„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

Службен весник на РСМ бр.199 од 5.09.2023 г. Закон за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност

26.09.2023

Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија издаваат
У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА
ДАНОКОТ НА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ (*)
 
Се прогласува Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност (*), што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 19 септември 2023 година.
 
Бр. 08-4605/1                                     Претседател на Република
19 септември 2023 година                Северна Македонија,
Скопје                                                    Стево Пендаровски, с.р.
 
                               Претседател
                   на Собранието на Република
                      Северна Македонија,
                       м-р Talat Xhaferi, с.р.
 
З А К О Н
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ДАНОКОТ НА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ (*)
 
Член 1
Во Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија“ број 44/99, 86/99, 8/2001, 21/2003, 19/2004, 33/2006, 101/2006, 114/2007, 103/2008, 114/2009, 133/2009, 95/10, 102/10, 24/11, 135/11, 155/12, 12/14, 112/14, 130/14, 15/15, 129/15, 225/15, 23/16, 189/16 и 198/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/19, 124/19, 275/19, 267/20, 163/21 и 57/22), во член 3 став (3) во точката 3. сврзникот „и“ на крајот oд реченицата се заменува со точка и запирка.
Во точката 4. точката на крајот од реченицата се заменува со точка и запирка и се додаваат две нови точки 5. и 6., кои гласат:
 „5. кусоците на добра кои не се предизвикани од вонредни настани (кражба, пожар или други природни непогоди) и
6. искажаниот износ на трошок на кало, растур, крш и расипување на добра над нормираните износи на трошок утврдени за соодветната стопанска дејност, под услов истите да не се настанати како резултат на вонреден настан или виша сила.“.
____________________________________________________________________________________
(*) Со овој закон се врши усогласување со Директивата 2006/112/EЗ на Советот од 28 ноември 2006 година за заедничкиот систем на данок на додадена вредност (CELEX бр. 32006LO112).
Член 2
Во член 6 став (2) во точката 4. сврзникот „и’’ на крајот од реченицата се заменува со точка и запирка.
Во точка 5. точката на крајот од реченицата се заменува со точка и запирка и се додаваат две нови точки 6. и 7., кои гласат:
„6. Вршењето на телекомуникациски услуги на пренос, емитување или примање на сигнали, зборови, слики и звуци или информации од која било природа преку врска, радио, оптички или други електромагнетни системи, вклучувајќи го и поврзаниот пренос или доделување на правото да се искористи капацитетот за таков пренос, емисија или прием, со вклучување на обезбедувањето пристап до глобалните информативни мрежи и
7. Вршење на промет на услуги по електронски пат за:
 - изработка на веб-страници, веб-хостинг, одржување на програми и опрема на далечина,
- софтвер и негово ажурирање,
- слики, текст и информации и ставање на располагање на бази на податоци,
 - музика, филмови и игри, вклучувајќи игри на среќа, како и политички, културни, уметнички, спортски, научни и забавни емитувања и настани и
- настава на далечина.“
Член 3
 По членот 8 се додава нов поднаслов 3-а. и три нови члена 8-а, 8-б и 8-в, кои гласат:
 „3-а. Вредносни ваучери
Член 8-a
 (1) Вредносен ваучер, во смисла на овој закон, претставува инструмент за кој постои обврска да се прифати како надоместок или дел од надоместок за промет на добра или услуги, доколку прометот на добра, односно прометот на услуги е познат или потенцијалиот вршител на прометот на добра или прометот на услуги и условите за употреба на вредносниот ваучер се наведени на самиот вредносен ваучер или во поврзана документација (во натамошниот текст: вредносен ваучер).
 (2) Вредносниот ваучер може да биде еднонаменски или повеќенаменски.
