„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

ПРИБЛИЖУВАЊЕ КОН ЕДИНСТВЕНИОТ ПАЗАР КАКО ПОТЕНЦИЈАЛ ЗА РАСТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН

27.09.2023

Во рамки на Берлинскиот процес кој оваа година е под албанско претседавање, Министерството за финансии и економија на Албанија заедно со Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (КИФ) беа домаќини на бизнис форумот кој се одржа во Тирана и ги претстави достигнувањата но и предизвиците на патот на регионот кон единствениот пазар на ЕУ.  

Со интерес гледаме дека во ЕУ има посилно убедување и тие се поотворени за значењето што Западен Балкан го има за Европската Унија. На ЕУ и треба ЗБ исто како што ЗБ и треба на ЕУ. Новиот план на ЕУ кој е во најава треба да го поддржи Западен Балкан преку отворање на неколку начини што ќе нè доближи до ЕУ, додека за интегративниот процес секоја земја сама мора да си ја заврши домашната задача, истакна во своето воведно излагање на форумот премиерот на Албанија Еди Рама, пред носителите на одлуки од регионот и претставниците на бизнис заедницата. Многу значајно во достигнувањата на Берлинскиот процес е што околу 6000 компании веќе имале корист од отстранувањето на бариерите меѓу земјите во регионот, учествувале во настани и активности кои ги упатиле на потесна меѓусебна соработка, а за тоа голема заслуга имаат коморите кои се дел од Коморскиот инвестициски форум, подвлече Рама. Оцени дека фазната интеграција на заедничкиот пазар ветува дека ќе даде непроценлив увид во економскиот раст на Западен Балкан во следните 10 години, додавајќи дека е време „заедно да продолжиме напред и да се погрижиме ветувачките зборови да доведат до ветувачки дела“.
 
Иако во изминатите години е забележан прогрес и заслугата за тоа на КИФ е огромна, неспорно е дека принципот на слободно движење на стоки е камен-темелник на економската интеграција. За натамошно олеснување на оваа интеграција, треба да се започнат преговори за склучување договор на регионот со ЕУ за Договор за оцена на сообразност и прифаќање на индустриски производи во одредени индустриски сектори. Овој договор ќе ги усогласи стандардите, осигурувајќи дека производите од Западен Балкан ги исполнуваат барањата на ЕУ, а со тоа ќе се олесни трговијата, истакна во своето обраќање претседателот на УО на Коморскиот инвестициски форум и претседател на комората на Косово, Лулзим Рафуна. Дополнително, од суштинско значење е и меѓусебното признавање на сертификатите за овластени економски оператори, што како признание треба да се прошири и да вклучи воспоставување на посебни ленти за носителите на статус на ОЕО на најфреквентните гранични премини со ЕУ, а таков неодамнешен позитивен пример е одлуката за признавање на статусот на ОЕО меѓу ЕУ и Молдавија, која стапи на сила на 1 ноември 2022 година. Но исто така, мора да се осврнеме и на продолженото време на чекање на граничните премини  помеѓу ЗБ и ЕУ кое во моментов во просек е над шест часа за царинење на товарните возила, што едноставно е неприфатливо, заклучи Рафуна.
На овие укажувања се осврна и Марко Чадеж, претседател на Стопанската комора на Србија, според кој претставниците на бизнис заедниците на сите економии од Западен Балкан бараат регион без бариери во водење бизнис и нов, побрз модел на вклучување во економската структура на Европската унија, во спротивно, нема да опстане ниту регионот, ниту Унијата. Чадеж потсети дека во последните години, на конференции во рамките на Берлинскиот процес, зборувал за причините за регионална соработка, потребата од поинаков однос со Европската унија, дека е важно политичарите во ЕУ да разберат каде ја гледаат индустриската иднина на Европа и на пример безбедноста во пристапот до ретките метали, кои Европа ги увезува 98 отсто од Кина, наместо да го интегрира Западен Балкан, кој ги има сите потребни ресурси и затоа треба да се преговара за конкретни решенија кои ќе водат до брз влез на регионот во европската економска заедница и искористување на сите придобивки од единствениот пазар.
Во рамки на панел дискусијата за предизвиците и потенцијалите на заедничкиот регионален пазар, пред министите за економија од регионот и претставниците од бизнис заедницата, Ангел Анѓушев од компанијата Грин Машинс упати порака дека е неопходно локалните компании да имаат добра средина за раст, да имаат буџет за инвестирање во технолошки напредни производи и да не се соочуваат со недостаток на транспарентни и конкурентни процедури за набавки, за да можат да мислат на раст. Да го дадеме приоритетот на локалниот развој и да создадеме погодна средина за раст токму овде во Западен Балкан, истакна Анѓушев.
По завршување на форумот следеше и состанокот на министрите за економија “Заеднички регионален пазар – отскочна даска кон единствениот пазар на ЕУ”, каде фокусот беше ставен на можностите за унапредување на заедничкиот пазар, за поттикнување на економскиот раст, иднината на инвестициите во регионот преку олеснувања во трговијата и реализирање на проекти за транспортната инфраструктура, како и интеграција на платните системи и подготовка на економиите од Западен Балкан за интеграција во еврозоната. На овој министерски состанок учествуваа и високи претставници на  Европската Унија, регионални институции и иницијативи, како и други партнери кои се дел од Берлинскиот процес. Видео обраќање имаше и комесарот за соседство и проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, кој го најави новиот план за економски раст на Западен Балкан а со кој треба да се забрза економската конвергенција на регионот која во моментов е на ниско ниво.
Во рамки на овој состанок, министрите во своите излагања ги поздравија постигнувањата во рамки на програмата за регионални добавувачи, имплементирана од Коморскиот инвестициски форум, со поддршка за продолжување на оваа програма за да се обезбеди учество на малите и средни компании во мултинационалните синџири на снабдување и воспоставување нови регионални партнерства, како и продолжување на соработката преку Фондот за регионални предизвици во Западен Балкан инициран од BMZ и KfW и имплементиран од КИФ, за поддршка на вработливоста на младите и преку стручното образование да се отвараат работни места за да им се понудат на младите подобри перспективи дома.