„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

ЗЕМЈОДЕЛСКО-ПРЕХРАНБЕНИОТ СЕКТОР И ЕВРОИНТЕГРАТИВНИТЕ ПРОЦЕСИ

27.09.2023

Стопанската комора на Северна Македонија, со започнување на процесот на преговори по одржаната Меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Европската комисија, активно се вклучи во сите фази на преговорите. Самите преговори, реално, ќе започнат по реализација на скрининг-процесот кој го започна Република Северна Македонија со објаснувачкиот скринг, а на 11 ноември 2022 година започна билатералниот скрининг-процес, кој ќе се реализира по секое од поглавјата до ноември 2023 година.

Клучната улога на Стопанската комора е по претходни консултации со компаниите и со стручни анализи да подготви сет од барања за дополнителна поддршка на домашната економија од Европската комисија?????, но и да го зајакне барањето за неопходноста од пролонгирање на примената на одредени закони кои ќе претставуваат проблем или кои имаат финасиски импликации врз компаниите и врз нивното дејствување.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески на средбите со заменик-претседателот на Владата Бојан Маричиќ јасно ја истакна неопходноста од вклучување на претставници од Комората во тимовите по клучните поглавја што ги засегаат компаниите и економските индикатори во целина, што беше потврдено во согласност со Одлуката на Владата на РСМ за воспоставување структура за преговори за пристапување на РСМ во Европската Унија (Сл. весник бр 200 од 13-9-2022 година, член 15).
Поглавјето за земјоделство покриваa голем број обврзувачки правила, од коиповеќетосе директно применливи. Правилната примена на овие правила и нивното ефикасно спроведување и контрола од ефикасна јавна администрација се од суштинско значење за функционирањето на заедничката земјоделска политика,бара воспоставување системи за управување изаквалитет, како што се платежната агенција и интегрираниот административен и контролен систем, како и капацитетот за спроведување на мерките за рурален развој. Земјите членки мора да бидат во можност да го применат законодавството на ЕУ за директни шеми за поддршка на земјоделските производи и да ги спроведуваат заедничките пазарни организации за различни земјоделски производи.
Поглавјето 11, Земјоделството и руралниот развој, опфаќа најголем дел од целосната легислатива во Европската Унија. Политиките на ЕУ во делот на земјоделството се насочени кон обезбедување доволно храна за сите жители на ЕУ. Политиките во делот на руралниот развој се насочени кон обезбедување развој на руралните средини, како и обезбедување услови за развој, модернизација изазголемување на производството на храна. Овие политики се спроведуваат преку Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) на Европската Унија. Поради важноста на областите што се опфатени во неа, оваа политика се креира и се спроведува од Европската комисија, а не од земјите членки поединечно. Финансирањето на програмите што се предвидени во ЗЗП се финансираат од заедничкиот буџет на ЕУ.
Во согласност со насоките и со задолженијата по првиот состанок на Советот за евроинтеграции, кој се однесува на идентификување на секторите кои се поразвиени и за кои може да се побара забрзан пристап на пазарот на ЕУ – еден од четирите столба во новиот план на ЕУ – во делот на прехранбената индустрија состојбите се следни:
1. Во делот на прехранбените производи од животинско потекло најголем дел од обврските што ги имаме преземено како држава за усогласување со законодавството на ЕУ, а со самото тоа и за извоз на европскиот пазар, се преземени и завршени. Овде се мисли не само на исполнување на стандардите од компаниите, туку пред сѐ и на ингеренциите на Агенцијата за храна и ветеринарство, која го покрива целосно работењето на оваа индустрија. Усогласувањето на ветеринарните сертификати со оние на ЕУ е практично завршено. Одобрување на објектите кои може да добијат извозен број се врши во најкус можен рок (24 ч. по доставување на документите од АХВ, ЕУ дава одобрение).
- Во овој дел потребно е да се побара тргање на забраната за движење поради болести (кај месната индустрија уште пред 4 години требаше да се тргне за да може да извезуваат и да трансферираат низ ЕУ).
- Поголеми финансиски средства од ЕУ за опремување национална референтна лабораторија, средства, опрема, за обука на кадар.
2. Во делот на прехранбените производи од неживотинско потекло целосно сме усогласени и овој дел е многу полиберален.
