„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Од асоцијациите

Компаниите да ја користат медијацијата во деловните спорови меѓу себе, со државата и со општините, за да се избегнат долгите судски спорови

18.10.2023

ОДРЖАНА ВТОРАТА РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ПРОМОЦИЈА НА БЕНЕФИТИТЕ ОД МЕДИЈАЦИЈАТА

Стопанската комора на Северна Македонија заедно со Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ - групација на Светска банка и Националниот совет за медијација-Владино тело беа организатори на ВТОРАТА Регионална конференција на тема: “ЗАЕДНИЧКИ КОН ПОГОЛЕМА АФИРМАЦИЈА НА МЕДИЈАЦИЈАТА ВО РСМ, ЗАРАДИ ИСКОРИСТУВАЊЕ НА СИТЕ НЕЈЗИНИ БЕНЕФИТИ”, која се одржа на 18 октомври 2023 година во Стопанската комора на Северна Македонија.
 
Во продолжение на текстот ќе ги наведеме главните поенти на дел од говорници на настанот.
д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседател на Стопанската комора на Македонија и Национален координатор за медијација
ШТО ПРАВИМЕ ЗА ПРОМОЦИЈА НА МЕДИЈАЦИЈАТА?
  1. Стопанската комора со ИФЦ (Меѓународната финансиска корпорација-групација на Светска банка) од 2006-та година за прв пат прават промоција на медијацијата преку заеднички шест месечен проект за презентација на медијацијата пред бизнис заедницата,
  2. Во 2016-та година формиравме АПМ во рамките на Стопанската комора за популаризација на медијацијата,
  3. Од 2016-та година во нашата држават работат првите лиценцирани медијатори со положен испит за медијатори согласно тогашниот Закон за медијација,
  4. Од кога е формирана АПМ, односно од 2016-та година до денес организирани над 50 бесплатни предавања/презентации/настани пред повеќе од 2.500 претставници на бизнис заедницата и други заинтересирани страни,
  5. Во 2017-та година со поддршка на Унијата на германските трговско-индустриски комори Стопанската комора ја прави првата Регионална конференција за промоција на медијацијата со присуство од над 200 учесници и говорници од департментите за медијација од регионот,
  6. Во 2021 година се носи нов Закон за медијација кој стапува на сила од 4 јануари 2022 година,
  7. Јуни 2022 година од страна на Владата на РСМ е именуван првиот Национален координатор за медијација,
  8. Формиран Национален совет за медијација составен од вкупно 5 члена заедно со координаторот. Националниот совет е Владинот тело кое работи независно и самостојно и кое се грижи за квалитетот на работите во медијацијата-издава и укинува лиценци, акредитира програми за обуки на медијатори, евалуира, соработува, поднесува иницијативи за закони поврзани со материјата и сл.
МЕДИЈАЦИЈА-ЗОШТО ДА СЕ КОРИСТИ ОД СТРАНА НА КОМПАНИИТЕ?
„Медијација“ е посредување и начин на решавање на споровите наведени во Законот за медијација, настанати меѓу две или повеќе страни во спорот, при што им се овозможува истиот да го решат по пат на мирење, со посредство на трета неутрална страна медијатор/медијатори, со можност да постигнат заемно прифатлива писмена спогодба.
Во согласност со Законот за медијација, медијацијата се применува при имотно-правни спорови што произлегуваат од оставински постапки, семејни спорови, работни спорови, трговски спорови, при потрошувачки спорови, осигурителни спорови, спорови што произлегуваат од постапките на нотарски платни налози, при спорови од областа на образованието, спорови од областа на безбедност и здравје при работа, спорови од областа на здравствената заштита, при спорови од областа на заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминација, спорови поврзани со граѓанската одговорност за навреда и за клевета и во други спорни односи настанати меѓу домашни и/или странски физички и правни лица, каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување. Одредбите од овој закон се применуваат и во кривични предмети, доколку не е поинаку определено со посебен закон.
