„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

КАМПАЊА ЗА ФИНАНСИСКА ЕДУКАЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ

24.10.2023

Денес Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија одржа прес конференција со која ја започна кампањата на Групацијата за финансиска едукација. На прес конференцијата зборуваше г-дин Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва. Денешната прес конференција е прва во серијата прес конференции за финансиска едукација кои што ќе следат, а фокусот денес беше како клиентите на финансиските друштва да си ги заштитат своите личните податоци. Ноември е познат како месец на финансиска едукација.

Цел на оваа кампања на Групацијата е намалување и искоренување на злоупотребите на личните податоци кои не одат никому во прилог: ниту на измамените, ниту на финансиските друштва, ниту на државата. Финансиската едукација е насочена кон сите субјекти во општеството, односно не е насочена само кон клиентите на финансиските друштва, физичките и правните лица, туку и кон вработените во финансиските друштва, односно нивен тренинг и едукација за препознавање и надминување на ваквите ситуации во секојдневното работење. На овој начин, истакна г-дин Јошевски, инвестираме во подобрување на финансиската писменост, се залагаме за одговорно кредитирање и да бидеме авангарда во заштитата на личните податоци.
Воедно тој укажа дека финансиските друштва членки на Групацијата подеднакво инвестираат и во едукацијата на внатрешни тимови. Воспоставувањето на концепти и процедури фокусирани на зајакнување на знаењата и вештините на вработените, усовршување на методологиите на работење и зајакнување на системот за заштита на клиентите се приоритет на финансиските друштва.
Г-дин Јошевски е уверен дека со оваа кампања, ќе допринесеме за подобрување и бришење на ваквите ситуации во македонската економија. Секој има свој допринос и доколку работиме заедно, злоупотребите на личните податоци ќе се намалат, а цел на Групацијата е тие да исчезнат. Оваа кампања сите финансиски друштва истовремено ќе ја комуницираат низ каналите на социјалните медиуми, повторувајќи ја посветеноста на Групацијата за транспарентност и интегритет во работењето. Во следниот период Групацијата ќе соработува со повеќе институции и тоа: Министерството за Финансии, Агенцијата за заштита на лични податоци, МВР, Државен пазарен инспекторат и сите останати надлежни институции.
Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија продолжува активно да работи на поттикнување на одговорното кредитирање, заштита на клиентите, подобрување на бизнис условите на пазарот, усогласување со глобалните стандарди, како и подобрување на видливоста и репутацијата на небанкарските финансиски институции.
Финансиските друштва се најмладиот и најдинамичниот сегмент на финансискиот систем, кои по малку, но постојано, од година во година го зголемуваат своето учество. Тие одобруваат кредити, издаваат и администрираат кредитни картички, вршат факторинг и издаваат гаранции. Со својата кредитната активност, финансиските друштва овозможуваат пристап до финансиски средства на одредени катергории на физички и правни лица кои имаат отежнат пристап до кредити кај банките (традиционалните форми на кредитирање).
Во изминатата деценија експанзијата на финансиските друштва се огледа во нивниот зголемен број, растот на бројот и вредноста на новосклучени договори, порастот на кредитите и зголемениот број на кредитокорисници. Финансиските друштва вработуваат повеќе од 1300 млади луѓе и оваа година ќе платат над 10 милони евра даноци кон државата.
Според НБРМ заклучно со 30.06.2023 година вкупната кредитна изложеност на граѓаните и фирмите во Македонија била 7 Милјарди Евра, а изложеноста кон финансиските друштва е 140 милони евра или само 2% од вкупната кредитна изложеност.