– Треба да се бараат финансиски средства за постојната лабораторија за испитување резидуи за да се зголеми бројот на испитани препарати/резидуи, како гаранција за безбеден производ, кој може да се извезе на пазарите на Унијата.
3. Во делот на изградба на кафилерија, како обврска во согласност со легислативата на ЕУ, Законот за нус-производи е неодамна донесен. Следните активности се во делот на распишување избор на фирма за потребната документација и тендер за изведувач. Во овој дел може да се побара ЕУ да помогне со пренесување најдобро искуство (кафилеријата во Хрватска), како и со одобрување средства и технологија за неа.
Генерален став е дека прехранбената индустрија, во голем дел, извезува или, пак, произведува за познат бренд во ЕУ, целосно е подготвена за овој пазар и затоа е потребно да се отстранат сите забрани и бариери за забрзан и за поголем пристап на македонските компании на европскиот пазар
Во насока на брзи приспособувања на земјоделско-прехранбениот сектор кон новонастанатите услови, но и барања, одат и последните активности на генерален план. Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и нејзините партнери неодамна ја претставија Иницијативата со високо влијание врз трансформацијата на системите за земјоделство и храна, која има цел да ги приближи сите партнери и засегнати страни за да ги трансформираат земјоделско-прехранбените системи, во насока на подобро производство, подобар квалитет, подобра животна средина и на подобар живот, не оставајќи никого зад себе.
Со оваа иницијатива се повикуваат меѓународните организации, финансиските институции, приватниот сектор, партнерите од граѓанското општество, научната заедница, стопанските комори и сите релевантни чинители да им помогнат на земјите да ги трансформираат своите земјоделско-прехранбени системи и да го забрзаат темпото на овие процеси во земјите. Притоа, зголемувањето на постојните инвестиции и на новите потребни финансиски ресурси, како и примената на нови финансиски инструменти, вклучувајќи механизми за управување со ризик, остануваат главен приоритет.
Генерално, Иницијативата има цел да ги искористи инвестициите, иновациите, науката, податоците и технологијата, вклучително и подобриот пристап до алатките и до геопросторните платформи, како и да се надоврзе на резултатите од работата на научните институции. Притоа, целта е да се зајакнат и натамошно да се развијат националните капацитети заради трансформација на земјоделско-прехранбените системи (подолу за климатските промени).
Иновациите во науката и во технологијата ќе одиграат клучна улога во трансформирањето на нашите земјоделско-прехранбени системи, за да можат да станат поефикасни, поинклузивни, поотпорни и поодржливи. Нашите земјоделско-прехранбени системи се под огромен притисок да произведуваат повеќе за да ги задоволат растечките барања за храна, притоа минимизирајќи ги влијанијата врз животната средина. Циркуларната економија денес доминира. Во овој контекст, државата ќе мора да прави значајни инвестиции во науката, технологијата и во иновациите за да обезбеди ефектни трансформации на глобалните системи за земјоделство за храна.
Затоа, усвојувањето технологии и иновации бара три клучни елементи: кохерентни и интегрирани системи за земјоделски иновации, инвестиции во земјоделски истражувања и партиципативни пристапи за споделување и за пренос на знаење. Науката, технологијата и иновациите во акција. Науката, технологијата и иновациите во земјоделско-прехранбените системи ги опфаќаат сите димензии на производствениот циклус по целиот синџир на вредност. Вклучува повеќе технологии и иновации и одржливи земјоделски пристапи, вклучувајќи биотехнологии, дигитални технологии и технологии за обновлива енергија, меѓу другото. На пример, напредокот во биотехнологијата може да се користи за генетско подобрување на растенијата и на животните, за да се зголеми приносот, за да се подобри здравјето на почвата и за брзо дијагностицирање на болести и за развој на вакцини. Информациите од далечина и сателитите, како и беспилотните летала, нудат огромни можности за собирање податоци во реално време за следење на времето, земјоделските култури, штетниците и болестите и на условите на почвата (hi tech). Технологиите како што се автоматските системи за наводнување, земјоделските роботи и дигиталните технологии за финансиско вклучување, во меѓувреме, дополнително придонесуваат за ублажување и за надминување на развојните предизвици.
