„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

Закон за употреба на македонскиот јазик

30.01.2024

Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија издаваат
У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБАТА НА МAКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК
 
Се прогласува Законот за употребата на мaкедонскиот јазик, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 26 јануари 2024 година.
Бр. 08-600/1                      Претседател на Република
26 јануари 2024 година      Северна Македонија,
Скопје                                       Стево Пендаровски, с.р.
           Претседател
на Собранието на Република
Северна Македонија,
Јован Митрески, с.р.
З А К О Н
ЗА УПОТРЕБАТА НА МAКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК
 
Член 1
(1) Со овој закон се уредуваат употребата на македонскиот јазик, утврден со Уставот на Република Северна Македонија како службен јазик на целата територија на Република Северна Македонија и во меѓународните односи, основањето на Советот за македонски јазик и неговите надлежности, условите и постапката за полагање на испитот за добивање лекторска лиценца, основањето на Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик и неговите надлежности, надзорот над спроведувањето на овој закон и други прашања од значење за употребата на македонскиот јазик.
(2) Употребата на македонскиот јазик како службен јазик е право и должност на граѓаните на Република Северна Македонија.
(3) Употребата на македонскиот јазик како службен јазик во меѓународните односи е право и должност на секој претставник на државната и на локалната власт.
 (4) Македонскиот јазик е нематеријално културно наследство на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Републиката), во согласност со закон.
Член 2
 (1) Македонски јазик, во смисла на овој закон, е македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.
 (2) Употребата на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, во смисла на овој закон, ги опфаќа неговата примена, заштита, унапредување и збогатување.
Член 3
 (1) Со овој закон не се ограничуваат правото на слободно творештво и развивањето на јазичниот и на културниот идентитет на граѓаните коишто припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Републиката.
(2) Со овој закон не се ограничува употребата на слободен говор (дијалектен јазик, разговорен јазик и слично) во уметничкото творештво од сите видови.
Член 4
(1) Примената, заштитата, унапредувањето и збогатувањето на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо опфаќаат, особено:
1. правилна употреба на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо во процесот на воспитанието и во сите степени на образованието;
2. правилна употреба и правилен изговор на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо во средствата за масовна комуникација, особено преку медиумите регистрирани во Републиката, во согласност со закон;
3. зголемена општествена и индивидуална грижа за правилната употреба на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо во јавната и во службената комуникација во Републиката;
4. избегнување странски изрази и заемки и нивно заменување со соодветни поими од македонската лексика и фразеологија;
5. поддршка на изучувањето на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо во странски образовни институции, во сите степени во образованието, преку отворање лекторати за македонски јазик во странство, како и поддршка на работата на постојните лекторати во странство;
6. задолжително изучување на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо во сите степени во образованието во Републиката и надвор од неа;
7. правилна употреба на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо во законодавната, во судската и во извршната власт, како и во правните лица основани со Устав и со закон во меѓусебната комуникација;
8. стимулирање и поддршка на програми и содржини на медиумите, регистрирани во Републиката, за употребата на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, како и изработка и превод на интерфејси на македонски јазик за компјутерски програми;
9. стипендирање студенти за изучување на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо;
10. создавање подмладок за научно истражување на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо;
11. доделување државни награди и признанија од областа на проучувањето и афирмацијата на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо во Републиката и во странство;
12. поддршка за учење на македонскиот стандарден јазик за странски студенти кои македонскиот јазик го изучуваат како странски јазик, во и надвор од Републиката;
13. изучување на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо во културно-информативните центри во странство;
14. укажување и отстранување на јазичните недоследности и неправилности во употребата на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо;
15. континуирани обуки за правилна употреба на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо за вработените во: културните, воспитните, образовните, научните и стручните установи и институции, државната и јавната администрација, судовите и во медиумите регистрирани во Републиката;
16. организирање курсеви, семинари, советувања и други слични активности за правилна употреба на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо во Републиката и во странство;
17. издавање публикации и учебници на македонски стандарден јазик во Републиката и во странство и
18. издвојување средства од Буџетот на Република Северна Македонија за научно-истражувачки проекти од областа на македонскиот јазик.
Член 5
(1) Собранието на Република Северна Македонија донесува Национална стратегија за македонскиот јазик, на предлог на Владата на Република Северна Македонија, а по претходно мислење на Советот за македонски јазик, за период од пет години.
