„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
10.02.2023
Парите што Владата планира да ги собере преку данокот на солидарност можеше да се обезбедат од други извори, изјави претседателот на Комората Бранко Азески во интервју за Блумерг Адриа ТВ. Тој потенцираше и дека законското решение се носи доцна, не е испочитуван даночниот календар, па компаниите го немаат ставено тој трошок во нивните биланси.
„Нашите принципиелни заложби за даночниот календар со кој сме договорени со власта дека нема да се воведуваат нови давачки во период после шестомесечието, односно први јули, не се испочитувани. Компаниите кои што работат ги прават своите планови за следната година во тој период и тие мора да ја имаат пред себе предвидливоста како основен аспект на таа работа. Со предлогот на овој закон се дојде многу доцна и мислам дека тоа ќе биде дополнителен трошок за компаниите, кој не е евидентиран на време и не е ставен во нивните биласни за следната година. Што се однесува до конкретното решение, бевме консултирани од страна на Владата, во неколку наврати, ние имавме сериозни забелешки и за критериумите, па тие се менуваа и се приспособуваа, меѓутоа исто така сметаме дека ова решение можеше да се избегне затоа што парите кои би се собрале на овој начин може да се обезбедат на друг начин и сметаме дека имаше други алтернативи. Инаку ние сме свесни за состојбата во која што се наоѓаме и сакаме да помогнеме. Меѓутоа мислиме дека може да се искористат нашите предлози. Владата се одлучи да оди со тој концепт и тој е усвоен на владина седница, сега се очекува во Парламентот. Но знаете дека Парламентот не е функцинален и можни се секакви решенија. Во зависност од тоа како ќе се одвиваат работите понатаму, ќе ги продолжиме нашите реакции“, изјави Азески.
Во однос на најавите на власта за зголемување на квотите за увоз на работна сила Азески потенцираше дека бизнисот ја поддржува мерката, меѓутоа во многу органичен број.
„При зголемување на квотите за увоз на работна сила власта да ги има предвид интересите на државата и бројките коишто се евидентирани во Агенцијата за вработување, која што има целосна документација за ова прашање. Она што ние го видовме во евиденцијата, дозволи за работа не се даваат само за струки кои му се потребни на бизнисот, туку и за огромен број на лица кои се менаџери, спортски работници и лица со квалификации кои не се врзани со производствениот процес“, нагласи Азески.
Во интервјуто претседателот Азески зборуваше и за Декларацијата којашто Комората ја издаде на својата 100 годишнина и со која бара во наредните десет години сите чинителни на економската политика и политичките елити да се свртат кон еден нов рамковен економски договор со приоритети којшто ќе овозможи економски раст во државата и поголем стандард и за граѓаните.