„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Лазар Личеноски

Лазар Личеноски

Терзија, 1946 масло на платно (100 х 81,5)

Лазар Личеноски (Галичник, 26.3.1901 - Скопје, 10.4.1964)

Лазар Личеноски е роден во средина од која традиционално потекнуваат познати зографи, резбари и градители. Имал прилично тешко и сиромашно детство откако мајка му починала многу млада. Во 1925 година дипломирал на Уметничката школа во Белград, на Наставничкиот отсек, во класата на професорите Бета Вукановиќ, Љуба Ивановиќ, Петар Добровиќ, во Белград, Србија. Потоа во 1927 година го завршил Академскиот курс во класата на Милан Миловановиќ, исто така во Белград, каде живеел до 1945 година, а потоа се преселил во Скопје. Од 1927-29 година, по добивањето на стипендија престојувал во Париз, Франција, каде специјализирал ѕидни техники во ателјето на сликарот фрескист Марсел Леноар и кај професорот Пол Бодуен во Школата за применета уметност, Академија Гран Шомие и ателјето на Андре Лот. Од 1945-64 година работел како професор во Уметничкото училиште во Скопје (во негова чест денес Средното уметничко училиште во Скопје го носи неговото име). Бил професор и директор на Училиштето за применета уметност во Скопје, дописен член на САНУ итн.

Добитник е на голем број награди и признанија од областа на уметноста: 1947 - Награда на Министерството за просвета и култура на НРМ; 1959 - Октомвриска награда за сликарство на СРМ; 1954 - Орден на трудот од I ред; 1961 - Орден за заслуги за народ со златна ѕвезда. Остварил голем број студиски патувања, особено во Италија и Франција (Рим, Фиренца, Неапол), Франција (Париз). Остварил голем број самостојни изложби и учествувал на многу групни изложби во земјата и во странство.

Лазар Личеноски и` припаѓа на првата група современи македонски ликовни уметници. Заедно со Димитар Пандилов Аврамовски и со Никола Мартиноски е еден од основоположниците на модерната македонска уметност и е еден од најавтентичните сликари на македонскиот пејзаж. Сликарството на Лазар Личеноски се одликува со поедноставен цртеж, со робусни форми и со изразени бои, со особено чувство за боја и импулсивен експресивен гест, како и индивидуалност во градењето на фактурата на сликата. Често прикажува македонски предели, портрети, актови и мртва природа, а изработувал и мозаици.

Една од темите за кои Личеноски негува особен интерес, е приказот на елементарниот живот на типичниот македонски човек и автентичните ситуации и мотиви. Авторот е ориентиран кон поднебјето со внимателен однос кон фолклорните мотиви во портретите и претставите на луѓе кои се занимаваат со традиционални занаети. Ликовите кои што ги слика се природно здрави и цврсти и се одликуваат со посебна енергија во моментот на некоја работна активност.

Портретите, како што е „Терзија“ од 1946 година, содржат хумани сегменти и белези на архаичната стара култура или ликовен „регистар“ на македонското поднебје преку старите занаети и егзистенцијалните ангажмани на малиот работен човек. Во прв план на сликата е претставен портрет на седнат постар човек, со алатки/елементи кои ја одредуваат спецификата на занаетот (ножици, облека), задлабочен во својата работа. Позадината е едноставна, поделена во плохи, додека површината на сликата е изведена со груба фактура на ситни потези на четката. Нијансите на топли земјени бои го комплетираат општиот впечаток на смиреност на композицијата.