(2) Националната стратегија за македонскиот јазик (во натамошниот текст: Националната стратегија), е стратегиски документ со кој се утврдуваат среднорочни цели и приоритети за примена, заштита, унапредување и збогатување на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.
(3) Со Националната стратегија се утврдуваат организациски, финансиски и административни мерки за остварување на целите и на приоритетите.
(4) Националната стратегија содржи и акциски план за нејзина реализација, за период од пет години, а во кој се дефинирани активности, динамика, носители на активности и проекции на буџетски и на вонбуџетски средства, како и индикатори за евалуација на нејзиното спроведување.
(5) Во изработката на Националната стратегија учествуваат високообразовни и научни установи, здруженија и експерти од областа на македонскиот јазик.
(6) Во постапката на изработка на Националната стратегија се обезбедува учество на заинтересираната јавност со одржување на најмалку една јавна расправа.
(7) Министерствата и научните и стручни институции, во рамките на својата законска надлежност, учествуваат во реализацијата на Националната стратегија.
(8) Во Буџетот на Република Северна Македонија, на годишно ниво, задолжително се обезбедуваат средства за реализација на Националната стратегија.
(9) Националната стратегија се доставува до Собранието на Република Северна Македонија, најмалку шест месеци пред истекот на важноста на претходната Национална стратегија.
(10) За реализација на активностите од Националната стратегија, Министерството за култура еднаш годишно доставува извештај до Владата на Република Северна Македонија и до Собранието на Република Северна Македонија, за информирање.
(11) Националната стратегија и извештајот од ставот (10) на овој член, во рок од 30 дена од денот на нивното донесување, се објавуваат на веб-страницата на Министерството за култура.
(12) Министерството за култура, во соработка со Советот за македонски јазик, од членот 10 од овој закон, обезбедува услови и се грижи за имплементација на Националната стратегија.
Член 6
 (1) Македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо задолжително се употребуваат во работата на органите на законодавната, на извршната и на судската власт, во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во други држави и во меѓународни организации, во органите на единиците на локалната самоуправа, во јавните установи и институции, во другите правни лица основани со Устав и со закон и во медиумите регистрирани во Републиката, во согласност со закон.
(2) На јавните настани што се организираат во Републиката, а се финансираат со средства од Буџетот на Република Северна Македонија, задолжително се употребува македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.
(3) Македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо се употребуваат во називите на органите од ставот (1) на овој член, улиците, плоштадите, мостовите и другите инфраструктурни објекти, патоказите, топонимите и сообраќајните знаци, називите на меморијалните споменици и спомен-обележјата, како и во натписите во средствата за јавен превоз и во јавните објекти.
(4) Во називите од ставот (3) на овој член, називот на македонски јазик и неговото кирилско писмо се пишува прв, пред називот на јазикот и писмото што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Северна Македонија, со најмалку иста големина и фонт.
(5) Македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо задолжително се употребуваат и во:
1. работата на јавните претпријатија и на правните лица регистрирани во Републиката;
2. титлувањето, односно синхронизирањето на аудио и аудиовизуелните дела на странски јазик што се емитуваат или се реемитуваат и
3. титлувањето, односно синхронизирањето снимки на македонски јазик во кои не е употребен македонскиот јазик, а што се емитуваат одложено.
(6) Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за култура, а во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, со уредба ги пропишува фонтовите што овозможуваат соодветно прикажување на македонските писмени знаци во сите форми (стандардна, болдирана и закосена), за службена употреба на македонскиот јазик.
Член 7
(1) Задолжително се лекторираат на македонски стандарден јазик и на неговото кирилско писмо:
1. општите и поединечните акти на законодавната, извршната и судската власт, на правните лица основани со Устав и со закон и на единиците на локалната самоуправа кои се објавуваат;
2. службените документи и текстови на законодавната, извршната и судската власт, на единиците на локалната самоуправа, на правните лица основани со Устав и со закон и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката кои се објавуваат;
3. меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Северна Македонија;
4. титлувањето, односно синхронизацијата на аудио и аудиовизуелните дела и снимки што се емитуваат или се реемитуваат на медиумите регистрани во Републиката во согласност со закон;
5. аудио и аудиовизуелни комерцијални известувања што се емитуваат на медиумите регистрирани во Републиката во согласност со закон;
6. публикациите и учебниците што се издаваат на македонски стандарден јазик и неговото кирилско писмо;
7. магистерските и докторските трудови што се напишани на македонски стандарден јазик и неговото кирилско писмо, како и тие што се преведуваат на македонски стандарден јазик и неговото кирилско писмо од други јазици, на трошок на изработувачот;
8. плакати, летоци, проспекти, транспаренти, рекламни табли, реклами на излози или друг вид рекламен материјал во физичка форма на правните лица;
9. називите на производите, амбалажите, налепниците, упатствата, декларациите, сертификатите и на лекарствата и
10. сметките, фактурите, уплатниците и потврдите.