Симплифицирано, медијацијата претставува вонсудски и законски начин на решавање спорови од најразличен вид. Целата постапка се води од лиценциран медијатор кој има соодветна обука, положен испит од областа на медијацијата и лични вештини за постигнување спогодба меѓу две спротивставени страни. 
При користењето на медијацијата за решавање на споровите главна улога имаат начелата на медијацијата, кои ја издвојуваат како најпривлечна пред другите методи на алтернативно решавање на споровите или пред судовите. Начела на медијацијата се:
  • доброволност,
  • рамноправност и неформалност,
  • непристрасност,
  • доверливост (исклучена е јавноста од постапката и сите информации од постапката се доверливи),
  • достапност на информации (нема достапност на информациите од медијацијата во други постапки),
  • еднаквост,
  • правичност,
  • ефикасност и економичност.
  • Многу голем аргумент за користење на медијацијата е нејзината извршност-доколку Спогодбата постигната во медијација се солемнизира на нотар.
  • Со поднесување на барање за поведување на постапка на медијација започнува прекин на рокот за застареност на побарувањето кое е предмет на спорниот однос и трае до завршувањето на постапката за медијација, но не подолго од 90 дена од денот на поднесувањето на барањето.
  • Постапката на медијација може да биде бесплатна за страните, во случај кога страните и медијаторот ќе се договорат за тоа или кога е тоа уредено со закон.
  • Предлозите изнесени во текот на медијацијата, дадени исклучиво во насока на постигнување спогодба, не можат да се користат во судска, арбитражна или во друга постапка, ниту да се соопштат на друг начин.
  • Нема долги судски постапки и нема прекин на соработката. Во стопанството секој спор претставува застој или прекин на деловните односи што предизвикува негативни реперкусии во крајните деловни резултати. Со помош на медијација овие ситуации на деловни спорови се премостуваат на брз, ефтин и ефикасен начин при што им се овозможува на деловните соработници да ги решат меѓусебните спорови а сепак да го задржат високото ниво на соработка.
  • Покрај правните акти од национален карактер , Република Северна Македонија од 2019 година е потписник на Сингапурската конвенција за медијација. Потпишувањето на оваа конвенција е историски настан, кој подразбира бројни придобивки за странските инвеститори и компаниите преку алтернативното, вонсудско разрешување на меѓународните трговски спорови. Целта на конвенцијата е да им се помогне на страните кои имаат прекуграничен спор, да го решат со медијација имајќи сигурност и доверба дека постигнатата спогодба може да се спроведе, односно да се изврши во која било од земјите кои ја усвојуваат Конвенцијата.
Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за парнична постапка од февруари 2016 година постои одредба во Законот дека за стопанските спорови за парично побарување, чија вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесувањето на тужбата, да се обидат да го решат спорот по пат на медијација. При поднесувањето на тужбата тужителот е должен да приложи доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал. Тужбата кон која не е приложен ваквиот доказ (дека страната се обидела спорот да го реши по пат на медијација), судот ќе ја отфрли.
БРОЈКИ
Државата и преку сопствен пример ја покажува поддршката на медијацијата. Така, државните институции во последните неколку години во нашата земја се едни од поголемите корисници на медијацијата со што државата дополнително дава поддршка во промоцијата и популаризацијата на медијацијата како еден од најефискасните алтернативни начини на решавање на споровите. Согласно официјалните податоци за внес на предметите во медијацијата при Министерството за правда на РСМ евидентно е дека од 2017 година до 30.09.2023 година државата најмногу е вклучена во решавање на работните спорови преку процесот на медијација, односно бројката за овој период е 2.041 работни спорови од вкупно по сите други основи 4578 постапки за медијација (што е 45%). Од овие 2.041 постапки решени по пат на медијација, 98 % се успешни односно со склуучена Спогодба .
Од вкупниот број на постапки за медијација односно од 4.578 постапки 50.5% завршиле со спогодба. Од вкупниот број на медијации, 43,5% се трговски спорови, 4,5% се осигурителни спорови, додека 45% се работни спорови.
Трговските спорови се со близу 10 посто успешност односно толку завршиле со потпишување на Спогодба, додека кај работните спорови успешноста, преку потпишување со Спогодба е 98%.
