„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Азески во посета на Универзитетот “Гоце Делчев” Штип- Науката поактивно да се вклучи за поголема конкурентност на извозните компании, а студиските програми да бидат усогласени со струките што му се потребни на бизнисот

13.06.2023

Активно вклучување на науката во градење на поголема конкурентност на македонските компании со цел подобро позиционирање на странските пазари и создавање на кадар кој му е потребен на бизнисот, беа главните теми во фокусот на разговорите на средбата помеѓу претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески и ректорот на Универзитетот “Гоце Делчев” – Штип (УГД), проф. д-р Дејан Мираковски. Азески, кој на Универзитетот дојде заедно со извршниот директор на Комората Антони Пешев и група на извозни компании најпрво го посетија научно – истражувачкиот центар во Кампус 2 на УГД, каде имаа средба и со дел од деканите на природно-техничките факултети.
„После дефинирањето на целите и методологијата на нашата работа во понатамошниот период, првата посета ја правиме токму на УГД во Штип. Со тоа ставаме симболично значење дека двата клучни приоритети на Комората во наредните 10 години, а тоа се извозот и развој на образованието за потребите на бизнисот, ќе бидат третирани професионално и со највисоко ниво, така што ќе придонесат за развој не само на нашите институции, туку и за развоја на државата. Можам да кажам дека кај ректорот наидовме на големо разбирање за нашите позиции. Наидовме на големо разбирање за фактите и бројките кои ќе бидат водич во иднина. Ние не сме сами за себе доволни и предлагаме зголемување на соработката најнапред меѓу бизнисот и високото образование. Минатите години работевме на развој на дуаленото образование, а сега ќе се посветиме повеќе и на високото образование. Бизнисот секој ден оди напред, поставува повисоки стандарди, а универзитетите тоа треба го следат“, изјави пред медиумите Азески по средбата со ректорот.

Потенцираше дека целта на Комората е да му помогне на образованието во следните години финансирањето да достигне до 5% од буџетот. На тој начин ќе се постигне достоинство за наставниот кадар, подобрување на програмите и методологиите по кои работат универзитетите, а на тој начин ќе се испорача и стручен кадар кој му е потребен на стопанството. 

На средбата присуствуваше и проф. д-р Дарко Лазаров од Економски факултет кој ги презентираше и конкретните можности за идна соработка помеѓу двете институции.
Ректорот на Универзитетот Мираковски нагласи дека и досега има успешни примери на научно-истражувачка и стручно-апликативна соработка помеѓу со бизнис секторот, но таа соработка допрва ќе се продлабочува.
„Ние имаме соработка која сакаме да станеме уште поинтензивна. Заложба е преку реални проекти заеднички да ја подобриме економијата и секојдневниот живот. Целта е на нашите студенти да им отвориме простор за развој во нашата држава и реализирање на една квалитетна кариера. Ова е само прв чекор и имаме дефинирано неколку полиња на соработка и релативно бргу ќе пробаме да ги реализираме“, истакна Мираковски.
На средбата ректорот ја потпиша и Декларацијата за општествен консензус за економски реформи, политики, мерки која Комората ја донесе на својата 100 годишнина, на 14 јули 2022 година, а со која бара враќање од партиската кон државната агенда.
Претседателот Азески заедно со извршниот директор Антони Пешев оствари средба и со ректорската управа на Универзитетот и заедно со ректорот и деканите на одделните факултети разговараше за потребата од гарадење на високо квалитетен кадар за потребите на бизнисот. Во таа насока беше потенцирано дека идните програми треба да бидат целосно усогласени со барањата на бизнисот и бизнисот да биде многу повеќе инволвиран во образовниот процес со цел обезбедување на практични искуства и знаења.