(2) На текстовите од ставот (1) на овој член, на соодветен начин се објавува името на лекторот, односно на друг соодветен начин се документира извршеното лекторирање, освен во случај од ставот (1) точки 6. и 7. на овој член кога името на лекторот задолжително се објавува на самата публикација, односно учебник, односно магистерскиот, односно докторскиот труд.
Член 8
(1) При регистрација на правно лице во Централниот регистар на Република Северна Македонија, Централниот регистар на Република Северна Македонија по службена должност врши лекторирање на македонски стандарден јазик на називот на фирмата на правното лице.
(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, доколку фирмата на правното лице е заштитена како трговска марка, не се врши лекторирање на македонски стандарден јазик.
(3) Во случајот од ставот (2) на овој член, фирмата на правното лице што е заштитена како трговска марка и е напишана на друг јазик, при регистрација во Централниот регистар на Република Северна Македонија се запишува на начин на кој е заштитена како трговска марка, додека во заграда се додава називот на кирилица транскрибирано според правилата на важечкиот правопис на македонскиот јазик.
Член 9
Во органите од членот 6 став (1) од овој закон, задолжително се вработуваат лектори по македонски јазик.
Член 10
(1) Владата на Република Северна Македонија основа Совет за македонски јазик како стручно советодавно тело од областа на македонскиот јазик (во натамошниот текст: Советот).
(2) Советот е составен од претседател и осум члена, со мандат од четири години, со можност за уште еден последователен мандат.
(3) Претседателот на Советот го именува Владата на Република Северна Македонија од редот на лица со стекнато научно звање доктор на науки од областа на македонскиот јазик.
(4) Членовите на Советот ги именува Владата на Република Северна Македонија и тоа на предлог на претседателот на Советот, а по претходна согласност од министерот за култура и од министерот за образование и наука.
(5) Најмалку две третини од членовите на Советот треба да се доктори на науки од областа на македонскиот јазик, а другите се истакнати личности од областа на културата.
Член 11
(1) Советот ги врши следниве работи:
- ја координира изработката и дава мислење за Националната стратегија,
- дава мислења, предлози, упатства и препораки за употребата, односно за практичната примена, заштитата, унапредувањето и збогатувањето на македонскиот јазик, вклучувајќи ја и терминологијата од сите научни области,
- се грижи за афирмацијата на македонскиот јазик во сите степени на образованието,
- се грижи за афирмацијата на македонскиот јазик во Републиката и во странство,
- предлага форми и решенија за доследна примена, заштита, унапредување и збогатување на македонскиот јазик,
- предлага програми за примена, заштита, унапредување и збогатување на македонскиот јазик во сите области на службената комуникација, кои ги доставува до Владата на Република Северна Македонија,
- се грижи за спроведување и за усовршување на нормата на македонскиот стандарден јазик,
- дејствува на полето на соодветна јазична образованост и култура,
- соработува со научни институции во Републиката и во странство,
- издава публикации за македонскиот јазик и
- врши други работи од областите од членот 4 од овој закон.
(2) Советот донесува програма и деловник за својата работа.
(3) Советот еднаш годишно до Владата на Република Северна Македонија доставува извештај за својата работа, за информирање.
Член 12
(1) Министерството за образование и наука во мај во тековната година распишува конкурс за стипендирање ученици од IV година од средното образование заради стимулирање на учениците за запишување на универзитетите за изучување на македонскиот јазик. Во текот на една година може да се доделат најмалку 10, а најмногу 20 стипендии.
(2) Министерството за образование и наука во текот на академската година распишува конкурс за стипендирање студенти за изучување на македонскиот јазик во сите три циклуси на високото образование (во натамошниот текст: конкурсот). Во текот на една година може да се доделат:
 - најмалку пет, а најмногу 10 стипендии за додипломски студии (прв циклус),
- најмалку три, а најмногу седум стипендии за магистерски студии (втор циклус) и
- најмалку две, а најмногу пет стипендии за докторски студии (трет циклус).
