„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Практична настава во високото образование-Студентите по деловно право во посета на Постојаниот избран суд – Арбитража при Комората

05.12.2024

 На 5 декември 2024 година во посета на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија беше група студенти на мастер-студии по деловно право од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Скопје при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Целта на оваа посета беше студентите да се запознаат со работата на арбитражниот суд, неговата организација и со надлежностите, но и да се здобијат со сознанија за спроведувањето на постапките на решавање на арбитражните спорови во праксата.

Во текот на посетата студентите разговараа со претседателката на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија, д-р Елена Милевска-Штрбевска, која им презентираше практични примери од арбитражните спорови и ги предочи правилата на постапката, а зборуваше и за важноста на арбитражата како алтернативен начин на решавање на споровите меѓу деловните субјекти.

Оваа активност беше организирана во соработка со проф. д-р Татјана Зороска-Камиловска од Правниот факултет „Јустинијан Први“, а со цел да се поттикне интересот на младите правници за арбитражата и за предностите и предизвиците со кои се соочува Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија во текот на своето работење.

Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија и Правниот факултет „Јустинијан Први“ ќе ги продолжат соработката и размената на искуства за да се подобрат практичните знаења на студентите и за да се поттикне нивниот професионален развој.