Напорите на меѓународните институции во оваа област се повеќекратни. На пример, Иницијативата 1000 Digital Village на ФАО е насочена кон претворање на селата во дигитални центри за поддршка на забрзувањето на руралната трансформација (smart villages). Друг еден проект обезбедува напредни информации за речиси десетина домени, вклучувајќи безбедност на храната, земјоделските култури, почвата, на водата, климата, рибарството, сточарството и на шумите. Конечно, се усвојуваат дигитални алатки развиени од ФАО за подобрување на раното предупредување, за предвидување ризик, за рано откривање, за биосигурност и за мерки за ублажување на здравствените закани.
Ветувачката иднина на дигиталните технологии ќе се множи со зголемените откритија во вештачката интелигенција и големите податоци, меѓу другото, што ќе резултира со помали трошоци и со зголемен капацитет во апликациите за податоци. Земјите со среден приход особено се соочуваат со јаз меѓу постојните технологии и иновации и со нивната пристапност и примена на локално ниво.
КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ – КЛУЧЕН ФАКТОР ЗА НАТАМОШЕН РАЗВОЈ НА АГРОСЕКТОРОТ
Индија ќе го забрани извозот на бел ориз; плантажите на портокали во САД се уништени од торнада, а истото се случи и со насадите на маслинки во Шпанија; украинското жито е заробено во пристаништата; дождовите ги уништија плантажите со какао во Африка. Дали се климатските промени закана за недостиг од храна и каде е тука Македонија??? Дали државата веќе доцни со дефинирање целосно нова земјоделска стратегија заснована на новите околности???
Производството на храна, особено во ерата на климатските промени, е стратешко прашање за иднината на секоја држава. Од сите економски сектори земјоделството е еден од најзагрозените бидејќи е целосно зависен од климата, промените во температурата, врнежите и од екстремните временски и климатски услови. Сепак, врската меѓу земјоделството и климатските промени не е толку едноставна. Земјоделството има важна улога во ублажувањето на климатските промени, но земјоделскиот сектор е еден од изворите на стакленички гасови и придонесува за климатските промени.
Одржливоста на земјоделското производство зависи од подготвеноста за воведување нови практики за економско управување.
Производството на храна е исклучително сложен процес кој зависи од голем број фактори, па затоа претставува голем предизвик. Како резултат на климатските промени и на загадувањето на почвата, атмосферата и на водата, производството и квалитетот на храната, како и самиот опстанок на многу растителни и животински видови стануваат сѐ позагрозени, а доаѓа и до намалување на приносот на земјоделските култури поради топлотните бранови и сушата, кои стануваат сѐ почести, поинтензивни и подолготрајни. Дополнително, климатските услови стануваат сè поповолни за развој на растителни болести и штетници, кои поради продолжувањето на сезоната на растење можат да развијат неколку генерации во текот на годината и да им предизвикаат значителна штета на земјоделските култури.
Последиците од климатските промени се видливи и во сточарството. Како резултат на топлотните бранови млечните говеда доживуваат топлотен стрес, што резултира со намалено дневно производство на млеко. За да се ублажат големите економски загуби, ќе биде потребно повеќе да се инвестира во земјоделското производство и да се приспособат на новите услови. Но ваквите дополнителни вложувања, доколку не се обезбедат преку одредени фондови на државата или на ЕУ, ќе бидат дополнителен товар за земјоделските производители, кои тие тешко ќе го издржат. Само мал дел од нив ќе опстанат или ќе се преориентираат, а другите поради неможноста за дополнително инвестирање и поради претрпените штети ќе бидат принудени да го напуштат земјоделското производство.
Треба да се напомене дека последиците од климатските промени врз земјоделството не се исклучиво негативни. Продолжувањето на сезоната на растење отвора потенцијал за повисоки приноси на некои земјоделски култури. Исто така, поголемата количина на акумулирана топлина, која се манифестира преку температурни суми, отвора потенцијал за одгледување на земјоделските култури кои традиционално се одгледуваат во потоплите предели. Одржливоста на земјоделското производство зависи од подготвеноста за воведување нови практики за економско управување. Ќе има ли промени во видовите култури што ќе се одгледуваат во РСМ, а кои традиционално не се типични за сегашната клима? Климатските услови во земјава полека стануваат поволни за одгледување на културите кои традиционално се одгледуваат во појужните региони. За успешно одгледување на овие култури треба да се земат предвид и други фактори, не само климатските услови.