(3) Конкурсите од ставовите (1) и (2) на овој член, се објавуваат во два дневни весника што се издаваат на целата територија на Републиката, од кои едниот е на македонски јазик, а другиот е на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните штозборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик. Конкурсите се објавуваат и на веб-страницата на Министерството за образование и наука и траат 30 дена од денот на објавувањето.
(4) Оцена на пријавите доставени на конкурсите од ставовите (1) и (2) на овој член вршат комисии за избор на кандидати, формирани од страна на министерот за образование и наука.
(5) Комисиите од ставот (4) на овој член се составени од пет членови од редот на вработените државни службеници во Министерството за образование и наука.
(6) Министерот за образование и наука, по предлог на комисиите од ставот (4) на овој член, одлучува по пријавите на конкурсите од ставовите (1) и (2) на овој член, во рок од 30 дена од денот на завршувањето на конкурсите.
(7) Комисиите од ставот (4) на овој член за својата работа донесуваат деловник за работа.
(8) Начинот на спроведување на конкурсите од ставовите (1) и (2) на овој член, го пропишува министерот за образование и наука.
Член 13
(1) Лекторирање, во согласност со овој закон, е правописно, граматичко, лексичко и стилско исправање и уредување на некој текст.
(2) Лекторирање на македонски јазик може да врши лице со положен испит за добивање лекторска лиценца и со добиена лекторска лиценца, во согласност со овој закон. Лекторска лиценца издава Министерството за култура по положен испит, во согласност со овој закон.
(3) Лекторот може да ја врши својата дејност и како слободно занимање, во согласност со прописите за трговските друштва.
Член 14
(1) Испитот за добивање лекторска лиценца (во натамошниот текст: испитот за лектор), се полага заради проверка на потребното стручно знаење, способностите и вештините за вршење лекторирање.
(2) Испитот за лектор може да го полага лице кое има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС или има завршено VII/1 степен високо образование на студиските програми Македонски јазик или Македонски јазик и книжевност, со прв главен предмет Македонски јазик.
(3) Министерот за култура, на предлог на Советот, формира Комисија за полагање испит за лектор (во натамошниот текст: Комисијата). Комисијата е составена од претседател и двајца членови од редот на универзитетските професори од областа на македонскиот јазик, со мандат од четири години и со можност за уште еден последователен мандат.
(4) Начинот на полагањето на испитот за лектор, програмата за испитот за лектор и бодувањето, на предлог на Советот, ги пропишува министерот за култура.
Член 15
(1) Барањето за полагање на испитот за лектор се поднесува до Министерството за култура или во електронска форма со употреба на средство за електронска идентификација преку Националниот портал за електронски услуги, во согласност со прописите од областа на електронското управување и електронските услуги и од областа на електронските документи, електронската идентификација и доверливите услуги.
(2) Со барањето за полагање на испитот за лектор, кандидатот е должен да поднесе доказ за исполнување на условот од членот 14 став (2) од овој закон.
(3) На кандидатите што го положиле испитот за лектор им се издава лекторска лиценца во рок од 15 дена од денот на завршувањето на испитот, која се издава на неопределено време.
(4) На кандидатот што не го положил испитот за лектор, Министерството за култура му издава решение во рок од 15 дена од денот на завршувањето на испитот за лектор.
(5) Против решението од ставот (4) на овој член може да се поведе управен спор пред надлежен суд во рок од 30 дена од денот на приемот на решението.
(6) Решението од ставот (4) на овој член може да се издаде и во форма на електронски документ, којшто се доставува на профилот на подносителот на барањето на Националниот портал за електронски услуги или во Една точка за услуги, во согласност со прописите од областа на електронското управување и електронските услуги и од областа на електронските документи, електронската идентификација и доверливите услуги.
(7) Образецот на барањето од ставот (1) на овој член, го пропишува министерот за култура.
(8) Формата и содржината на лекторската лиценца од ставот (3) на овој член, ги пропишува министерот за култура.
Член 16
(1) Трошоците за полагање на испитот за лектор се на товар на кандидатот.
(2) Трошоците од ставот (1) на овој член, ги определува министерот за култура врз основа на реално направените трошоци за полагање на испитот за лектор, неопходни за спроведување на испитот, за изготвување на материјалите, поканите и лекторските лиценци.
