„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

МАКЕДОНСКИ ИЗВОЗНИ КОМПАНИИ ОД ПРЕХРАНБЕНИОТ СЕКТОР УЧЕСНИЦИ НА МЕЃУНАРОДНИОТ САЕМ “TUTTO FOOD 2023” ВО МИЛАНО

10.05.2023

Клубот на извозници во рамки на Стопанската Комора на Северна Македонија во соработка со Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство обезбедија можност за настап на четири домашни извозни компании од прехранбениот сектор на реномираниот меѓународен саем “Tutto Food”, што се одржува од 8-11 мај во Милано. Поддршката е во рамки на програмата за финансиска поддршка на руралниот развој во делот за маркетинг и промоција преку учество на саеми и саемски манифестации.

Преку Клубот на извозници како изложувачи настапија компаниите: „Агро Фила“ Штип – производител на масла за јадење, лековити масла и други производи од програмата за здрава храна, „Алмакс“ Струмица - производител на сончогледово масло за јадење,  „Лапе Фунги“ Демир Хисар – производител на различни видови на печурки и други шумски плодови и „Интегро Макс“ Пробиштип - производител на различни видови на брашно и други интегрални производи.
Целта на нашите активности е да ја зголемиме видливоста на македонските извозни компании на регионалните и глобалните пазари и да обезбедиме поголема меѓународна препознатливост на македонските извозни производи преку различна форма на промоција која вклучува: учество на меѓународни саеми и манифестации, Б2Б форуми, купувачки мисии и користење на дигитални алатки за поголема промоција и соработка.
Клубот на извозници во рамки на новиот концепт на Комората фокусиран на извозниот сектор во наредниот период преку конкретна соработка со надлежните државни институции и меѓународни донатори ќе работи активно на обезбедување техничка, стручна и финансиска поддршка за домашните извозни компании со цел поголема промоција на нашите компании и производи на регионалните и странските пазари. Еден од нашите стратешки партнери во оваа мисија за промоција на домашните извозни компании и производи е Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство со кое во иднина заеднички ќе работиме на конкретни програми и активности за промоција на македонските извозно ориентирани компании и производи од прехранбениот сектор како еден од стратешките извозни сектори за нашата земја.