„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

ПРОФЕСИОНАЛНАТА ОРИЕНТАЦИЈА НА УЧЕНИЦИТЕ, МОЖНОСТ ЗА УСОГЛАСУВАЊЕ НА ПОНУДАТА И ПОБАРУВАЧКАТА НА ВЕШТИНИ

07.04.2023

Расчекорот помеѓу понудата и побарувачката дирекно го чувствуваат компаниите, бидејќи неможат да најдат кадар со релевантни стручни вештини за да ги пополнат своите слободни работни места. Затоа, Стопанската комора на Северна Македонија, нуди алатки и услуги за да им помогне на компаниите за да го обезбедат својот кадар, но и да им помогнат на младите и невработените да не ја напуштат својата земја преку поддршката за воведување на дуалното образование и реализацијата на програмите обуките за преквалификација и доквалификација - истакна Ирена Јакимовска, претседател на Регионалната комора со седиште во Прилеп, на четвртата по ред, тркалезна маса на тема: „ Усогласување на понудата и побарувачката на вештини-клучен фактор за создавање профитабилни бизниси “ што се одржа во компанијата Конфи Ангел во Прилеп, во организација на Советот за развој на тренингот и обуките при Стопанската комора.

На тркалезната маса беа презентирани наодите од идентификувањето на понудата и побарувачката на вештини на регионално и локално ниво што е значајно за компаниите за предвидување на нивните вложувања во иднина и економски развој на регионот. Појдовна основа за дискусија се наодите од „ Анализата за понудата и побарувачката на вештини во петте плански региони (Скопски, Вардарски, Источен, Југоисточен и Пелагониски регион ) во Северна Македонија  изработена од проф. д-р Благица Новковска, национален експерт за пазарот на трудот и образованието, со поддршка на Стопанската комора и проектот „Образование за вработување (Е4Е)“, а фокусот на презентираните наоди беше ставен на Пелагонискиот плански регион каде припаѓа општина Прилеп. Исто така, во насока на намалување на јазот помеѓу понудата и побарувачката на вештини беа презентирани и услугите што ги нуди Комората преку Советот во рамките на своите стратешки приоритети – обезбедување функционално и пазарно ориентирано стручно образование и обука и обезбедување стручен кадар за компаниите кој ќе создава додадена вредност во компанијата за конкурентност на регионалните и европските пазари и зголемување на извозот.
На тркалезната маса присуствуваа претставници од бизнис секторот, директорите од средните стручни училишта од Битола, локалната самоуправа од Битола и Агенцијата за вработување.
Пелагониски регион - Прилеп:
1. Регионалниот развоен индекс* за Пелагонискиот регион (последни официјални податоци 2017 година) е релативно висок и изнесува 0,91 што во споредба со предходните 5 години има остврен напредок од 0,18.
2. Најголем регион по површина кој опфаќа 18%, а втор по население по Скопскиот регион. Бројот на население за 10 години е во опаѓање од 234320 на 226837 жители, а за наредните 10 години се предвидува бројот уште повеќе да се намалува - 207965 жители што се должи на прородни промени, стареење на населението, но и на механички промени, надворешна миграција на населението.
3. Доминантната структура на работоспособното население изнесува од 35-39 годишна возраст.
Наод: Доминатната структура претставува постара структура во работната сила, надополнета со надворешната миграција на населението влијае врз намалување на работоспособното население.
4. Надворешната миграција е со различен интензитет во различни временски периоди со тенденција на благо покачување. Овој регион има позитивно миграциско салдо (според регистрирани лица), што значи дека повеќе лица доаѓаат отколку што заминуваат.
Наод: Благото покачување на процентот на надворешната миграција во наредните 10 години може влијае на зголемување на стапката на слободни работни места.
5. Внатрешната миграција е релативно висока и изнесува 403 отселени лица за последните 10 години и ќе продолжи и во наредните 10 години.
Наод: Високата внатрешна миграција на лицата од Пелагонискиот регион се должи на надополнување на потребните вештините и повисоките плати во другите региони, а тоа влијае на намалување на работоспособното население во овој регион.
6. Стапката на слободни работни места е висока и изнесува 1.89 во однос на другите региони, со предвидување дека ќе расте и во наредните 10 години, што значи дека компаниите не можат да ги пополнат слободните работни места со лица со соодветни релевантни вештини.
Наод: Високата стапка на слободни места може да се должи на стареење на населението, раст на бројот на компаниите, процесот на внатрешна миграција на населението или недостаток на барани квалификации.
7. Висока бројка на вработени лица кои ги изгубиле работните места е со лица со средно четиригодишно образование, но не е и занемарлива бројката на со лица со високообразовни квалификации и магистрирани лица што е неповолна структура на лица кои губат работни места.
Наод: Потребни се програми за обука за преквалификација и доквалификација за да не се испушти работниот потенцијал на лицата со стручни квалификации од техничкото образование, како и со лицата со високообразовни квалификации. Високообразовните институции потребно е да внесат нови квалификации прилагодени со барањата на бизнис заедницата.