(3) Трошоците за полагање на испитот за лектор се уплатуваат на сметката на Министерството за култура.
(4) Ако трошоците не се уплатени на соодветна сметка на Министерството за култура најдоцна 15 дена пред денот определен за спроведување на испитот за лектор, на кандидатот не му се дозволува полагање на испитот.
(5) Ако кандидатот во рок од една година од денот на уплатата на средствата не го полага испитот за лектор, уплатените средства му се враќаат, во согласност со закон.
Член 17
(1) Издадената лекторска лиценца се заменува со нова кога:
- поради оштетување станува неупотреблива или
- e загубена или на друг начин нејзиниот носител останал без неа.
(2) Во случаите од ставот (1) алинеја 1 на овој член, претходно издадената лекторска лиценца се доставува до Министерството за култура за нејзино поништување, а на носителот му се издава нова лекторска лиценца, најдоцна во рок од 15 дена од денот на доставувањето.
(3) За поништување на лекторската лиценца, министерот за култура формира тричлена комисија од редот на вработените во Министерството за култура.
(4) Носителот на лекторската лиценца што ќе ја загуби лекторската лиценца или на друг начин ќе остане без неа, е должен да пријави во Министерството за култура и да поднесе барање за издавање нова лекторска лиценца во рок од 15 дена од дознавањето за изгубената лиценца.
Член 18
(1) Министерот за култура, по предлог на Советот, со решение ќе ја одземе лекторската лиценца ако носителот на лиценцата лекторира спротивно на пропишаните стандарди за лекторирање.
(2) Против решението од ставот (1) на овој член може да се поведе управен спор пред надлежен суд во рок од 30 дена од денот на приемот на решението.
(3) Лицето на кое му е одземена лекторската лиценца нема право да полага испит за лектор во рок од една година од денот на одземањето на лиценцата.
Член 19
(1) Издадените и одземените лекторски лиценци, како и лекторските лиценци што престанале да важат, се евидентираат во Регистарот што го води Министерството за култура.
(2) Регистарот од ставот (1) на овој член се објавува на веб-страницата на Министерството за култура.
(3) Формата и содржината на Регистарот од ставот (1) на овој член и начинот на неговото водење, ги пропишува министерот за култура.
Член 20
  1. Стручно-административните работи за Советот и за Комисијата, ги врши Министерството за култура.
(2) Средствата за работата на Советот и за работата на Комисијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија.
(3) На претседателот и на членовите на Советот што присуствувале и учествувале во работата на седницата им следува надоместок што го утврдува Владата на Република Северна Македонија, во зависност од бројот на одржани седници и од обемот и сложеноста на извршените работи.
(4) На членовите на Комисијата им следува надоместок, којшто го утврдува министерот за култура, во зависност од бројот на одржаните испити и од бројот на изготвените прашања за испитот за лектор.
(5) Претседателот и членовите на Советот и членовите на Комисијата доставуваат извештај за извршената работа еднаш месечно до министерот за култура, во кој се наведуваат бројот на одржани седници и обемот на сложеноста на извршените работи, односно бројот на одржаните испити и бројот на изготвените прашања за испитот за лектор. 
Член 21
Надзор над спроведувањето на овој закон и на прописите донесени врз основа на овој закон, врши Министерството за култура.
Член 22
(1) Работите на инспекциски надзор над примената на овој закон и на прописите донесени врз основа на овој закон ги вршат инспектори за македонски јазик (во натамошниот текст: инспекторите) на Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик (во натамошниот текст: Инспекторатот), како орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице.
(2) Инспекторатот има својство на правно лице со сопствена буџетска сметка како буџетски корисник од прва линија, самостојно спроведува постапки за вработување во согласност со закон и одлучува за правата и обврските за работен однос.
(3) Во постапката за вршење инспекциски надзор се применуваат одредбите од Законот за општа управна постапка и од Законот за инспекцискиот надзор, доколку со овој закон поинаку не е уредено.