 (3) Еднонаменскиот вредносен ваучер од ставот (2) на овој член се смета за вредносен ваучер за кој место на промет на добрата, односно место на промет на услугите, на кои се однесува вредносниот ваучер, како и износот на данок на додадена вредност кој треба да се пресмета и плати за прометот на тие добра и услуги е познат во времето на издавање на вредносниот ваучер. (4) Повеќенаменскиот вредносен ваучер од ставот (2) на овој член е вредносен ваучер кој не е еднонаменски вредносен ваучер од ставот (3) на овој член.
 (5) Вредносниот ваучер може да биде во материјална или во електронска форма.
(6) За вредносен ваучер во смисла на овој закон не се смета инструмент, кој на имателот му дава право на попуст при купување на добра или услуги, а со кој не е вклучено правото на купување на добра или услуги. Вредносен ваучер во смисла на овој закон особено не се сметаат билети за превоз, влезници, поштенски марки.
Член 8-б
(1) Секое пренесување на еднонаменскиот ваучер извршено од страна на даночен обврзник, во свое име, се смета за промет на добра, односно промет на услуги на кои се однесува вредносниот ваучер. Вистинскиот промет на добра, односно промет на услуги во замена за еднонаменскиот ваучер, што вршителот на промет го прифатил како надоместок или дел од надоместок, не се смета за промет на добра или промет на услуги.
 (2) Доколку преносот на еднонаменскиот ваучер го извршил даночен обврзник во име на друг даночен обврзник на кој се однесува вредносниот ваучeр, тој претставуванос се смета за промет на добра, односно промет на услуги извршен од страна на даночниот обврзник во чие име е извршен преносот на еднонаменскиот ваучер.
 (3) Кога вистинскиот вршител на прометот на добра, односно прометот на услуги и даночниот обврзник кој во свое име, издал еднонаменски ваучер, не се исти лица, се смета дека вистинскиот вршител на прометот на добра, односно вршител на прометот на услуги, извршил промет на добра, односно услуги поврзани со тој еднонаменски ваучер кон даночниот обврзник кој го издал ваучерот во свое име.
Член 8-в
 (1) Вистинскиот промет на добра, односно промет на услуги во замена за повеќенаменски вредносен ваучер, прифатен од вршителот на прометот на добрата, односно прометот на услугите, како надоместок или дел од надоместок за тој промет, подлежи на одданочување со данок на додадена вредност во согласност со овој закон, додека секој претходен пренос на тој повеќенаменски ваучер не подлежи на оданочување со данок на додадена вредност.
 (2) Доколку преносот на повеќенаменскиот ваучер го изврши даночен обврзник кој не е вистинскиот вршител на прометот на добра, односно на прометот на услуги во согласност со ставот (1) на овој член, се смета дека даночниот обврзник кој го извршил преносот на повеќенаменскиот ваучер врши услуги на дистрибуција, реклама или други услуги што се оданочуваат со данок на додадена вредност во согласност со овој закон.“.
Член 4
 Во член 9-а по ставот (4) се додава нов став (5), коj гласи:
„(5) Сите лица во поврзаното лице одговараат солидарно за неплатениот данок на додадена вредност на секое одделно лице во поврзаното лице за периодот во кој се членови на поврзаното лице.”.
Член 5
 По членот 9-а се додава нов поднаслов 4-a и нов член 9-б, кои гласат: „4-а. Даночен застапник Член 9-б (1) Странско лице коe нема седиште, ниту подружница на територијата на Република Северна Македонија, а коe врши промет на добра и услуги во земјата кои подлежат на оданочување со данок на додадена вредност согласно со овој закон, има обврска да се пријави согласно со ставот (4) на овој член за целите на данокот на додадена вредност и да назначи даночен застапник, освен странските лица кои вршат промет во смисла на членот 32 точка 4 од овој закон.
(2) Странското лице од ставот (1) на овој член се регистрира за целите за данокот на додадена вредност, пред започнувањето на вршењето на оданочивиот промет во земјата и за истото не се однесува износот на вкупен промет од членот 51 став (1) од овој закон.
