„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Закони и прописи

ПРЕДЛОГ НА ЗАКОН ЗА СПРЕЧУВАЊЕ ПЕРЕЊЕ ПАРИ И ФИНАНСИРАЊЕ НА ТЕРОРИЗАМ

09.03.2022

 Во Глава I од предлогот на законот се дефинирани поимите кои се користат во текстот на законот, и тоа: „Перење пари”, „Финансирање на тероризам”, „Терористички акт”, „Терорист”, „Терористичка организација”, „Принос од казниво дело”, „Поврзано казниво дело”, „Имот”, „Финансиски институции”, Деловен однос”, „Повремена трансакција”, Клиент”, „Трансакција”, „Пари”, „Електронски пари”, „Платежна картичка со претплата (припеид платежна картичка”, „Виртуелни средства”, „Давател на услуги поврзани со виртуелни средства”, „Услуги или активности поврзани со виртуелни средства”, „Физички преносливи средства за плаќање”, „Даватели на услуги на трустови или правни лица", „Труст”, „Вистински сопственик”, „Непрофитни организации”, „Финансирање на ширење на оружје за масовно уништување” и др.

Во глава II - Национална проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам дефинирани се обврските да се спроведува проценка на ризиците од перење пари и финансирање на тероризам на национално ниво. Имено, Советот за борба против перење пари и финансирање на тероризам е надлежен да ги координира активностите за спроведување на националната проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам (вклучително и секторските проценки), да учествува во изготвувањето на извештај за идентификуваните ризици од перење пари и финансирање на тероризам на  национално ниво кој потоа треба да биде усвоен од Владата на Република Северна Македонија. Воедно се пропишува и за кои цели ќе се користат наодите од извештајот за национална проценка на ризиците, како и дека истиот ќе биде основа за подготовка на Национална стратегија за борба против перење пари и финансирање на тероризам и акционен план.
Глава III од предлогот на законот ги регулира мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Членот 5 го определува опсегот на задолжени субјекти кои се задолжени да преземаат мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам се редефинира, односно како нови субјекти се воведени лицата кои тргуваат или дејствуваат као посредници во трговија со уметнички дела, вклучително уметнички галерии или аукциски куќи и давателите на услуги поврзани со виртуелни средства.
Мерки и дејствија за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам, кои ги преземаат субјектите, согласно членот 9, се:
  • изготвување на проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам и нејзино редовно ажурирање; 
  • воведување и примена на програми за ефикасно намалување и управување со идентификуваниoт ризик од перење пари и финансирање на тероризам; 
  • анализа на клиентите;
  • известување и доставување на податоци, информации и документација до Управата согласно одредбите на овој закон и подзаконските акти донесени врз негова основа;
  • чување, заштита и водење евиденција на податоци;
  • именување на овластено лице и негов заменик и/или формирање на оддел за спречување на перење пари и финансирање на тероризам; 
  • спроведување на внатрешна контрола и
  • други мерки кои произлегуваат од одредбите на законот и подзаконските акти донесени врз негова основа.
Во членовите 13, 14, 15, 16, 17, 18 и 19 се дефинираат елементите на анализа на клиентите и обврските во однос на идентификацијата. Обврските за субјектите кои се однесуваат на идентификација се доведуваат во линија со 5-та ЕУ Директива и стандардите на ФАТФ (40 Препораки). Овие одредби, согласно одредбите од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги (Службен весник на РСМ бр 101/19), предвидуваат доколку е возможно да се употребуваат средства за електронска идентификација издадени во рамки на регистрирана шема за електронска идентификација на високо ниво на сигурност. На овој начин предлог законот прави изедначување на електронската идентификација и физичкото присуство на клиентот, односно субјектите применуваат исти мерки кон клиентот кој физички бил присутен за целите на идентификација или употребил средство за електронска идентификација издадено во рамки на регистрирана шема за електронска идентификација на високо ниво на сигурност.
Во членовите 20, 21, 22, 23, 24, 25 и 26 се определуваат кои лица се сметаат за вистински сопственици кај одделни видови правни лица. Членот 28 пропишува обврска за поседување и чување на податоци за вистинскиот сопственик за следните субјекти на упис во регистрите кои се водат при Централниот регистар на Република Северна Македонија и трустови и други правни аранжмани основани согласно правото на странска држава. Правните субјекти се должни да поседуваат и чуваат адекватни, точни и ажурни податоци за нивните вистински сопственици кои истите ги обезбедуваат. Дополнително, имплементирајќи ги одредбите од 5-та ЕУ Директива, клиентите – правни субјекти треба да им обезбедат на субјектите од член 5 од овој закон, информации и документи за нивниот сопственик и вистински сопственик.
Во членовите 30, 31, 32, 33 и 34 ги определуваат лицата кои може да внесат податоци за вистински сопственик во регистарот, го пропишуваат внесувањето на податоците во регистарот и пристапот до податоците. Член 32 поконкретно ги определува последиците за правните субjeкти за невнесување или неажурирање на податоци за вистинскиот сопственик во регистарот. Се пропишува обврска за Управата за финансиско разузнавање да врши надзор над правните субјекти поседуваат, чуваат и впишале во регистарот адекватни, точни и целосни податоци за вистинскиот сопственик.
Членот 37 ја пропишува обврската на субјектите внимателно да ги следат деловните активности и трансакциите кои се вршат во рамки на деловниот однос со клиентот, со цел да се потврди дека истите се во согласност со целта и намерата на деловниот однос, ризичниот профил на клиентот, неговата финансиска состојба и неговите извори на финансирање. 