Член 23
За директор на Инспекторатот може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
1) има државјанство на Република Северна Македонија;
2) во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна затвор или прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност;
3) има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС или има завршено VII/1 степен високо образование на студиските програми Македонски јазик или Македонски јазик и книжевност, со прв главен предмет Македонски јазик;
4) има најмалку шест години работно искуство по дипломирањето во областа на македонскиот јазик;
5) поседува еден од следниве меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик, не постар од пет години:
- ТОЕФЕЛ ИБТ – најмалку 74 бода,
- ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода,
- ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) – најмалку ниво Б2 (B2),
- ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен,
- БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода или
- АПТИС (АPTIS) – најмалку ниво Б2 (B2);
6) поседува потврда за активно познавање компјутерски програми за канцелариско работење и
7) поседува лекторска лиценца.
Член 24
(1) Директорот на Инспекторатот:
1) ја координира и ја организира работата на Инспекторатот;
2) го претставува и го застапува Инспекторатот;
3) презема правни дејства во име и за сметка на Инспекторатот;
4) обезбедува услови за ефикасна примена на законите и на прописите што се однесуваат на инспекцискиот надзор;
5) одлучува за правата и обврските на вработените во Инспекторатот;
6) обезбедува услови за стручно усовршување и за специјализирана обука на инспекторите;
7) донесува акти за внатрешна организација и за систематизација на работните места во Инспекторатот;
8) донесува програмски и извештајни документи, вклучително:
- стратешки план на Инспекторатот,
- годишен план за работа на Инспекторатот,
- годишна програма за специјализирана обука на инспекторите,
- извештај за работа на Инспекторатот,
- шестмесечен извештај за работата на секој инспектор,
- месечен план за работа на секој инспектор и
- други документи и акти предвидени со закон;
9) донесува и други акти за кои е овластен;
10) обезбедува јавност во работењето на Инспекторатот и
11) извршува други работи од надлежност на Инспекторатот во согласност со закон.
(2) Во отсуство на директорот или кога поради болест или други причини тој не е во можност да ја извршува функцијата, него го заменува еден од раководните инспектори за македонски јазик, овластен од директорот, кој ги исполнува условите од членот 23 од овој закон.
Член 25
  1. Кандидатот за инспектор треба да ги исполнува општите услови за вработување утврдени во Законот за административни службеници и посебните услови за вработување инспектор, утврдени во Законот за инспекциски надзор.
(2) За прашањата што се однесуваат на правата и обврските од работен однос на инспекторите, се применуваат одредбите од Законот за инспекциски надзор, од Законот за административните службеници и од Законот за вработените во јавниот сектор.
Член 26
Инспекцискиот надзор се врши по налог на директорот или по налог на лице овластено од директорот.
Член 27
(1) Инспекторот самостојно ги врши работите на инспекцискиот надзор и презема мерки за кои е овластен со закон.
(2) При вршење на инспекцискиот надзор во согласност со закон, инспекторот има обврски:
1) да постапува по иницијативи за поведување инспекциска постапка и за тоа да го извести подносителот на иницијативата;
2) да го известува одговорното лице на субјектот на надзорот за почетокот на вршењето на инспекцискиот надзор, освен ако со закон не е поинаку утврдено или, ако со таквото известување, се намалува ефикасноста на надзорот;
3) да се легитимира пред субјектот на надзорот, односно пред одговорното или пред друго овластено лице на субјектот на надзорот;
4) да состави записник за извршениот инспекциски надзор;
5) да постапува законито, навремено и во согласност со Етичкиот кодекс на државните службеници и со Етичкиот кодекс на инспекциската служба и
6) да го извести одговорното лице на субјектот на надзорот за законската основа за вршење надзор.
(3) При вршењето на инспекцискиот надзор, инспекторот има право да побара соодветно мислење од Советот и од Комисијата, дали лекторирањето е извршено во согласност со лекторските стандарди.
Член 28
(1) Инспекторот не смее да врши или да присуствува на инспекциски надзор над субјект на надзор ако тој или член на неговото семејство е сопственик или сосопственик, член на орган на управување или на надзорен орган или каде што тој или член на неговото семејство има личен интерес.
(2) Како член на семејство од ставот (1) на овој член се смета лице што е во крвно сродство во права линија со инспекторот во согласност со закон.
(3) Дејствата преземени спротивно на ставот (1) на овој член, се сметаат за ништовни и се предмет на дисциплинска постапка.
Член 29
(1) Инспекцискиот надзор може да биде редовен, вонреден и контролен.
(2) Субјектот на инспекциски надзор е должен да соработува и на барање на инспекторот да му овозможи непречен пристап до просториите, документите, електронските системи, средствата за комуникација или до кое било друго средство што е предмет на инспекцискиот надзор, како и да ја достави целокупната документација потребна за извршување на инспекцискиот надзор.
