„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]
10.01.2025
Ирена Јакимовска, сопственичка на текстилната компанија „Комфи Ангел“ од Прилеп, компанијата „Макстил“, како и Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, кој истовремено е и член на КЛУБ 100 – водечката платформа во менаџирањето на Стопанската комора на Северна Македонија, се дел од листата Топ 25 за 2025 година подготвена од регионалната медиумска мрежа „Блумберг Адрија“.
Листата ги опфаќа најистакнатите бизнисмени и компании од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина, поделени во пет категории: Компанија, Бизнисмен, Визија, Идеја и Влијание. Клучен критериум за избор се достигнувањата на поединците и компаниите во 2024 година, како и нивниот потенцијален придонес во 2025 година.
Ирена Јакимовска и „Комфи Ангел“ – Лидерство во иновации
Ирена Јакимовска е дел од листата во категоријата Идеја, благодарение на нејзиниот иновативен проект за трансформација на текстилниот отпад во Македонија. Низ заедничкиот проект „Тексомат“ (Texomat), реализиран со компанијата „Албатрос“ од Штип, се поставени темелите за Македонија да стане земја без текстилен отпад.
Проектот опфаќа собирање и обработка на текстилниот отпад, кој потоа се претвора во изолационен материјал за градежната индустрија. Дополнително, рециклираниот текстил се користи за изработка на перници, јоргани и детски играчки.
„Комфи Ангел“, основана во 2004 година, вработува 820 луѓе и пласира 95% од своето производство на странски пазари, главно во ЕУ. Во 2023 година, компанијата извезе производи во вредност од 43,2 милиони евра и оствари нето-добивка од речиси 2,3 милиони евра.
„Макстил“ – Пример за циркуларна економија
„Макстил“, дел од групацијата „Дуферко“ (DITH), е лидер во производството на топловалани дебели лимови и има долгогодишна традиција како македонски производител на челик. Компанијата, основана во 1997 година, активно вложува во модернизација, со над 100 милиони евра инвестиции досега.
Во изминатиот период, „Макстил“ го трасираше патот кон циркуларната економија за нулта отпад, со фокус на производство на зелен челик преку трансформација на отпадниот метал. Компанијата ги имплементираше ЕСГ-стандардите и активно работи на усогласување со новата регулатива за Carbon Border Adjustment Mechanism (CBAM).
Заклучно со септември 2024 година, „Макстил“ оствари добивка од 3,4 милиони евра, што претставува раст од 25% во однос на истиот период во 2023 година.
На листата на ТОП 25, се најдоа и Радмила Шекеринска во категоријата Влијание поради нејзиното назначување за заменик-генерален секретар на НАТО, како и Светлана Мојсов, истражувачка и професорка на универзитетот „Рокфелер“ во Њујорк во категоријата Визија, која претходно беше ставена на листата на 100 највлијателни на магазинот „Тајм“ поради нејзините револуционерни откритија околу хормонот што го регулира шеќерот во крвта, наречен GLP-1, кој, пак, го отвори патот за блокбастер лековите против дијабетес и дебелина „оземпик“ (Ozempic), „виктоза“ (Victoza) и „вегови“ (Wegovy).