласно со овој закон.
(5) Управата е должна по приемот на иницијативата од членот 7 од овој закон, односно известувањето од ставовите (2) и (3) на овој член, да спроведе итна проверка на исполнетоста на условот од членот 9 став (1) од овој закон.
(6) Управата ја спроведува постапката за проверка и финансиска пресметка во рок не подолг од 60 дена, односно 90 дена за сложени предмети од денот на приемот на иницијативата од членот 7 од овој закон, односно известувањето од ставовите (2) и (3) на овој член.
 
Постапување на Управата
Член 11
(1) По иницијатива на јавниот обвинител од членот 7 од овој закон, по известувањата од членот 10 од овој закон или по службена должност, Управата во рамките на своите овластувања утврдени со закон за проверка и анализа на податоците од членот 8 од овој закон ги презема следниве дејства:
а) идентификување, откривање и лоцирање имот кој е предмет на постапката уредена со овој закон;
б) идентификување на сопственикот на имотот кој е предмет на постапката утврдена со овој закон и идентификување засегнати лица и совесни лица и
в) собирање, обработка и анализа на податоци за утврдување на вредноста на имотот кој е предмет на постапката, основата и изворот на приходите за негово стекнување, приходите со кои располагало засегнатото лице во времето на стекнување на имотот и други факти за утврдување исполнетост на условот од членот 9 од овој закон.
(2) Управата, најдоцна во рок од три дена од денот на утврдувањето дека е исполнет условот од членот 9 од овој закон, за тоа го известува Јавното обвинителство и му доставува детален извештај за констатирана состојба, заедно со сите материјални докази со кои располага, односно ги прибавила со дејствата од ставот (1) на овој член.
(3) Доколку од добиениот извештај од ставот (2) на овој член произлегува дека е
исполнет условот од членот 9 од овој закон, јавниот обвинител во рок од три работни дена од приемот на извештајот е должен до Државниот правобранител на Република Северна Македонија да поднесе иницијатива за поднесување тужба, согласно со овој закон.
(4) Во текот на постапувањето Управата до Државниот правобранител поднесува
иницијатива за поднесување предлог за определување мерка за обезбедување имот до надлежниот суд, доколку оцени дека може да се осуети имотот кој е предмет на постапката.
(5) За прашањата за надлежноста на Управата кои со овој закон не се пропишани, се применуваат одредбите од Законот за финансиската полиција.
 
Овластен тужител за постапување по предметите за конфискација на имот
Член 12
(1) Државниот правобранител со овој закон е овластен државен орган кој презема
мерки и правни средства пред надлежни државни органи и поведува постапка пред надлежен суд за утврдување имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори.
(2) Државниот правобранител, најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на
извештајот, заедно со материјалните докази од членот 11 став (4) од овој закон, ја
подготвува тужбата за утврдување имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори (во натамошниот текст: тужба), ако оцени дека податоците и доставените докази се доволни за да се докаже пред надлежниот суд во постапката уредена со овој закон дека имотот не бил стекнат од законски извори.
(3) Кога предмет на тужбено барање е дел од имот чие стекнување не може да се
докаже дека е од законски извори што не може да се издвои без значително намалување на вредноста или ако неговото издвојување ја доведува во прашање функционалноста на имотот, државниот правобранител бара исплата на парична вредност во висина на вредноста на делот од имотот за кој нема доказ дека е стекнат од законски извори.
(4) Ако тоа го бараат околностите на случајот и кога постои разумно сомневање, за да се спречи осуетување на побарувањето, државниот правобранител поднесува предлог за определување мерка за обезбедување до надлежниот суд.
(5) Kога државниот правобранител ќе оцени дека се потребни дополнителни податоци и докази за негово постапување, за тоа ја известува Управата. Управата е должна веднаш, а најдоцна во рок од пет дена од приемот на барањето, на државниот правобранител да му ги достави потребните податоци и докази.
(6) Државниот правобранител кога ќе оцени дека нема основа и не е исполнет условот од членот 9 од овој закон за поднесување тужба или предлог за определување мерка ги известува Јавното обвинителство и Управата.
 
ГЛАВА III
ПОСТАПКА ЗА УТВРДУВАЊЕ ИМОТ ЧИЕ СТЕКНУВАЊЕ НЕ МОЖЕ ДА СЕ
ДОКАЖЕ ДЕКА Е ОД ЗАКОНСКИ ИЗВОРИ
Член 13
(1) Постапката за утврдување имот чие стекнување не може да се докаже дека е од
законски извори е итна постапка.
(2) Постапката за утврдување имот чие стекнување не може да се докаже дека е од
законски извори се поведува со тужба пред стварно и месно надлежен суд.
(3) Со тужбата се бара да се утврди дека имотот, предмет на тужбеното барање, не е стекнат од законски извори, истиот да се одземе и да се пренесе во сопственост на Република Северна Македонија.
(4) Овластен тужител согласно со овој закон е Република Северна Македонија, преку државниот правобранител и државните правобранители надлежни да ги штитат имотните права и интереси на Република Северна Македонија согласно со закон.
(5) Доколку одземањето на имотот од ставот (3) на овој член не е можно или би било проследено со потешкотии што го одолговлекуваат преносот или предизвикување загуба или несразмерни трошоци, со тужбата се бара тужениот да се задолжи да плати паричен износ соодветен на пазарната вредност на имотот.
 