Член 30
(1) За извршениот инспекциски надзор, утврдената фактичка состојба, констатираните и утврдени неправилности и недостатоци, забелешки, изјави и други релевантни факти и околности, инспекторот составува писмен записник на местото на вршење на инспекцискиот надзор.
(2) Записникот од ставот (1) на овој член, го потпишуваат инспекторот и субјектот на инспекцискиот надзор, кому му се предава еден примерок. Ако субјектот на инспекцискиот надзор одбие да го потпише записникот, инспекторот ќе ги наведе причините за одбивањето.
(3) По исклучок од ставот (1) на овој член, кога поради обемот и сложеноста на инспекцискиот надзор, неговата природа и околностите на работа не е можно да се состави записник на местото на вршење на надзорот, записникот се составува во службените простории на Инспекторатот, во рок од три дена од денот на извршениот инспекциски надзор со образложение за причините за тоа.
(4) Примерок од записникот од ставот (3) на овој член се доставува на потпишување до субјектот на инспекцискиот надзор. Доколку во рок од осум дена од денот на приемот субјектот на инспекцискиот надзор не се произнесе во однос на доставениот записник или не го врати потпишан, се смета дека е согласен со неговата содржина.
Член 31
(1) При вршење инспекциски надзор, инспекторот со решение изрекува опомена и определува рок во кој субјектот на инспекцискиот надзор е должен да ги отстрани неправилностите и недостатоците што се утврдени со записник.
(2) Доколку по истекот на рокот определен при изрекувањето на опомената од ставот (1) на овој член инспекторот утврди дека неправилностите и недостатоците сѐ уште не се отстранети, со решение изрекува друга инспекциска мерка, доколку е утврдена со посебен закон, со која најсоодветно ќе се постигне целта на инспекцискиот надзор.
(3) Решението од ставовите (1) и (2) на овој член се донесува веднаш, а најдоцна во рок од осум дена од денот на изготвувањето на записникот од членот 30 од овој закон.
(4) Кога при вршењето на инспекцискиот надзор не се утврдени неправилности и други повреди на закон или на друг пропис или кога утврдените неправилности се отстранети во текот на вршењето на инспекцискиот надзор или во рокот утврден со решението од ставот (1) на овој член, инспекторот ја запира постапката со констатација во записникот од членот 30 од овој закон.
(5) По исклучок од ставот (2) на овој член, инспекторот може да изрече инспекциска мерка со усно решение наведено во записникот од членот 30 од овој закон.
(6) Во случајот од ставот (5) на овој член, инспекторот е должен веднаш, а најдоцна во рокот утврден во ставот (3) на овој член, да донесе писмено решение за изрекување на инспекциската мерка.
Член 32
Против решението на инспекторот од членот 31 ставови (1) и (2) од овој закон може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државниот управен инспекторат.
Прекршочни одредби
Член 33
(1) Глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, ако:
- не го употребува македонскиот стандарден јазик на јавните настани што се организираат во Републиката, а се финансираат со средства од Буџетот на Република Северна Македонија (член 6 став (2)),
- објави нелекториран општ или поединечен акт (член 7 став (1) точка 1),
- емитува, односно реемитува, нелекторирано титлување или синхронизација на аудиовизуелно дело или емисија на странски јазик (член 7 став (1) точка 4),
- емитува нелекторирани аудио и аудиовизуелни комерцијални известувања (член 7 став (1) точка 5),
- издаде нелекторирана публикација, односно нелекториран учебник (член 7 став (1) точка 6),
- не го лекторира магистерскиот или докторскиот труд или преведениот труд (член 7 став (1) точка 7),
- објави нелекториран рекламен материјал (член 7 став (1) точка 8),
- не ги лекторира називите на производите, амбалажите, налепниците, упатствата, декларациите, сертификатите, лекарствата и слично (член 7 став (1) точка 9),
- не ги лекторира сметките, фактурите, уплатниците, потврдите и слично (член 7 став (1) точка 10),
- не го објави името на лекторот што го извршил лекторирањето (член 7 став (2)),
- при регистрација на правно лице не изврши лекторирање на називот на фирмата на правното лице (член 8 став (1)),
- не вработи лектор по македонски јазик (член 9) и
- на барање на инспекторот не му овозможи непречен пристап до просториите, документите, електронските системи, средствата за комуникација или до кое било друго средство што е предмет на инспекцискиот надзор или не ја достави целокупната документација потребна за извршување на инспекцискиот надзор (член 29 став (2)).