Членовите 38, 39, 40, 41, 42, 43 и 44 ги регулираат случаите во кои субјектите можат да применат поедноставена односно засилена анализа на клиентите. Со членот 43 став (5) Владата на предлог на Советот за борба против перење пари и финансирање на тероризам може да воведе контра мерки кон високоризични земји. Согласно член 44, субјектите не треба имаат ист пристап кон сите непрофитни организации, односно да преземаат засилени мерки на анализа само кон непрофитните организации за кои со националната проценка на ризикот и проценката на ризикот на субјектот се утврдени со висок ризик. Членот 45 пропишува обврска за субјектите да посветат посебно внимание, односно да ја испитаат позадината и целта на трансакциите кои се комплексни, невообичаено големи, се извршуваат на невообичаен начин или кои немаат очигледна економска оправданост или правна цел или отстапуваат од вообичаеното или очекуваното деловно работење на клиентот.  Во овие случаи субјектите треба да подговат анализа, и кога ќе утврдат причини за сомневање за перење пари или финансирање на тероризам да достават извештај за сомнителни трансакции. Членот 46 ја регулира ситуацијата кога субјекот не може да ги спроведе мерките за анализа на клиентот. Во тие случаи субјектот е должен да одбие да воспостави деловен однос или да не изврши трансакција или да го прекине деловниот однос со клиентот. Дополнително во член 47 се регулира постапувањето на субјектите во ситуација кога се сомневаат за перење пари или финансирање на тероризам и имаат основано уверување дека спроведувањето на мерките за анализа ќе го информираат клиентот.
Членот 48 ја пропишува обврската за примена на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам од страна на подружници и филијали на субјектот, а членот 49 - доверувањето на обврските за анализа на клиентот на трети лица. Членовите 50 и 51 го регулираат проследување на информациите за плаќачот и примачот кај безготовинските трансфери (преносите на парични средства) и трансакциите со виртуелни средства. Во членовите 52, 53, 54, 55, 56 и 57 се пропишуваат посебни обврски (водење регистар, идентификација и сл.) за одредени видови субјекти (даватели на услуги поврзани со виртуелни средства, менувачки работи, пиредувачи на игри на среќа, брокерски куќи, лица кои тргуваат или дејствуваат како посредници во трговија со уметнички дела и др).  
Во членовите од 58 до 61 се пропишани забраните за готовински плаќања, за воспставување на деловен однос со банки школки, за отварање на сметки, штедни книшки и сефови во анонимна, шифрирана форма, давање на услуги поврзани со виртуелни средства кои овозможуваат прикривање на идентитетот или употреба на анонимни картички со претплата.
Во членот 62 е регулирана обврската за чување на податоците кои се обезбедуваат врз основа на oвој закон за период на чување од десет години.
Членот 63 ја регулира обврската за доставување на податоци, информации и документи до Управата во случај на готовинска трансакција во износ од 15.000 евра во денарска противвредност или повеќе без оглед дали станува збор за една трансакција или повеќе очигледно поврзани трансакции, додека членот 63 регулира обврска за различни видови субјекти да доставуваат специфичен вид на извештаи до Управата. Членовите 65, 66 и 67 ја регулираат обврската и начинот на доставување на извештаи за сомневање од страна на субјектите до Управата. Член 68 ја дефинира обврската на субјектите за именување на овластено лице и формирање на оддел за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, а членот 69 - обврската за внатрешна контрола.
Глава IV – Управата за финансико разузнавање, ги регулира надлежностите на Управата, статусот, финансирањето, именувањето на директор, статусот, правата и обврските на вработените во Управата, постапката за вработување на финансиски разузнавач, пристапот на Управата до податоци потребни при извршување на надлежностите, соработката со други надлежни органи, постапката за определување на привремени мерки, надлежноста за поднесување на налог за следење на деловен однос до субјектите, водењето на статистички податоци од страна на Управата, меѓуинституционалната и меѓународната соработка на Управата, доставување на повратни информации и слично.
Глава V – Надзор – пропишува дека надзорот над примената на мерките и дејствијата утврдени со овој закон го вршат: Народната банка на Република Северна Македонија, Агенцијата за супервизија на осигурување, Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Управата за јавни приходи, Агенцијата за пошти, Комисија на нотарите во рамки на Нотарската комора на Република Северна Македонија, Комисија на адвокатите во рамки на Адвокатската Комора на Република Северна Македонија и Управата. Во членовите од оваа глава се пропишува дека при спроведувањето на надзорот се пименува пистапот базиран на проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам, соработката помеѓунадлежните органи на надзор од член 151 и меѓународната соработка во областа на надзорот.  
Глава VI - Собирање, обработка, анализирање, проценување, оценување, користење, пренесување, чување и бришење на податоци и обработка на лични податоци- со членовите 176-185 се регулира користењето и заштитата на личните податоци и податоците од евиденциите кои се прибираат и чуваат согласно одредбите на овој закон.
Во Глава VII од предлогот на законот се содржани прекршочните одредби со кои се предвидува изрeкување на глоба за сторен прекршок на одредби од овој закон, истите се усогласени со Законот за прекршоци и воведуваат одвратувачки, адекватни и пропорционални казни за непочитување на одредбите од овој закон.