„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

ПРАВИЛНИК ЗА НАЧИНОТ НА ВРШЕЊЕ НА РАБОТИТЕ НА УПРАВУВАЊЕ СО СРЕДСТВА (ПОРТФОЛИО) ПО НАЛОГ И ЗА СМЕТКА НА ИНДИВИДУАЛЕН КЛИЕНТ И ИНВЕСТИЦИОНО СОВЕТУВАЊЕ И ЗА ХАРТИИТЕ ОД ВРЕДНОСТ И ДРУГИТЕ ФИНАНСИСКИ ИНСТРУМЕНТИ ВО КОИ МОЖЕ ДА СЕ ВЛОЖУВААТ СРЕДСТВАТА НА КЛИЕНТОТ (СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ БР.20 ОД 28.01.2022 ГОДИНА)

31.01.2022

 Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија на седницата одржана на 17.1.2022 година донесе Правилник за начинот на вршење на работите на управување со средства (портфолио) по налог и за сметка на индивидуален клиент и инвестиционо советување и за хартиите од вредност и другите финансиски инструменти во кои може да се вложуваат средствата на клиентот.

Со Правилникот поблиску се пропишуваат организационите барања за овластениот учесник на пазарот на хартии од вредност и за друштвото за управување со отворени и затворени инвестициски фондови (во понатамошниот текст: друштва за управување) кои мора да бидат исполнети заради обезбедување на законито и ефикасно работење и сведување на ризикот на најмала можна мера, а особено:
-    водење евиденција за налозите и трансакциите;
-    заштита на имотот на клиентите;
-    спречување на судир на интереси;
-    сопствени трансакции на релевантните лица.
Со овој Правилник се уредуваат и правилата на деловно однесување при извршување на услугата инвестиционо советување и управување со средства (портфолио) по налог и за сметка на индивидуален клиент - сопственик на портфолио кај овластениот учесник на пазарот на хартии од вредност и за друштвото за управување (во понатамошниот текст управување со портфолио) во врска со:
  1. информациите кои им се достапни на клиентите и потенцијалните клиенти;
  2. проценката на соодветноста на услугата инвестиционо советување и управување со портфолио за поединечни категории на клиенти;
  3. известување на клиентите за извршените услуги со хартии од вредност;
  4. дополнителни стимулации.
Одредбите од овој Правилник се применуваат на:
  • брокерска куќа/банка со дозвола за вршење на услуги со хартии од вредност која вклучува извршување на услуга инвестиционо советување и управување со портфолио на хартии од вредност согласно Законот за хартии од вредност;
  • друштва за инвестиционо советување кои согласно Законот за хартии од вредност имаат добиено дозвола од Комисијата за хартии од вредност (во понатамошниот текст: Комисија) за вршење на услугата инвестиционо советување самостојно и за посредно вршење на услугата управување со портфолио; и
  • друштва за управување кои согласно Законот за инвестициски фондови имаат добиено дозвола од Комисијата за вршење на услугите инвестиционо советување на клиенти и управување со средства за сметка на индивидуален клиент - сопственик на портфолио.