Профитабилноста и одржливоста на земјоделското производство во голема мера ќе зависат од подготвеноста за воведување нови практики за економско управување, со што се зголемуваат конкурентноста и продуктивноста. Пред сè, постои избор на сорти кои се поотпорни на екстремни временски услови, односно на суша или на прекумерна количина на вода. Сортите кои ќе дадат поголеми приноси на иста површина со помала потрошувачка на вода треба да бидат новиот стандард во сеидбата. Придржувањето до плодоредот и воведувањето покривни култури меѓу главните сеидби ги зголемува исхраната на почвата и количината на расположлив азот, односно се спречува дополнителна деградација на почвата и губење влага. Со оглед на тоа што површините за наводнување во Македонија и онака се многу скромни, треба да се направат големи напори за зголемување на капацитетот на задржување на влагата во почвата преку подобрување на квалитетот и на структурата на почвата со нови методи на обработка и на примена на органски ѓубрива. На наводнуваните полиња инвестирањето во ефикасноста на системите за наводнување, исто така, може да ја подобри отпорноста на суша, притоа потпирајќи се на метеоролошките прогнози за намалување на количината на вода за наводнување во случај на неизбежен дожд. Одржливите фарми вклучуваат употреба на прочистена вода, но и собирање дождовница. Покрај сето ова постојат и нови технологии на автоматизирани системи кои треба да го олеснат управувањето со културите и да ја намалат потрошувачката на заштитни средства, со насочен третман само спрема заразените растенија, а не и спрема целата култура. Сето ова подразбира дополнителна едукација, како и размена на знаења и на практични искуства преку поддршка од различни институции.
Сепак, остануваат некои работи кои треба да си ги завршиме во наредниот период доколку сакаме да развиваме економија и прехранбен сектор, при што треба да се изедначени условите за работа на домашните компании со оние во ЕУ.
Да ги усогласиме, пред сѐ, нашите правилници и закони со оние на Унијата и да ги усогласиме царинските давачки, и тоа, пред сѐ, на суровините кои не ги произведуваме или кои ги имаме во недоволни количини. Додека ЕУ развива пазарно стопанство, кај нас се форсира договорно, на товар на големите компании, купувајќи, притоа, социјален мир, кој како бумеранг ќе ни се врати назад.
Државата треба да ѝ посвети внимание и на работната сила во овој сектор преку дополнително стимулирање на младите од руралните средини кои ќе одлучат да се занимаваат со земјоделство, но и преку обезбедување животни услови како и оние во градовите. Македонското село е во исклучително лоша состојба. Неопходна е интензивна модернизација на животот во земјоделските средини, со подобрување/изградба на инфраструктура од повисок карактер, олеснителни кредити за развој на семејна фарма, како и со дополнителни субвенции за останување и за работа во руралните средини, за да се зголемат продуктивноста и квалитетот на производството, за да се мотивираат децата за продолжување на образованието во таа насока, за нивно враќање на семејниот имот и за создавање безбедна средина за живеење и за работа. Концептот за паметни села веќе одамна постои во ЕУ, а Комората во изминатите неколку години укажуваше на него. Ова не може да се направи изолирано, туку треба да биде вграден во пошироките стратегии за регионален развој. Зајакнувањето на врските меѓу руралните и урбаните области е клучно за постигнување на ваквата цел. Концептот на smartv illages е територијално чувствителен, базиран на потребите и на потенцијалите на соодветната територија и под водство на стратегија, поддржан од новите или од постојните регионални стратегии. Технологијата е важна, како и инвестициите во инфраструктурата, развојот на бизнисот, човечкиот капитал, капацитетот и градењето на заедницата. Доброто владеење и вклученоста на граѓаните се, исто така, клучни.
Една од главните причини за ниското и неефикасно земјоделско производство и најголем ограничувачки фактор за зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство се малите земјоделски стопанства и фрагментацијата на парцелите. Поголемиот дел од фармите се во сопственост на голем број мали земјоделски стопанства, кои не се способни да генерираат доволен приход за пристоен стандард на живеење и инвестиции во развојот на производството на фармата. Затоа, една од клучните мерки во создавањето конкурентен земјоделски сектор се однесува на земјишната политика, чија основна цел е да се консолидира земјиштето и да се регулира земјоделското земјиште, особено кога е во прашање државното земјоделско земјиште. Доколку државата не го направи тоа во процесот на преговори со ЕУ или обезбедувајќи дополнителен транзициски период, тоа ќе биде откупено од странските компании по многу пониски цени на штета на домашните производители и компании.