„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за бесплатна правна помош, по скратена постапка

20.08.2024

Предлагач е Владата на РСМ.

I. ОЦЕНА НА СОСТОЈБИТЕ ВО ОБЛАСТА ШТО ТРЕБА ДА СЕ УРЕДИ СО ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОН И ПРИЧИНИТЕ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ Со Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/19), во членот 13 став 5 се уреди правото на лицата на кои им е одобрена секундарна правна помош, да бидат ослободени од трошоците за вештачење. Вештачењето, според Законот беше доверено да го врши Бирото за судски вештачења како орган во состав на Министерството за правда, а во согласност со Законот за вештачење („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/10, 12/14. 43/14, 148/15 и 64/18). Во 2023 година, Собранието на Република Северна Македонија донесе нов Закон за вештачење („Службен весник на Република Северна Македoнија“ бр.154/2023). Со новиот закон Бирото за судски вештачења се трансформираше во Биро за процена. Од 29 јули 2023 година, Бирото престана да врши вештачења. Со ова се оствари една од мерките предвидени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за периодот 2017–2022, а се однесуваше на деетатизација на системот на судско вештачење. Трансформацијата се официјализираше со последните изменувања и дополнувања на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Северна Македoнiја“ бр.121/2024). За бесплатната правна помош значаен е членот 29 од Законот за вештачење од 2023 кој ги уредува наградата и надоместокот на вештаците. Според овој член, вештачењата извршени во предмети од бесплатна правна помош се наплатуваат со намален износ, односно во висина за 40% пониска од пропишаната. Членот 29 уредува и дека Министерството за правда ги надоместува овие трошоци. Сепак, оваа одредба сама по себе е неприменлива без претходна интервенција во Законот за бесплатна правна помош. Ова пред се од причина што самиот закон упатува на Бирото како давател на оваа услуга и предвидува можност вештачењето да го вршат физички и правни лица. Одредбата од член 13 став 6 од важечкиот Закон за бесплатна правна помош е исклучива. Вештачењата за потребите на лицата на кои им е одобрена секундарна правна помош се обезбедуваат само преку Бирото за судски вештачења. Имајќи предвид дека овој орган веќе не постои, корисниците на секундарната правна помош се оставени без пристап до услугите од вешто лице. Во практиката оваа празнина може да има особено тешки последици во однос на лицата затоа што вештачењата се особено важно доказно средство во граѓанските постапки кое согласно член 235 од Законот за парничната постапка по правило се поднесува со тужбата или со одговорот за тужбата. Поради ова, неопходно е да се изврши усогласување на Законот за бесплатна правна помош со Законот за вештачење. II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА НА ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОН Законот се заснова врз истите начела како и досегашниот закон