„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Од асоцијациите

МТВ: НАЈАВА за Втората Регионална конференција за промоција на бенефитите на медијацијата

05.10.2023

Разговор со д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија и Национален координатор за медијација и проф.д-р Ќебир Авзиу, член на Националниот совет за медијација

Стопанската комора на Северна Македонија-Асоцијацијата за поддршка на медијацијата (АПМ), Националниот совет за медијација-Владино тело и Меѓународната Финансиска Корпорација (ИФЦ)-дел од Групацијата на Светска Банка, на 18 октомври 2023 година (среда) во Стопанската комора на Северна Македонијсо почеток од 10.00 часот ќе бидат организатори на ВТОРАТА РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ТЕМА: ПРОМОЦИЈА НА МЕДИЈАЦИЈАТА СО ЦЕЛ ИСКОРИСТУВАЊЕ НА НЕЈЗИНИТЕ ПРЕДНОСТИ.
На оваа регионална конференција ќе земат учество говорници од Асоцијациите за медијација од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора кои ќе поентираат за постигнувањата и користењето на медијацијата секој во својата земја како и за чекорите кои треба секој поединечно како институција но и преку синергија и регионални поврзувања како оваа конференција да ги направи во насока на поголемо афирмирање и презентирање на медијацијата, бидејќи користењето на медијацијата има само предности, нема ниеден недостаток.
Конференцијата ќе биде поделена во два дела. Во првиот дел освен обраќањето на висок претставник на Владата на РСМ кој ќе говори за поддршката на државата која ја прави во насока на поголемо користење на медијацијата, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески кој ќе говори за придобивките на медијацијата кај стопанските спорови и Националниот координатор за медијација, свои обраќања ќе имаат репрезентативни претставници од Амбасадата на СР Германија во РСМ, ЕУ делегацијата во РСМ (за потик од користење на медијацијата по примерот на европските земји), како и од УНДП во делот поголема застапеност на медијацијата во локалната самоуправа со цел и подобар развој на општините. Вториот дел ќе биде поделен во 3 панели во кои учесниците-говорници од гореспоменатите земји, односно Асоцијации за поддршка на медијацијата од тие земји ќе ги кажат своите искуства и ќе кажат зошто “ДА за медијацијата. Во рамките на Регионалната конференција за промоција на медијацијата, во организација на Стопанска комора на Македонија, Националниот освет за медијација и Меѓународната Финансиска Корпорација се подготвува за печатење БРОШУРА за медијација на македонски и англиски јазик која ќе биде промовирана и поделена на учесниците на самата конференција.
Потсетуваме дека сме активни во промоција на оваа област уште многу одамна, односно  уште од 2006-та година кога за прв пат заеднички со Меѓународната Финансиска Корпорација (ИФЦ), Стопанската комора на Македонија имаше шест месечен проект за запознавање со медијацијата во нашата земја. Од тогаш па навака, а и преку формирање на посебен департмент за поддршка на медијацијата во 2016-та година-Асоцијација за поддршка на медијацијата при Стопанската комора на Македонија, благодарение на сите наши напори, активности, предавања и настани кои ги правиме во нашата држава, од ден на ден имаме зголемување на користењето на медијацијата. Така, согласно последните официјални податоци од Министерстово за правда на РСМ, од 2017-та година заклучно со 30.09.2023 година во регистарот на барања, евидентирани се 4.578 постапки за медијација. Од нив, 50.5% завршиле со спогодба. Од вкупниот број на медијации, 43,5% се трговски спорови, (4,5% се осигурителни спорови), додека 45% се работни спорови. Трговските спорови се со близу 10 посто успешност односно толку завршиле со потпишување на Спогодба, додека кај работните спорови успешноста, преку потпишување со Спогодба е 98%. За нас како Стопанска комора, радува податокот што од година во година тенденција на пораст имаат трговските спорови. Посебно радува и податокот што благодарение на вакви институции како нашата се евидентираат добри бројки. Пример, од вкупниот број на медијации евидентирани во последните 7 години дадени во приказот погоре (од вкупно 4.578 медијации за овој период), 1/3 од оваа бројка е само во последните две години од кога е формиран Националниот совет за медијација (2022 година и 9 месеци од 2023 година), што доаѓаме до заклучокот дека благодарение на нашите активности, промоции, предавања и сл. бројките и состојбите се подобруваат во позитивна насока, што е успех за сите. Затоа, продолжуваме со уште поголемо темпо на активности и во следниот период.
Стопанската комора на Македонија во заедничко партнерство и со поддршка на Проектот „ДИХК-ЦЕФТА“ (Асоцијација на трговско-индустриските комори на Германија и коморите на ЦЕФТА), на 26.4.2017 година беше домаќин на Првиот од таков вид настан за промоција на медијацијата во Македонија, Регионална конференција на тема: „Медијацијата како ефикасен начин на алтернативно решавање на стопанските спорови“. На овој настан присутни беа раководители на сектори за медијација од коморите од Србија, Црна Гора, БиХ, Хрватска, Грција, Албанија, Бугарија, Молдавија и Турција а се обратија и амбасадорите на Германија и Холандија, земји во кои најголем процент споровите се решаваат по пат на медијација.
Како сублимат од регионалната конференција беше издадена брошура на македонски и на англиски јазик, која се промовираше на самиот настан.
Од 2016-та година од кога е формирана Асоцијацијата за поддршка на медијацијата при Стопанската комора на Македонија до денес, одржавме над 50 бесплатни предавања пред повеќе од 2.500 претставници од бизнис заедницата и други заинтересирани страни со основна цел-споделување на предностите на медијацијата.
При користењето на медијацијата за решавање на споровите главна улога имаат начелата на медијацијата, кои ја издвојуваат како најпривлечна пред другите методи на алтернативно решавање на споровите или пред судовите. Начелата на медијацијата се: доброволност, рамноправност и неформалност, непристрасност, доверливост (исклучена е јавноста од постапката и сите информации од постапката се доверливи), достапност на информации (нема достапност на информациите од медијацијата во други постапки), еднаквост, правичност, ефикасност и економичностМногу голем аргумент за користење на медијацијата е нејзината извршност-доколку Спогодбата постигната во медијација се солемнизира на нотар.
Најавата за Втората регионална конференција која на МТВ беше направена на 05.10.2023 година со д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија и Национален координатор за медијација и проф.д-р  Ќебир Авзиу, член на Националниот совет за медијација можете да ја проследите на следниот линк: МРТ Утринска.
Како иснтитуции кои работиме на промоција на оваа алатка сакаме, уште еднаш да се заблагодариме на МТВ (Македонската телевизија), како и на сите останати медиуми во државата кои години наназад не' следат и заедно учестуваат во зголемување на бројките и користењето на овој поволен инструмент за реашавње на спровите.