(3) Странското лице од ставот (1) на овој член, може да назначи само еден даночен застапник.
 (4) Назначувањето на даночен застапник се врши со поднесување на пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност заедно со потребната докумeнтација од ставот (10) на овој член до надлежниот даночен орган.
(5) Даночниот застапник од ставот (1) на овој член може да биде назначен доколку:
- е регистриран за цели на данокот на додадена вредност најмалку 12 месеци пред поднесувањето на пријавата за назначување на даночен застапник,
- на денот на поднесување на пријавата за назначување на даночен застапник нема доспеани, а неплатени даночни обврски и
- ако е правно лице да не е започната стечајна или ликвидациона постапка или ако е физичко лице да не е правосилно осудено за кривично дело.
(6) Даночниот застапник има обврска за пресметување на данокот (член 40) за поднесување даночна пријава (член 41), за плаќање на данокот (член 43) и за плаќање камата во случај на задоцнето плаќање на данокот (член 44) како и да води евиденциски обврски (членови 52, 53, 54, 55 и 56) во име на странското лице од ставот (1) на овој член.
(7) Во случај кога престанува даночното застапување од која било причина, странското лице од ставот (1) на овој член заради вршење на промет назначува друг даночен застапник со доставување на нова пријава согласно со ставот (4) на овој член.
(8) Даночниот застапник од ставот (1) на овој член солидарно гарантира за данокот на додадена вредност кој го должи странското лице од ставот (1) на овој член.
(9) Даночниот орган води регистар на даночни застапници согласно со овој член.
(10) Начинот на пријавување и регистрација на странско лице од ставот (1) на овој член, начинот на водење на регистарот на даночни застапници, формата и содржината на регистарот на даночни застапници, формата и содржината на пријавата за регистрација за целите на данокот на додадена вредност како и потребната документација ги пропишува министерот за финансии.“.
Член 6
Членот 14 се менува и гласи:
 „(1) За цели на одредување на местото на промет на услуги, освен лицата наведени во членот 9 од овој закон како даночни обврзници ќе се сметаат и лица коишто вршат дејности или извршуваат промет што не е дефиниран како оданочив промет на добра или услуги во смисла на членот 2 од овој закон, односно на секој промет на услуги извршен кон нив.
(2) За место на прометот на услуга кон даночен обврзник, се смета местото, каде што тој даночен обврзник има вистинско седиште. Доколку прометот на услуги се врши кон подружница која даночниот обврзник ја има надвор од местото на вистинското седиште, тогаш како место на промет на услуги се смета местото каде што даночниот обврзник има подружница. Доколку такво место не постои, за место на прометот на услуги се смета постојаното живеалиште или престојувалиште на даночниот обврзник кој е корисник на услугата.
(3) За место на прометот на услуги кон лице што не е даночен обврзник, се смета местото каде што вршителот на прометот на услуги има вистинско седиште. Доколку прометот на услуги се врши од подружницата на вршителот на прометот на услуги, што се наоѓа надвор од неговото вистинско седиште, тогаш седиштето на подружницата се смета за место на прометот на услуги.
Доколку такво место не постои, за место на прометот на услуги се смета постојаното живеалиште или престојувалиште на вршителот на прометот на услуги.
