„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Анализа за ефектите од недела неработен ден дел од барања на бизнисот на средбата со премиерот Ковачевски

27.05.2023

Ефектот од замрзнувањето на цените, моделот по кој се утврдува минималната плата, анализа на ефектите од недела неработен ден, бројот на празници, примената на даночниот календар, како и измените на Законите за облигациски односи и за извршување кои се предлог на група пратеници без претходна комуникација со бизнис секторот беа дел од темите на кои разговараа членовите на највисоките органи на Стопанската комора на чело со претседателот Бранко Азески и премиерот Димитар Ковачевски, кој во Комората дојде придружуван од вицепремиерот Фатмир Битиќи и заменик министерот за финансии Филип Николоски.

На средбата беше истакнато дека Комората, согласно интересите и барањата на своите членки, во континуитет секогаш се залага за сериозен системски пристап во регулирање на пазарното функционирање. Да се креираат закони кои ќе бидат коректив на функционирањето на деловните субјекти, а не кочничар на развојот, како што се покажа делувањето на многу законски прописи. Дел од овие решенија, посочи Азески, делуваат и дестимулирачки за успешните компании, кои се инвестициски ориентирани.
Азески ја образложи Декларацијата за економски реформи, во која бизнисот инсиситра политичките елити да се вратат од „партиската“, кон „државната агенда“. Само со таков пристап бизнис секторот ќе може да работи во амбиент кој што е стабилен, предвидлив и долгорочно ориентиран, а во вакви околности, ќе има големи инвестиции, отворање на нови работни места и забрзување на растот на македонската економија.
Азески, меѓу другото, ги поттсети владините функционери на важноста за дефинирање на временската рамка во која дизајнерите на економските политики би можеле да прават измени на даночниот систем, односно, тие да бидат донесени и искомуницирани со јавноста најдоцна до 30 јуни во тековната календарска година, со одложено дејство, со важност од 1 јануари во наредната календарска.
На состанокот беа отворени и низа прашања за конкретните предлог енергетски решенија што Комората ги даде, со цел тие да бидат земени предвид пред почетокот на енергетската сезона.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски информираше за посетата на САД, при што беше нагласено дека партнерството со САД ќе се рефлектира и на засилената економска соработка и големиот интерес за инвестирање во земјава.