За нас како бизнис заедница, радува податокот што од година во година тенденција на пораст имаат трговските спорови. Посебно радува и податокот што благодарение на вакви институции како Националниот совет за медијација се евидентираат добри бројки. Пример, од вкупниот број на медијации евидентирани во последните 6-7 години дадени во приказот погоре (од вкупно 4.578 медијации за овој период), 1/3 од оваа бројка се евидентирани само во последните две години од кога е формиран Националниот совет за медијација при што може да се дојде до заклучокот дека благодарение на поддршката на Владата, Националниот совет за медијација, Стопанската комора на Македонија кои прават промоции, предавања и сл. бројките и состојбите се подобруваат во позитивна насока, што е успех за сите.
Затоа, ги охрабруваме и повикуваме сите (онаму каде има медијабилност и за правни и за физички лица) да ја користат оваа алатка, да ја користат фирмите, да ја користат државните институции, да ја користат и општините односно локалната самоуправа, бидејќи така ќе си помогнеме на себе си, на компаниите, на општините, на судовите и слично и со помалку средства, за многу кратко време, во една доверлива постапка каде сите остануваат соработници, без нервози и без "победник-губитник" туку само "победник-победник", можеме да решиме сегашен или иден спор.
Според Извештаите на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија во Глава: Владеење на правото и фундаментални права, Поглавје 23: Правосудство и фундаментални права, евидентирано е дека се потребни напори за подобрување на употребата на алтернативното решавање спорови посебно медијацијата.
ДРЖАВАТА ДАВА ПОДДРШКА НА МЕДИЈАЦИЈАТА
Согласно Законот за медијација, Владата на Република Северна Македонија донесува Програма за развој на медијацијата, во која се определуваат мерки за поддршка и развој на медијацијата и финансиски средства за реализација на програмата во која ги опфаќа областите на подобрување на стручните вештини на медијаторите, едукација, информирање, промоција, европско право, соработка со стопанство, поддршка на истражувања, деловна етика, меѓународни стандарди за решавање спорови со медијација и друго.
Посебна годишна програма за поддршка на медијацијата донесува Судскиот совет на Република Северна Македонија, заради воспоставување на потесни врски и одржување на постојана институционална соработка за медијацијата со Комората.
 “Кога ја мотивираме бизнис заедницата да ја користи медијацијата како алатка за решавање на споровите, велиме, фирмите да не чекаат да дојде до проблем, да не чекаат компанијата да западне во одредена криза и да не чекаат да имаат спор, туку седнувајќи на маса со својот партнер, може да се реши некој иден спор. Посебно во услови кога е нарушена ликвидноста на компаниите и кога компанијата треба да премости одредена потешкотија кoja ja има со своите бизнис соработници, идеален партнер за надминување на таквата состојба е медијацијата.
м-р Методија Димовски, Генерален секретар на Владата на РСМ
Владата на Република Северна Македонија ги има задолжено и охрабрено институциите од јавниот сектор, да ја користат медијацијата при решавање на евентуалните деловни спорови.
Главна улога во користењето на медијацијата за решавање на споровите, имаат нејзините начела, кои ја издвојуваат како најпривлечна и најсоодветна, пред останатите методи на алтернативно решавање на споровите или пред судовите, кои вклучуваат: доброволност, рамноправност, неформалност, непристрасност, доверливост, достапност на информации, еднаквост, правичност, ефикасност и економичност. Користењето на медијацијатазаснована на овие начела, носи значителни придобивки, вклучувајќи намалување на бројот на случаи каде спорот доведува до престанок на деловниот однос, како и олеснување и заштеда при спроведување на правдата од страна на државата.
Во услови кога нашите судови се соочуваат со голем број на предмети, користењете на алтернативниот начин на решавање на споровите, нè мотивира уште повеќе да ги охрабриме субјектите во правниот промет, правните и физичките лица, првенствено да пристапат кон користење на медијацијата за решавање на нивните меѓусебни споровите.  Сметам дека не треба да се има дилема дека медијацијата е концепт, кој промовира мирно решавање на споровите, во која сите страни треба да се чувствуваат како добитници!