(4) По исклучок од ставовите (2) и (3) на овој член, за место на промет на услуга се смета:
1. Местото на прометот каде услугата е извршена кога се работи за услуги кои се извршени кон лице кое не е даночен обврзник од страна на лице кое врши услуга во име и за сметка на друго лице;
2. Местото каде што се наоѓа недвижниот имот кога се работи за промет на услуги во врска со недвижен имот, вклучувајќи го и посредувањето при промет со недвижен имот, услугите од страна на експерти и агенти за недвижен имот, проценката на недвижен имот, провизиите за сместување во областа на хотелиерството или слична област како што се сместувачки кампови или локации наменети за кампување кои функционираат како кампови/места за сместување, гарантирање на права за користење на недвижен имот и услуги за подготовка и координација на градежни активности, како што се архитектонски услуги и активности поврзани со надзор на градежни активности;
3. Местото каде што превозот на патниците се извршува, пропорционално на делницата или дел од истата, по која се извршува превозот кога се работи за превоз на патници;
4. Mестото каде што превозот на добрата се извршува, пропорционално на делницата или дел од истата, по која се извршува превозот кога се работи за превоз на добра кон лица што не се даночни обврзници;
5. Местото каде што услугата се извршува за услуги кои се однесуваат на право на влез на културни, уметнички, спортски, научни, едукативни, забавни или слични настани, како што се саеми и изложби, вклучувајќи и помошни услуги поврзани со истите, извршени кон даночен обврзник;
6. Местото каде што услугата се извршува за услуги кои се однесуваат на обезбедување на услуги и придружни активности во врска со културни, уметнички, спортски, научни, образовни, забавни или слични активности, како што се саеми и изложби, вклучувајќи ги и услугите на организаторите на наведените услуги, кои се извршени кон лице кое не е даночен обврзник;
7. Местото каде што услугата вистински се извршува кога се работи за помошни превозни услуги како натовар, истовар, претовар, складирање или други услуги кои на вообичаен начин се поврзани со превозот, извршени кон лица кои не се даночни обврзници;
8. Местото каде што услугата вистински се извршува кога се работи за услуги на процена и работи врз движни материјални добра извршени кон лица кои не се даночни обврзници;
9. Местото каде што услугата вистински се извршува кога се работи за услуги на предавање на храна и на пијалаци за консумација на самото место и кетеринг услуги. По исклучок за место на промет на услуги на предавање на храна и на пијалаци за консумација на самото место и кетеринг услуги извршени на брод, авион или воз, се смета местото каде што започнува превозот на лица;
10. Местото на коешто превозното средство вистински му се става на располагање на корисникот на услугата во случај на краткорочно изнајмување на превозно средство и
11. Местото каде што корисникот на услугата има вистинско седиште, постојаното живеалиште или престојувалиште кога се работи за изнајмување на превозно средство, освен краткорочното изнајмување, на лице кое не е даночен обврзник.
(5) Под краткорочно изнајмување на превозно средство од ставот (4) точки 10. и 11. на овој член се смета поседувањето или користењето на превозното средство во текот на непрекинат временски период не подолг од 30 дена, а кај пловила не подолг од 90 дена.
 (6) За место на промет на услугите, извршени кон лице кое не е даночен обврзник, се смета местото во коешто корисникот на услугата има вистинско седиште, постојаното живеалиште или престојувалиште, во случај на:
- пренос и отстапување авторски права, патенти, лиценци, заштитни знакови и други слични права,
- услуги на полето на рекламата,
- услуги на советници, инженери, советодавни фирми, адвокати, сметководители и други слични услуги, како и обработка на податоци и давање информации,
- банкарски и финансиски услуги и услуги на осигурување и реосигурување, освен изнајмувањето сефови,
- обезбедување персонал,
- изнајмување движен материјален имот, освен на сите видови превозни средства,
- услуги за посредување за пристап до системи за природен гас или друга слична мрежа, обезбедување на пристап до мрежата на електрична енергија во случај на загушување на соодветна алокациска единица при доделување на прекуграничните преносни капацитети на интерконективните водови,
- телекомуникациски услуги,
- услуги на радио и телевизиско емитување и
- услуги извршени по електронски пат.
(7) По исклучок од ставот (6) алинеја 10 на овој член, во случај кога вршителот и примателот на услугата комуницираат преку електронска пошта, не се смета дека услугата се врши по електронски пат.
(8) Заради избегнување на двојно оданочување, неоданочување или нарушување на условите на конкуренцијата, министерот за финансии е овластен да го утврдува местото на вршењето на одделните услуги според тоа каде била искористена услугата.
