„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Меѓународен саем на книгата

04.05.2023

35. Меѓународен саем на книгата (04.5 / 10.5.2023)

Скопски саем, со поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија, кое е покровител на Саемот, го организира 35. Меѓународен саем на книгата. И оваа година, како и неколку минати години, Саемот се одржува во Арената „Борис Трајковски“. Годинешното мото под кое се реализира Саемот е „Мирисот на нова книга ја најавува пролетта“. Саемската манифестација ќе биде со времетраење од 7 (седум) дена, од 4.5.2023 до 10.5.2023 година.
Од минатата година Саемот на книгата се враќа во редовниот термин, а со тоа се враќаат и групните посети за учениците од средните и од основните училишта на државата. Саемот секоја година го зголемува бројот на посетители, вљубеници во пишаниот збор. Организаторите се надеваат дека оваа година ќе се надмине рекордот од 23.800 посетители, бидејќи и оваа година се очекува присуство на голем број интересни домашни и странски автори заради промоција на нови книги во официјалниот промотивен центар во Арената, а, секако, и на штандовите на издавачите се најавуваат едукативни работилници и цртање за најмладите посетители, како и средби со автори и потпишување книги. Вредна за споменување е и трибината по повод Денот на македонскиот јазик, која ќе се одржи на 5 мај во организација на Македонската асоцијација на издавачи. Присуството на повеќе од 50 успешни, македонски, издавачки куќи, меѓу кои се „Арс ламина“, „Бата прес“, „Топер“, „Култура“, „Просветно дело“ и др., е гаранција дека Саемот ќе биде посетен од илјадници посетители љубители на книгите.