Член 14
(1) На тужениот во постапката за утврдување имот чие стекнување не може да се
докаже дека е од законски извори му се гарантира остварувањето на правата на странка согласно со Законот за парничната постапка.
(2) Товарот на докажување дека имотот е стекнат од законски извори е на страна на тужениот во постапката.
(3) Изјавите на тужениот и доказите изведени во тек на оваа постапка не може да се користат за да се поведе кривична постапка против него.
(4) Постапката за утврдување имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори пред првостепениот суд треба да заврши најдоцна во рок од девет месеци од денот на поднесување на тужбата.
(5) Преносот на сопственоста на имотот одземен со правосилна пресуда во согласност со овој закон не подлежи на данок на промет на недвижности.
 
Редовни правни лекови
Член 15
(1) Против пресудата на првостепениот суд странките можат да поднесат жалба.
(2) Постапката по жалба пред второстепениот суд треба да заврши во рок од четири месеци од денот на приемот на жалбата со списи на предметот во второстепениот суд.
Вонредни правни лекови
Член 16
(1) Вонредните правни лекови се дозволени согласно со одредбите од Законот за
парничната постапка.
(2) Постапката пред Врховниот суд треба да заврши во рок од три месеци од денот на приемот на ревизијата во Врховниот суд на Република Северна Македонија.
 
Мерки за обезбедување имот
Член 17
(1) Предлогот за мерка за обезбедување имот државниот правобранител до надлежниот суд ја поднесува пред поднесување на тужбата или заедно со тужбата.
(2) За обезбедување имот може да се бара да се дозволи секоја мерка со која ќе се постигне целта на обезбедувањето, особено забрана за отуѓување, оптоварување и располагање со имот ако е веројатно дека без изрекување на мерката ќе се осуети извршувањето на судската одлука за конфискација на имот.
(3) Судот може, со оглед на околностите на случајот и ако е потребно, по предлог на тужителот да определи повеќе мерки за обезбедување.
 
ГЛАВА IV
КОРИСТЕЊЕ И УПРАВУВАЊЕ СО КОНФИСКУВАНИОТ ИМОТ
 
Член 18
Тужениот или лицето против кое е изречена мерка за обезбедување имот има право да го користи имотот за кој е изречена мерката до правосилност на одлуката по тужбата.
Тужениот го користи имотот во граници на овозможување на неговите неопходни
животни потреби.
Трошоците за користењето и одржувањето на имотот и на товарите што се однесуваат на целиот имот, ги сноси тужениот.
Своето право на користење на имотот тужениот го остварува со внимание на добар домаќин.
Тужениот не одговара за намалување на вредноста на имотот која доаѓа поради
нејзината редовна употреба, но одговара за предизвикана штета и уништување на имотот.
 
Управување со конфискуваниот имот во сопственост на Република Северна
Македонија
Член 19
Управувањето со конфискуваниот имот одземен со правосилна судска пресуда во
постапка уредена согласно со овој закон се врши согласно со Законот зa управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.
Конфискуваниот имот во постапката уредена со овој закон може да се даде на
користење на јавни установи и здруженија кои вршат работи кои се однесуваат на
остварување на социјални цели, врз основа на одлука на Владата на Република Северна Македонија согласно со закон.
 
Глава V
МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА
Член 20
(1) Меѓународната соработка за остварување на целите на овој закон опфаќа соработка во откривање и утврдување имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори, определување и извршување на мерка за обезбедување на имот и поврат на имот кој е предмет на постапка согласно со овој закон, како и признавање и извршување на странски судски одлуки и одлуки на други странски органи.
(2) Соработката од ставот (1) на овој член се остварува преку централните органи врз основа на закон, меѓународни договори ратификувани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и други меѓународни документи, под услов:
- да не е во спротивност на основните начела на внатрешниот правен поредок и
- да не претпоставува преземање мерки кои се во спротивност со Уставот на Република Северна Македонија или со кои би се наштетило на суверенитетот, сигурноста, безбедноста, јавниот ред и други интереси на Република Северна Македонија.
(3) Врз основа на меѓународни договори ратификувани согласно со Уставот на
Република Северна Македонија и со други меѓународни документи, странска држава преку државен орган кој согласно со националното законодавство ги застапува нејзините имотни права и интереси, односно лице овластено од тој орган, може да биде странка во и да поведе постапка уредена со овој закон.
 