(9) Начинот на утврдувањето на местото на промет на услугите од овој член поблиску го пропишува министерот за финансии.“.
Член 7
Во членот 19 став (1) точката 4. се брише.
Точките 5. и 6. стануваат точки 4. и 5..
Ставот (5) се менува и гласи:
„При преносот на движен и недвижен имот во постапка за присилна наплата и во постапка за присилно извршување, даночна основа претставува постигнатата крајна цена намалена за данокот на додадена вредност, пресметан со примена на пресметковна стапка утврдена врз основа на пропишаната даночна стапка освен во случај кога доверителот се стекнува со движниот или недвижниот имот во постапката на присилна наплата и во постапката за присилно извршување, за што даночна основа претставува постигнатата крајна цена.“.
По ставот (5) се додаваат два нови става (6) и (7), кои гласат:
„(6) За прометот остварен по пат на лицитација, даночна основа претставува постигнатата крајна цена намалена за данокот на додадена вредност, пресметан со примена на пресметковна стапка утврдена врз основа на пропишаната даночна стапка.
(7) По исклучок од ставот (1) точка 4. на овој член, првиот и секој натамошен промет со увезени употребувани патнички моторни возила извршен во рок од три години од денот на увозот, даночната основа не може да биде пониска од вредноста што ја одредил надлежниот царински орган при увозот на возилото.“.
Член 8
 Во член 20 зборот „продажниот“ се заменува со зборот „средниот“.
Член 9
 Во членот 24-а став (1) зборот „наменети“ се заменува со зборот „набавени“.
Член 10
 Во член 27 став (1) во точката 4) во воведната реченица по зборот „увезуваат“ се става запирка и се додаваат зборовите: „во согласност со условите на реципроцитет’“, а во потточка е) зборот „персоналот“ се заменува со зборовите: „административно-технички персонал“.
Член 11
 Во членот 30 став (1) точката 1. се менува и гласи: „Основни производи за човечка исхрана;“. Tочката 3. се менува и гласи: „Публикации и тоа: книги како и електронски/дигитални учебници, брошури и слични печатени материјали, весници и други периодични публикации, детски сликовници, книги како и електронски/дигитални учебници за цртање и боење за деца и картографски производи од секаков вид, освен публикации кои служат претежно за рекламни цели, како и публикации со порнографска содржина;“.
По точката 9. се додава нова точка 9-а., која гласи: „9-а. Менструални производи;”.
 Точката 18. се менува и гласи: „18. Пелети, печки на пелети и котли на пелети и“.
Точката 19. се менува и гласи: „19. Топлинска енергија за греење.“.
Точката 20. се брише.
Член 12
 Во членот 30-а по ставот (1) се додава нов став (2), кој гласи: „(2) Повластена стапка од 10% се применува врз прометот и увозот на останатите производи за човечка исхрана кои не се основни производи за човечка исхрана согласно со членот 30 од овој закон.“.
Ставот (3) се менува и гласи: „(3) Владата на Република Северна Македонија поблиску ги определува добрата и услугите од ставовите (1) и (2) на овој член чиј промет се оданочува со повластена даночна стапка на данокот на додадена вредност од 10%.“.
Член 13
 Во членот 32 по точката 5. се додава нова точка 6., која гласи: „6. Даночен застапник којшто е назначен од страна на странско лице кое нема седиште или подружница во Република Северна Македонија согласно со членот 9-б од овој закон.“.
Член 14
Во член 45 ставот (1) се менува и гласи: „Ако износот на претходниот данок во одреден даночен период е поголем од износот на данокот кој е пресметан за прометот кој го извршил, како и за прометот за кои тој е даночен должник според членот 32-а одвој закон, разликата му се враќа на даночниот обврзник врз основа на негово барање кое го искажува во даночната пријава. Ако даночниот обврзник не искаже барање за враќање на разликата искажана во даночната пријава, таквата разлика се пренесува како даночна аконтација за следниот даночен период.“.
