„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

Службен весник број 153 од 19.07.2023 г. Одлука за номотехнички правила за подготвување на законите

20.07.2023

Врз основа на членот 68 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Собранието на Република Северна Македонија, на седница одржана на 18 јули 2023 година, донесе
О Д Л У К А
ЗА НОМОТЕХНИЧКИ ПРАВИЛА ЗА ПОДГОТВУВАЊЕ НА ЗАКОНИТЕ
 
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со оваа одлука се утврдуваат номотехничките правила за подготвување на законите (во натамошниот текст: „правила“), методолошките принципи и единствената техника за начинот на подготвување на законите.
Член 2
(1) Правилата се применуваат од овластените предлагачи на законите.
(2) Правилата за подготовка на законите на соодветен начин се применуваат и за подготовка на другите прописи и општи акти што ги донесува Собранието на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Собранието).
(3) Правилата соодветно може да ги применуваат и другите органи на државната власт, органите на државната управа, како и органите на единиците на локалната самоуправа при подготвувањето на прописите или други акти од нивна надлежност.
II. СТРУКТУРА НА ЗАКОН
Член 3
(1) Законот ја има следнава структура:
1. наслов на закон;
2. воведен дел;
3. главен дел;
4. казнени и/или прекршочни одредби и
5. завршен дел.
(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, законот може како составен дел да има и посебни одредби, кои се уредуваат пред завршниот дел на законот.