Член 21
(1) Централен орган надлежен за соработката од членот 20 од овој закон е Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
(2) Суд надлежен за постапката за конфискација на имот во граѓанска постапка со
меѓународен елемент е Основен граѓански суд - Скопје.
 
Известување за примена на законот
Член 22
(1) За примената на овој закон, во рамки на своите надлежности, Управата, државното правобранителство, јавните обвинителства, судовите и органите од членот 10 став (2) од овој закон, известуваат во рамки на годишните извештаи за својата работа кои ги подготвуваат во согласност со закон.
(2) Годишните извештаи од ставот (1) на овој член ги содржат следниве податоци:
a) Податоци за примени известувања за постоење имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори:
- вкупен број на примени известувања,
- број на примени известувања по категории на подносители - физичко лице, Јавно обвинителство, Државна комисија за спречување на корупција, даночен орган, друга институција, односно орган од јавниот сектор, финансиска институција, друго правно лице во приватен сектор,
- податоци за имотот: подвижен или недвижен имот и вредност како што е наведено во известувањето,
- податоци за засегнатите лица: број на физички или правни лица и
- податоци за постапување по примените известувања: преземени дејства, поврзаност со други предмети, институција, односно орган до кој се доставени на надлежно постапување;
б) Податоци за доставени извештаи до Државното правобранителство:
- број на доставени извештаи и
- податоци за имотот кој е предмет на извештаите: проценета вредност и податоци за засегнатите лица (физичко или правно лице и државјанство);
в) Податоци за поднесени тужби согласно со овој закон: број на тужби, надлежен суд, број и категорија на засегнати лица (физичко или правно лице и државјанство, место на живеалиште, престојувалиште, односно седиште), број и категорија на совесни лица (физичко или правно лице и државјанство, место на живеалиште, престојувалиште, односно седиште), податоци за имотот (подвижен имот, недвижен имот, опис и проценета вредност);
г) Податоци за поднесени предлози за определување мерка за обезбедување имот и податоци за определени мерки за обезбедување на имотот (број, надлежен суд и податоци за имотот - подвижен имот, недвижен имот и вредност);
д) Податоци за судските постапки: преглед на примени тужби (надлежен суд, број и датум), со податоци за тужбените барања (опис и вредност на имотот), податоци за засегнатите лица (физичко или правно лице и државјанство, место на живеалиште, престојувалиште, односно седиште), податоци за совесните лица (физичко или правно лице, државјанство, место на живеалиште, престојувалиште, односно седиште), податоци за определени мерки за обезбедување на имотот (број, надлежен суд и податоци за имотот - подвижен имот, недвижен имот и проценета вредност), поднесени редовни и вонредни правни лекови, податоци за одлуката по однос на тужбеното барање (анонимизирано резиме), датум на правосилност, времетраење на постапката;
ѓ) Податоци за имотот одземен со правосилна судска пресуда: преглед со податоци за пресудите (број, датум, надлежен суд), тужбените барања (опис и вредност на имотот), податоци за засегнатите лица (физичко или правно лице и државјанство, место на живеалиште, престојувалиште, односно седиште), податоци за запишување на имотот во сопственост на Република Македонија (опис и вредност на имотот, регистар, односно евиденција, број и датум на запишување);
е) Податоци за меѓународна соработка:
- преглед на примени и поднесени барања за соработка во откривање и утврдување имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори, со податоци за земјата до кои се доставени барањата, правна основа, податоци за вредност на имотот и број на засегнати лица, податоци за извршени странски судски одлуки и одлуки на други странски органи (анонимизирано резиме),
- податоци за спроведени мерки за обезбедување имот по барање на странски орган (број на мерки, правна основа и вредност на имотот) и
- податоци за спроведени мерки за конфискација на имот: број на мерки, правна
основа, податоци за засегнатите лица (физичко или правно лице и државјанство, место на живеалиште, престојувалиште, односно седиште), опис и вредност на имотот, податоци за поврат на имот - запишување на имотот (опис и вредност на имотот, регистар, односно евиденција, орган надлежен за водење на регистарот, односно евиденцијата и неговото седиште, број и датум на запишување), податоци за утврдени и наплатени трошоци на постапката.
(2) Годишен извештај кој содржи преглед на објавените податоците од ставот (1) на овој член подготвува и на својата веб-страница објавува Државното правобранителство на Република Северна Македонија.
 
Глава VI
ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 23
Управата е должна во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон да формира специјализиран оддел за постапување по предметите согласно со овој закон.
Член 24
Подзаконските акти предвиден со овој закон ќе се донесат во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
 
Член 25
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе започне да се применува по истекот на шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.