„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

Правилник за формата и содржината на годишниот план за инспекциски надзор во животната средина на Република Северна Македонија, начинот на неговата подготовка и донесување, како и начинот на следењето на неговата реализација

21.11.2023

Врз основа на член 16 став (5) од Законот за инспекциски надзор во животната средина (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.99/22), министерот за животната средина и просторно планирање донесе
П Р А В И Л Н И К
ЗА ФОРМАТА И СОДРЖИНАТА НА ГОДИШНИОТ ПЛАН ЗА ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ВО ЖИВОТНАТА СРЕДИНА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, НАЧИНОТ НА НЕГОВАТА ПОДГОТОВКА И ДОНЕСУВАЊЕ, КАКО И НАЧИНОТ НА СЛЕДЕЊЕТО НА НЕГОВАТА РЕАЛИЗАЦИЈА
 
Член 1
Со овој правилник се пропишуваат формата и содржината на Годишниот план за инспекциски надзор во животната средина на Република Северна Македонија, начинот на неговата подготовка и донесување, како и начинот на следењето на неговата реализација.
Член 2
Годишниот план за инспекциски надзор во животната средина на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Годишниот план), се изработува во писмена форма на хартија во бела боја во А4 формат или во електронска форма.
Формата и содржината на Годишниот план се дадени во Прилог кој е составен дел на овој правилник.
Член 3
Годишниот план се изготвува врз основа на поединечно подготвени Годишни планови за работа на инспекциската служба од страна на Државниот инспекторат за животна средина и општините, општините во градот Скопје и градот Скопје или заеднички Годишен план за работа на инспекциските служби подготвен од градот Скопје или општините и/или градот Скопје кои имаат заедничка администрација за вршење на инспекциски надзор во животната средина, кои се подготвуваат согласно членовите 14 и 15 од Законот за инспекциски надзор во животната средина (*).
Годишни планови подготвени од страна на градоначалниците на општините и градоначалникот на градот Скопје се доставуваат до Државниот инспекторат за животна средина најдоцна до 1 ноември во тековната за наредната година.
Ако од страна на Државниот инспекторат за животна средина се утврди дека постојат одредени пропусти во годишните планови од ставот 2 на овој член, градоначалниците на општините и градоначалникот на градот Скопје доставуваат дополнети предлог Годишни планови согласно укажувањата за направените пропусти и недостатоци од Државниот инспекторат за животна средина.
Годишниот план се донесува од страна на Државниот инспекторат за животна средина најдоцна до 30 декември во тековната за наредната година и се објавува на неговата веб – страница.
Член 4
Следењето на реализацијата на Годишниот план се врши од страна на Државниот инспекторат за животна средина, преку изготвување на заеднички годишен извештај за реализација на Годишниот план за претходната година, кој се објавува на веб – страницата на Државниот инспекторат за животна средина.
Член 5
Со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за содржината, формата и начинот на донесување на планот за вршење на инспекциски надзор („Службен весник на Република Македонија“ бр.128/07).
Член 6
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
 
Бр.12-2754/12                               Министер за животна средина
15 ноември 2023 година                и просторно планирање,
Скопје                                                           Каја Шукова, с.р