„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

Службен весник на РСМ бр.200 од 25.09.2023 г. Правилник за начинот за поднесување барање, како и формата и содржината на барањето за добивање или обновување на одобрението за ставање во промет на адитиви за храна за животни (*)

26.09.2023

Врз основа на член 47 став (7) од Законот за безбедност на храната за животни („Службен весник на Република Македонија” бр. 145/10, 53/11, 1/12, 33/15, 149/15 и 53/16), директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство донесe
П Р А В И Л Н И К
ЗА НАЧИНОТ ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ БАРАЊЕ, КАКО И ФОРМАТА И СОДРЖИНАТА НА БАРАЊЕТО ЗА ДОБИВАЊЕ ИЛИ ОБНОВУВАЊЕ НА ОДОБРЕНИЕТО ЗА СТАВАЊЕ ВО ПРОМЕТ НА АДИТИВИ ЗА ХРАНА ЗА ЖИВОТНИ (*)
 
Предмет на уредување
Член 1
Со овој правилник се пропишува начинот за поднесување барање, како и формата и содржината на барањето за добивање или обновување на одобрението за ставање во промет на адитиви за храна за животни.
Поими
Член 2
(1) Поимите дефинирани во Законот за безбедност на храната и Законот за безбедност на храната за животни се применуваат и во овој правилник.
(2) Поимите употребени во овој правилник го имаат следното значење:
1) „Прво ставање во промет на адитив за храна за животни“ е првично ставање во промет на дадениот адитив по неговото производство, увоз на дадениот адитив, или, кога дадениот адитив е вклучен во храната за животни без претходно да е ставен во промет, при првото ставање во промет на таа храна за животни;
2) „Антимикробни средства“ се супстанции кои се произведени или по синтетички или по природен пат, употребени за да ги убијат или да го спречат растот на микроорганизмите, вклучувајќи бактерии, вируси, габи или паразити, особено протозои и
3) „Антибиотици“ се антимикробни средства кои се произведени или добиени од некој микроорганизам, кој го уништува или го спречува растот на други микроорганизми.
Начин на поднесување на барање за добивање на одобрение за ставање во промет на адитиви за храна за животни
Член 3
(1) Операторите со храна за животни пред прво ставање во промет адитиви за храна за животни, треба да поднесат барање за добивање на одобрение за ставање во промет на адитиви за храна за животни до Агенцијата за храна и ветеринарство.
(2) Барањето за добивање на одобрение за ставање во промет на адитиви за храна за животни се поднесува на образец во А-4 формат на хартија во бела боја или во електронска форма.
(3) Формата и содржината на барањето за добивање на одобрение за ставање во промет на адитиви за храна за животни од став (2) на овој член се дадени во Прилог 1 кој е составен дел на овој правилник.
(4) Во прилог на барањето за добивање на одобрение за ставање во промет на адитиви за храна за животни, покрај решението за одобрение на оператор за храна за животни и објект за производство, обработка и манипулација со храна за животни, барателот треба да достави и елаборат со следниве податоци:
а) идентификација на адитивот за храната за животни, предлог за негова класификација по категорија и функционална група согласно член 46 од Законот за безбедност на храната за животни (*1) и Правилникот за категориите и функционалните групи на адитивите за храна за животни поблиските услови за декларирање, минималните карактеристики кои треба да се означат како и начинот на опишување на адитивите за храна за животни (*2), и неговата спецификација, вклучително, доколку е потребно и критериуми за чистота;
 б) опис на методот на производство, обработка и наменска употреба на адитивот за храна за животни, методот на анализа на адитивот за храната за животни согласно неговата наменска употреба и методот на анализа за определување на нивото на остатоци од адитивот за храната за животни или на неговите метаболити во храната;
 в) научни докази со кои се потврдува дека адитивот за храната за животни одговара на критериумите утврдени во член 44 ставови (2) и (3) од Законот за безбедност на храната за животни (*3);
г) услови предложени за ставање во промет на адитивот за храната за животни, вклучително и барања за означување, посебни услови за употреба и манипулација (вклучувајќи ги и познатите некомпатибилности), ниво на употреба во дополнителната храна за животни и животинските видови и категории за кои е наменет адитивот за храната за животни;
 д) писмена изјава дека три примероци од адитивот за храната за животни се испратени директно од барателот до акредитирана референтна лабораторија;
 ѓ) за адитивите кои не припаѓаат на категоријата Технолошки адитиви и категоријата Сензорни адитиви наведени во Правилникот за категориите и функционалните групи на адитивите за храна за животни поблиските услови за декларирање, минималните карактеристики кои треба да се означат како и начинот на опишување на адитивите за храна за животни (*2) и за адитивите кои се поврзани со ставањето во промет на производи кои содржат се состојат од или се произведени од генетски модифицирани организми, предлог за нивно следење по ставањето во промет;
 е) за адитивите кои содржат, се состојат од или се произведени од генетски модифицирани организми, податоци за одобрението за ставање во промет на генетски модифицираната храна за животни согласно член 68 од Законот за безбедност на храната за животни (*4) и
ж) резиме кое ги содржи податоците од точките а), б), в), г), д), ѓ) и е) на овој член.
Начин на поднесување на барање за обновување на одобрението за ставање во промет на адитиви за храна за животни
Член 4
(1) Барањето за обновување на одобрението за ставање во промет на адитиви за храна за животни се поднесува на образец во А-4 формат на хартија во бела боја или во електронска форма.
 (2) Формата и содржината на барањето за обновување на одобрението за ставање во промет на адитиви за храна за животни од став (1) на овој член, се дадени во Прилог 2 кој е составен дел на овој правилник.
Член 5
Овој правилник престанува да важи со денот на пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Член 6
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
 Бр. 02 - 2274/4                            Агенција за храна и ветеринарство
20 септември 2023 година                         в.д. Директор,
 Скопје                                                        Николче Бабовски, с.р
___________________________________________________________________________________
* Со овој правилник се врши усогласување со Регулативата (ЕК) Бр. 1831/2003 на Европскиот парламент и на Советот од 22 септември 2003 година за адитиви кои се користат во исхрана на животни (CELEX број 32003R1831).