„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
07.06.2023
Наместо да чекаме политичарите од регионот да успеат да ја видат пошироката визија дека без соработка во Западен Балкан нема ни Европска Унија и да почнат да работат на спроведување на сѐ што е зацртано во Заедничкиот регионален пазар, наместо да чекаме да видиме што ќе се случи во интеграциските процеси на шесте држави во ЕУ, наместо да чекаме некоја спогодба да се ратификува, или некои преговори да завршат, ние за целото ова време директно работевме со компаниите и испорачавме десетици услуги, од кои корист имаат токму тие – и што е најважно, тоа го спроведувавме за цел регион заеднички. Затоа, особено сум среќен што денес имаме можност да ги посведочиме успешните приказни кои заедно ги креиравме преку овој проект во изминатите три години и можностите за компаниите од целиот регион-ова беше пораката на претседателот Бранко Азсеки која во негово отсуство во Приштина беше пренесена на конференцијата на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) организиорана по повод завршувањето на проектот „Поддршка од ЕУ за КИФ ЗБ6“.
Членките на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) на конференцијата испратија порака до претставниците на ЕУ, при што беше истакнато дека Брисел треба итно да донесе одлука со која на Западен Балкан ќе му овозможи да стане дел од единствениот европски пазар, зашто нема причина тоа да не се случи веднаш или многу брзо. Според нив, парадоксално е тоа што ЕУ сѐ уште го остава Западен Балкан на страна.
„Предолго сме во овој процес, Северна Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора. Нашите економии веќе ги применија стандардите кои беа важни за функционирање на стопанствата. Целиот процес засега стои. Во меѓувреме, бизнисот трпи, не може да биде конкурентен наспроти оној од европските земји. Така ги губи и можностите и приликите“, истакнаа претседателите на Стопанските комори од шесте земји на Западен Балкан.
„Европа, се надевам, конечно сфаќа, дека Западен Балкан не е регион на проблеми и несреќи, кој треба да се влече, за онака, да им се најде. Не, овој регион има потенцијал како ниту еден друг во Европа. Европа денес увезува 98 отсто од сите ретки метали што и се потребни за новите зелени индустрии, соларни технологии, батерии, електрични возила од Кина, а тука во регионот има не само резерви, туку и рудници кои функционираат, како и преработувачи за никел, кобалт, литиум, графит, калцит,…, И сега замислете, ние треба нешто да докажуваме. Не, ние сме дел и сакаме да бидеме дел од европскиот конструкт, а не да бидеме некој што ќе го примите од милост“, подвлече претседателот на српската Стопанска комора Марко Чадеж.
Претставниците на бизнисот се обратија и до политичарите, укажувајќи уште еднаш колку е важен приватниот сектор зашто тој, како што беше нагласено, плаќа даноци, гради патишта и креира работни места.