8. Стапката на невработеност е релативно висока и изнесува 13.1, со тенденција на опаѓање во следните 10 години што значи дека се продуцираат лица со несоодветни вештини кои не можат да се апсорбираат од страна на компаниите.
Наод: Високата стапка на слободни работни места со ниска стапка на невработеност покажува дека постои голем јаз помеѓу понудата и побарувачката на вештини што значи дека мора да се користат процесите на преквалификација и доквалификација на завршените лица.
9. Доминантни дејности: земјоделската и прехранбената дејност, како и трговија на големо и мало, а според прогнозите за наредните 10 години преработувачката дејност брзо ќе расте, додека земјоделската дејност ќе опаѓа.
10. Главни растечки сектори за наредните 10 години во кои ќе расте и бројот на вработувања се преработувачката индустрија и информации и комуникации.
Наод: Секторот информации и комуникации расте во Пелагонсикиот и Скопскиот регион, додека во другите три опаѓа. Оваа ситуација е неочекувана, заради тоа што овој сектор има големи можности за развој и би требало да се развива во сите региони. Секторот земјоделство, лов и шумарство и рибарство забележително опаѓа во Пелагонискиот регион што се очекува концентрацијата на вештини генерирани од образованието и обуката за овој сектор да биде значително помала во Пелагонискиот регион.
11. Главни опаѓачки сектори за наредните 10 години во кои ќе има и намалување на бројот на вработени се трговија на големо и мало; земјоделството, лов, шумарство и рибарство и градежништвото, додека секторот рударство и вадење камен е загрозен сектор.
12. Дефицитарни квалификации: Машински механичар, Обработувач на метал, Заварувач, Архитектонски техничар, Градежен техничар, Техничар дизајнер за внатрешна архитектура, Графички техничар, Правен техничар, Техничар за трговија и маркетинг, Електротехничар-енергетичар, Електротехничар за компјутерска техника и автоматика, Машински техничар, Машинско-енергетски техничар, Техничар за компјутерско управување, Конфекциски техничар, Текстилен техничар, Техничар за обувки, Конфекциски компјутерски оператор, Прехранбен техничар, Производно-процесен техничар, Хемиско-технолошки техничар, Техничар за мебел и ентериер, Техничар за обработка на дрво.
Наод: Дефицитарните квалификации се претежно од средното стручно образование и се однесуваат на претежно на квалификации од електро и машинскиот сектор, но се јавува потреба од квалификации од секторот текстил, кожа и слични производи и градежништво и геодезија.
13. Градови со доминатна моќ се Прилеп и Битола. Бројот на активни деловни субјекти во Прилеп е намален и изнесува 2664 во однос на 2017 година, кога изнесувала 2765 (податоци 2017 година), како што е случајот и со Битола во која има 3753 деловни сублекти за разлика од 2017 година кога бројката на деловни субјекти изнесувала 3841.
Наод: Намалувањето на бројот на деловни субјекти и во двата града се јавува кај микро претпријатијата, но се зголемува бројката кај малите, средните и големите претпријатија што значи дека или се јавуваат нови мали, средни и големи претпријатија или микро претпријатијата прераснале во мали и средни претпријатија.
14. Прилеп: Зголемување на бројката на мали компании од 801 на 742, на средни, од 19 на 20 компании и на големи од 10 на 14 компании.
15. Битола: Зголемување на бројката на мали компании од 1085 на 1215, на средни, од 28 на 45 компании и на големи од 23 на 30 компании.
*регионален развоен индекс-композитен индикатор за вредностите од повеќе економскo-социјални и демографски индикатори
Заклучоци и препораки од тркалезната маса:
Ø Да се обезбеди систематски приод и континуирано следење на понудата и побараувачката на вештини;
Ø Да се изработаат стратегии за развој на локално и регионално ниво согласно анализите и предвидувањата;
Ø Да се обезбеди снабдување со вештини со средно техничко образование согласно со потребите на растечките сектори во овој регион;
Ø Да се подобрат постоечките образовни програми во формалното стручно образование и обука или изработка на нови со усогласување на бројот на часови на теоретската настава и практичната обука;
Ø Да се подобри врската помеѓу компаниите и стручните училишта со зајакната практична обука насочена кон клучните вештини и компетенции потребни на компаниите;
Ø Да се обезбедат услови за практична примена на членот 15 од Законот за стручно образование и обука за финансиски, царински и даночни олеснувања на компаниите во кои се реализира практична обука на ученици;
Ø Практична примена на законската обврска за професионална ориентација на учениците од основното образование;
Ø Да се користат услугите на Комората за обезбедување програми за обуки за преквалификација и доквалификација на невработени за соодветна компанија со можност за нивно вработување, посебно за специфични квалификации: аргон-заварувачи, електроничари за поправка на машини за земјоделска механизација, техничари за земјоделска механизација и возачи на земјоделска механизација;
Ø Да се обезбедат нови програми за обуки за преквалификација во секторот текстил, кожа и слични производи и градежнишво и геодезија;
Ø Подигање на аналитичките капацитети во компаниите.