(2) Глоба во износ од 750 до 1.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на одговорното лице во правното лице.
(3) За прекршокот од ставот (1) на овој член на правното лице може да му се изрече опомена во согласност со Законот за прекршоците.
(4) Глоба во износ од 350 до 750 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) алинеи 2, 6 и 7 на овој член, на физичкото лице.
(5) За прекршокот од ставот (1) на овој член, на физичкото лице може да му се изрече опомена во согласност со Законот за прекршоците.
Член 34
(1) Глоба во износ од 750 до 1.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правното лице, ако:
- не го употребува македонскиот стандарден јазик (член 6 ставови (1) и (5)) и
- објави нелекториран службен документ или текст (член 7 став (1) точка 2).
(2) Глоба во износ од 300 до 750 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот од ставот (1) на овој член на одговорното лице во правното лице.
(3) За прекршокот од ставот (1) на овој член, на правното лице може да му се изрече опомена во согласност со Законот за прекршоците.
Член 35
За прекршоците од членовите 33 и 34 од овој закон, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежен суд.
Член 36
(1) За прекршоците од членовите 33 и 34 од овој закон, инспекторот на сторителот на прекршокот ќе му врачи прекршочен платен налог, во согласност со Законот за прекршоците.
(2) Формата и содржината на прекршочниот платен налог од ставот (1) на овој член ги пропишува министерот за култура.
Преодни и завршни одредби
Член 37
(1) Советот за македонски јазик продолжува со работа според одредбите од овој закон до истекот на мандатот на неговите членови.
(2) Комисијата за полагање лекторски испит продолжува со работа според одредбите од овој закон до истекот на мандатот на нејзините членови.
Член 38
  1. Постапките за полагање на испитот за лектор започнати до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе завршат во согласност со Законот за употребата на македонскиот јазик („Службен весник на Република Македонија“ број 5/98, 89/2008, 116/10, 187/13, 152/15, 192/15 и 193/17).
(2) На лицата што положиле испит за лектор во согласност со одредбите од Законот за употребата на македонскиот јазик („Службен весник на Република Македонија“ број 5/98, 89/2008, 116/10, 187/13, 152/15, 192/15 и 193/17), а до денот на влегувањето во сила на овој закон не им е издадена лекторска лиценца, положениот испит за лектор им се признава, им се издава лекторска лиценца согласно со одредбите од овој закон и се запишуваат во Регистарот од членот 19 став (1) од овој закон.
(3) Лекторските лиценци издадени во согласност со Законот за употребата на македонскиот јазик („Службен весник на Република Македонија“ број 5/98, 89/2008, 116/10, 187/13, 152/15, 192/15 и 193/17), продолжуваат да важат согласно со овој закон.
Член 39
Подзаконските акти предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 40
(1) Директорот на Инспекторатот ќе го именува Владата на Република Северна Македонија во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
(2) Владата на Република Северна Македонија во рок од еден месец од денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе објави јавен оглас за избор на директор на Инспекторатот.
(3) Инспекторатот ќе започне со работа со денот на именувањето на директорот на Инспекторатот.
(4) Директорот ќе ги донесе актите за внатрешна организација и за систематизација на работните места на Инспекторатот, најдоцна 15 дена од денот на неговото именување.
Член 41
(1) Законите во кои се содржани одредби за употреба на македонскиот стандарден јазик ќе се усогласат со одредбите од овој закон во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
(2) Органите од членот 6 став (1) од овој закон во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон се должни да ги спроведат обврските од членот 9 од овој закон.
(3) Во случај на неусогласеност на одредбите на овој закон со јазичните одредби од друг закон, со денот на влегувањето во сила на овој закон органите од членот 6 став (1) од овој закон, се должни да ги применуваат одредбите од овој закон.
Член 42
Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за употребата на македонскиот јазик („Службен весник на Република Македонија“ број 5/98, 89/2008, 116/10, 187/13, 152/15, 192/15 и 193/17).
Член 43
Одредбите од членовите од 22 до 32 од овој закон ќе започнат да се применуваат со денот на започнувањето со работа на Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик.
Член 44
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.