„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

ПРЕЗЕНТИРАН НОВИОТ ПОВИК ЗА ПОДДРШКА НА ФОНДОТ: КOФИНАНСИРАНИ ГРАНТОВИ ЗА КОМЕРЦИЈАЛИЗАЦИЈА НА ИНОВАЦИИ

19.06.2023

Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој, организираше виртуелна инфо сесија со цел презентација на условите за аплицирање на отворениот јавен повик за инструментот за поддршка-Кoфинансирани грантови за комерцијализација на иновации.

Претставници од Фондот за иновации и технолошки развој го презентираа инструментот за поддршка - Кoфинансирани грантови за комерцијализација на иновации. Целта на јавниот конкурс е да се поттикне зголемување на активности за истражување и развој во приватниот сектор, да се охрабри соработката помеѓу приватниот сектор од една страна и високообразовните институции и научноистражувачката дејност од друга, како и да се охрабрат останатите форми на соработка за комерцијализација на иновациите. Поддршката преку овој инструмент ќе биде доделена на проекти со јасна комерцијална цел кои се во фаза на прототип (или соодветна фаза во зависност од видот на иновативниот производ, услуга, процес) сѐ до прет-комерцијална (прет-пазарна) фаза
Преку овој инструмент Фондот за иновации и технолошки развој обезбедува финансиска поддршка во максимален износ од 20.000.000,00 (дваесет милиони) денари и тоа:
  • за претпријатија чиј просечен број на вработени е до 50 (педесет) вработени и чиј годишен приход во последните две години е помал од 2.000.000,00 (два милиони) евра, финансирање до 70% од вкупниот буџет на проект односно
  • за претпријатија чиј просечен број на вработени е од 50 (педесет) до 250 (двестотини и педесет) и чиј годишен приход во последните две години е поголем од 2.000.000,00 (два милиони) евра, а помал од 10.000.000,00 (десет милиони) евра, финансирање до 60% од вкупниот буџет на проектот.
Износот на остварени годишни приходи и просечен број на вработени се утврдува согласно финансиските извештаи за 2022 и 2021 година.
Рокот за аплицирање е до 10.07.2023 година, до 14.00 часот. Повеќе информации поврзани со јавниот повик можат да се добијат на е-адреса: [email protected] или на следниот линк: https://fitr.mk/komercijalizacija2023/.
Стопанската комора на Северна Македонија континуирано ги следи сите повици и мерки за обезбедување на поддршка за унапредување на деловните процеси и ги информира компаниите за новите повици објавени од страна на Фондот преку одржување на ваков тип на презентации, се со цел поголем број компании да се запознаат со можностите за кофинансирање како поддршка за континуиран раст и развој на македонските компании.