Член 15
Во член 48 ставот (1) се менува и гласи:
„Доколку странското дипломатско или конзуларно претставништво набави добра или користи услуги за службени потреби, на барање на претставништвото ќе му се изврши враќање на данокот на додадена вредност, доколку е платена фактурата и доколку во истата е одделно искажан данокот на додадена вредност од страна на даночниот обврзник според членот 53 од овој закон. Враќањето се врши врз основа на посебни спогодби склучени со државата-испраќач, во согласност со условите на реципроцитет. Враќањето ќе се одбие, доколку износот на поединечна фактурата не надминува 9.000 денари, вклучувајки го данокот на додадена вредност. Барањето за враќање се поднесува најдоцна во рок од шест месеци по истекот на календарската година во која е извршен прометот кон подносителот на барањето.“.
Член 16
По членот 51-a се додава нов член 51-б, кој гласи:
„Член 51-б
(1) Управата за јавни приходи доделува посебен даночен број (во натамошниот текст: ДДВ даночен број) заради идентификација на одредени состојби или групирања на даночни обврзници со кој не се означува посебен правен статус, туку форма на дејствување за цели на данокот на додадена вредност.
(2) ДДВ даночен број, претставува единствена идентификациска ознака на податоците на даночниот обврзник за цели на водење на евиденција за остварување на права и обврски на даночниот обврзник за цели на данок на додадена вредност.
(3) Управата за јавни приходи доделува ДДВ даночен број заради идентификација и регистрација на:
- даночен обврзник регистриран за цели на данокот на додадена вредност и
- поврзано лице за цели на данокот на додадена вредност.
(4) ДДВ даночен број од ставот (3) на овој член е составен од алфа знаци „МК“ и Даночниот идентификационен број доделен на даночниот обврзник регистриран во Единствениот регистар на даночни обврзници на Управата за јавни приходи.“.
Член 17
Во членот 53-б став (4) зборовите: „Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис“ се заменуваат со зборовите: „Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги (*)“.
Член 18
Во член 59-а зборовите: „став (7)“ се заменуваат со зборовите: „став (6)“.
Член 19
Одредбите од членот 2 од овој закон со кој во членот 6 став (2) се додаваат две нови точки 6. и 7., од членот 5 од овој закон со кој се додава нов член 9-б, одредбите од членот 6 од овој закон со кој се менува членот 14 и одредбите од членот 13 од овој закон со кој во членот 32 се додава нова точка 6., ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2024 година.
Член 20
Одредбите од членот 11 од овој закон со кој во членот 30 став (1) се менуваат точките 1. и 3., се додава нова точка 9-а. и се бришат точките 18. и 20., како и одредбите од членот 12 од овој закон со кои во членот 30-а по ставот (1) се додава нов став (2), ќе започнат да се применуваат од 1 септември 2023 година.
Член 21
Начинот на утврдување на даночната основа од членот 7 од овој закон, со кој во членот 19 се додава нов став (7), нема да се применува на прометот со половните патнички моторни возила кои се увезени на територијата на Република Северна Македонија до денот на влегувањето во сила на овој закон за кои ќе се применуваат одредбите од Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија“ број 44/99, 59/99, 86/99, 11/2000, 8/2001, 21/2003, 19/2004, 33/2006, 45/2006, 101/2006, 114/2007, 103/2008, 114/2009, 133/2009, 95/10, 102/10, 24/11, 135/11, 155/12, 12/14, 112/14, 130/14, 15/15, 129/15, 225/15, 23/16, 189/16 и 198/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/19, 124/19, 275/19, 267/20, 163/21 и 57/22).
Член 22
Во Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија“ број 198/18), во членот 1 зборовите: „31 декември 2023 година“ се заменуваат со зборовите: „31 декември 2025 година“.
Член 23
Подзаконските акти утврдени со овој закон ќе се донесат во рок од пет месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 24
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.