„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ

23.06.2023

Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, издаваат
У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА
МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ
 
Се прогласува Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 14 јуни 2023 година.
Бр. 08-3263/1                              Претседател на Република
14 јуни 2023 година                     Северна Македонија,
Скопје                                               Стево Пендаровски, с.р.
                            Претседател
                    на Собранието на Република
                     Северна Македонија,
                      м-р Talat Xhaferi, с.р.
 
З А К О Н
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ
ЗА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ
 
Член 1
Во Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Македонија” брoj 136/12, 25/13, 93/13, 44/14, 160/14, 129/15, 192/15, 39/16, 53/16, 120/16, 189/16 и 7/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 99/22) во членот 10 по ставот (11) се додаваат два нови става (12) и (13), кои гласат:
„(12) Концесијата за детални геолошки истражувања може да се издаде директно на инвеститор заради изградба на европски патни коридори од стратешки интерес. Инвеститорот поднесува барање за концесија за детални геолошки истражувања до органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини. Барањето треба да содржи:
- објаснување за потребата од детални геолошки истражувања и основни податоци за инвеститорот,
- простор на кој би се вршеле деталните геолошки истражувања вцртан на топографска карта во мерка сразмерна на просторот за кој е поднесено барањето со нанесени координати и
- студија за оцена на влијанието и режимот на минералните, термоминералните и термалните води, во случај кога се работи за барање за доделување концесија за детални геолошки истражувања на минерални, термоминерални, термални води и минерални води и гас CO2.
(13) По приемот на барањето од ставот (12), органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини во рок од пет дена ќе достави до Владата образложен предлог и одлука за доделување концесија за детални геолошки истражувања, која по разгледување на образложениот предлог во рок од 15 дена од приемот на предлогот ќе донесе решение за доделување концесија за детални геолошки истражувања.”.
Член 2
Во членот 40-а став (1) по зборовите: „изградба на” се додаваат зборовите: „европски патни коридори од стратешки интерес”.
Во став (2) по зборот „објект” се додаваат зборовите: „или инвеститорот врз основа на склучен договор за изградба на европски патен коридор од стратешки интерес”.
Во став (3) во алинејата 1 по зборот „орган” се додаваат зборовите: „или договор за изградба на европски патен коридор од стратешки интерес”.
Во ставот (7) зборот „три” се менува со зборот „шест”, а точката на крајот од реченицата се брише и се додаваат зборовите: „како и за изградба на европски патни коридори од стратешки интерес”.
Во став (10) по првата реченица се додава нова реченица, која гласи:
 „Доколку барањето се однесува на доделување концесија за потребите од изградба на европски патни коридори од стратешки интерес, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини е должен во рок од седум дена од денот на поднесувањето на барањето за добивање концесија од ставот (1) на овој член до Владата да достави предлог- одлука за доделување концесија за експлоатација.”.
Во ставот (12) по првата реченица се додава нова реченица, која гласи:
„Доколку барањето се однесува на доделување концесија за потребите од изградба на европски патни коридори од стратешки интерес во рок од седум дена од денот на доставувањето на предлог-одлуката од ставот (10) на овој член, Владата донесува одлука за доделување концесија за експлоатација за изградба на европски патни коридори од стратешки интерес.”.
Член 3
За склучените договори на доделените концесии за експлоатација на минерални суровини согласно со членот 40-а од Законот за минерални суровини (,,Службен весник на Република Македонија” број 136/12, 25/13, 93/13, 44/14, 160/14, 129/15, 192/15, 39/16, 53/16, 120/16, 189/16 и 7/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 99/22) до денот на влегувањето во сила на овој закон во однос на периодот за кој доделената концесија не може да го надминува рокот
од крајниот рок за градба (вклучувајќи ги сите продолжувања на рокот), се применуваат одредбите од овој закон.
Член 4
На започнатите постапки за доделување концесии согласно со членот 40-а од Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Македонија” број 136/12, 25/13, 93/13, 44/14, 160/14, 129/15, 192/15, 39/16, 53/16, 120/16, 189/16 и 7/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 99/22) до денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе се применуваат одредбите од овој закон“.
Член 5
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.