Викторија Аврамовска Мадиќ, заменик  министер за правда
„Државата и преку сопствен пример ја покажува поддршката на медијацијата, така што државните институции во последните неколку години се едни од поголемите корисници на медијацијата. Од решавањето на споровите по пат на медијација корист имаат не само поединците туку и општеството во целина. Како заменик министер за правда потенцирам дека заложбата за промоција на медијацијата е приоритет. Таа е дел од новата Стратегија за развој на правосудниот сектор 2023-2027, каде се предвидени стратешки цели, мерки и активности за натамошниот развој на медијацијата во државата“.
Армен Григорјан, Постојан претставник на УНДП
УНДП го поддржува локалниот развој во Северна Македонија повеќе од 20 години. Спроведуваме бројни иницијативи и користиме сеопфатен пристап за зајакнување на капацитетите на локалните самоуправи за квалитетно извршување на нивните улоги и одговорности. Целта на нашата работа на општински ниво е да изградиме поефикасна, поотпорна, поодговорна, потранспарентна локална самоуправа, со крајна мисија подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Убеден сум дека придобивките од користење на медијацијата на локално ниво можат да бидат огромни и видливи. Медијацијата не е само економски и временски поисплатлива, туку и придонесува за зачувување на добрите односите, ја вклучува заедницата и креира специфични решенија за конкретни ситуации. Успешните приказни од земјите на ЕУ се доказ за ефикасноста на медијацијата во создавањето одржливост и хармонични односи во локалните заедници. Сите локални самоуправи се охрабрени да ја разгледаат можноста за спроведување медијација во процесите за решавање спорови. Со тоа, ќе заштедат ресурси, ќе одржуваат цврсти врски во заедницата и ќе обезбедат локалната управа да остане инклузивна и да одговара на потребите на граѓаните.
Преку медијација, локалните самоуправи можат заеднички да ги решаваат отворените прашања со приватниот сектор, како што се даночните поттикнувања и усогласеноста со регулативата, на тој начин обезбедувајќи услови за напредок на бизнисите, а во исто време и почитување на интересите и потребите на заедницата. Овој пристап поттикнува економски раст, отворање нови работни места и одржлив развој, правејќи ја медијацијата неопходна предност во усогласувањето на односите меѓу локалните власти и бизнис секторот”.
На регионална конференција панелисти беа координаторите од Асоцијациите за медијација при Стопанските комори од Македонија, Србија, Албанија, Косово, Бугарија и Црна Гора кои говореа за постигнувањата и користењето на медијацијата секој во својата земја како и за чекорите кои треба секој поединечно како институција но и преку синергија и регионални поврзувања како оваа конференција да ги направи во насока на поголемо афирмирање и презентирање на медијацијата, бидејќи користењето на медијацијата има само предности, нема ниеден недостаток.
Конференцијата беше поделена во два дела. Во првиот дел се обратија Национален координатор за медијација, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, генералниот секретар на Владата на РСМ, м-р Методија Димовски, заменик министерката за правда на РСМ, Викторија Аврамовска Мадиќ, Марина Перуновска, претставник од ИФЦ (Меѓународната финансиска корпорација-групација на Светска банка), Ото Граф, заменик амбасадор на СР Германија во РСМ, г-ѓа Марија Канелопоулу, прв советник, ЕУ Делегација во РСМ кои говореа за примената на медијацијтата во земјите од ЕУ како и г-дин Армен Григорјан, Амбасадор на УНДП во РСМ, кој го истакна значењето на медијацијата за општините и локалната самоуправа со цел подобар развој на општините и генерално со тоа економски развој на земјата.
