„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

Решение на Уставен суд на РСМ со кое не се поведува постапка за оценување на уставноста на членовите 1,2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи

29.04.2024

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија" бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија" бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 3 април 2024 година, донесе
РЕШЕНИЕ
 
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 1, 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/23).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Образложение
I
До Уставниот суд на Република Северна Македонија беа поднесени три одделни иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 1, 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/23). Судот, по повод поднесените иницијативи, согласно со член 21 од Деловникот спроведе единствена постапка.
Подносителот на првата иницијативата, политичката партија „Левица“ од Скопје, (У.бр.83/23), ги оспорува нормите од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/23) во однос на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 10, член 9, член 32 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и како спротивни со општо прифатените норми на меѓународното право, односно на правата признати во Универзалната декларација за човекови права, односно со член 24 од истата.
Во оспорениот член 110 став 4 од Законот за работните односи се предвидува дека министерот за финансии во согласност со министерот за труд и социјална политика го пропишува начинот и местото на исплата на платата на работниците кои работат на проекти од стратешко значење за Републиката, односно подносителот заклучува дека тоа ќе биде регулирано со подзаконски акт, а не со закон.