Членовите на Националниот совет за медијација: проф.д-р Љупчо Сотировски, Ивана Талевска Трендафилова, Зоран Петковиќ-Бакли и проф.д-р Ќебир Авзиу беа модератори на панелите во кои се дебатираше за искуството на медијацијата кај нас и во земјите од регионот. Така во првиот панел г-дин Милазим Мустафа, член на Судски совет на РСМ и медијатор говореше за поддршката на државата која ја дава за промоција на медијацијата во насока на растоварување на судовите, неговиот колега од Косово, односно г-дин Фахрет Велија, член на Судски совет на Косово, исто така поентираше во споменатиот правец, потоа г-дин Олтјон Дано, советник во Унијата на стопански комори на Албанија и г-ѓа Тамара Поповиќ, виш советник за посредување/медијација при Стопанската комора на Србија кои ги изнесоа состојбите на полето на медијацијата во Албанија односно во Србија и кои подвлекоа дека медијацијата е одлична алатка за брзо, ефикасно и економично решавање на еден спор. На крајот, на последниот панел од регионалната конференција, г-ѓа Маја Головиќ Војиновиќ, секретар на Арбитражниот суд при Стопанската комора на Црна Гора, одделение за медијација и г-дин Силви Василев Чернев, почесен претседател на Арбитражниот суд при Стопанската комора на Бугарија, оддел за медијација ја истакнаа важноста и потребата од уште поголема промоција на медијацијата посебно за компаниите и државните институции и дека медијацијата треба уште повеќе да биде искористена со оглед на нејзините бенефити.
На крајот на регионалната конференција се заклучи дека организацијата на вакви настани е извонредна можност од споделување искуство но и делување на промена на навиките и свеста кај компаниите, бидејќи не треба да се чека да настане некој проблем или спор, туку дека на истиот доколку постои или настане во одреден момент може да се делува превентивно и најефикасно-со медијација.
Сите присутни им честитаа за одличната организација на Стопанската комора на Северна Макеоднија, ИФЦ и Националниот совет за медијација и посебно за тоа што овие институции собраа повеќе од 100 учесници на едно место пред кои успешно се претстави медијацијата. Стопанската комора и Националниот освет за медијација се едни од ретките институции во државата кои прават ваков тип на промоции. Асоцијацијата за поддршка на медијацијата од нејзиното формирање до сега има направено над 50 презентации пред повеќе од 2.500 учесници. Асоцијацијата со оваа организација веќе организира и две Регионални конференции со што се остава печат во државава дека работите можат да се променат само со упорност, работа, професионализам и знаење.
На регионалната конференција за медијација на сите присутни од бизнис секторот, локалната самоуправа, адвокати, судии, претставници од државните институции и други беше поделена Брошурата за медијација која е продолжение на Брошурата од регионалната конферецнија организирана во 2017-та година. Брошурата содржи детален опис на постапката за медијација во Република Северна Македонија како и опис на состојбите на полето на медијацијата во земјите од каде имаше говорници на годинешниот настан.
Стопанската комора на Северна Македонија и Националниот совет за медијација -Владино тело одговорно за квалитетот на работите во медијацијата и во следниот период ќе организираат настани за уште поголема афирмација на медијацијата.
Ги охрабруваме сите компании да користат медијација за решавање на својот сегашен или иден спор. Со тоа ќе си помогнат самите себе, ќе останат во одлични односи со своите партнери, ќе им помогнат на судовите преку нивно растоварување, а ќе ѝ помогнат и на државата во целина. Во своите облигациски договори секоја компанија доброволно може да предвиди дека во случај на спор ќе се обиде да го реши по пат на медијација. Тогаш таа медијација ќе биде договорна и тогаш таа ќе претставува еден од најдобрите начини спорот да се реши најбргу, најевтино и нејефикасно.
Имајте предвид дека секоја спогодба која ќе се склучи по пат на медијација може да има сила на извршна исправа доколку се солемнизира на нотар. Исто така, имајте предвид дека додека трае постапката за медијација, паралено не се води никаква друга постапка за тој спор и дека има прекин на рокот на застареност на побарувањето со самото почнување на медијацијата. Затоа, како што тоа го прават високоразвиените европски држави, да покажеме дека и ние можеме да му помогнеме на стопанството преку ваквиот начин на работа. Медијација - зошто ДА? Бидејќи нема ниту еден недостиг.