„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Никола Мартиноски

Никола Мартиноски

Свадба, 1961 масло на платно (81,5х128)

Никола Мартиноски е роден во Крушево во добростоечко трговско семејство, во периодот на Илинденското востание, а во 1910 година, семејството се преселило во Скопје. Првиот конкретен допир со сликарскиот занает го имал околу 1918 година, во ателјето и работилницата на Димитар Андонов Папрадишки, каде што чиракувал заедно со Томо Владимирски. Дипломирал на Школата за убави уметности во Букурешт, Романија во 1927 година, како најдобар студент на генерацијата. По студиите кратко останал во Скопје, а потоа заминал за Париз. Во 1927-1928 година престојувал во Париз каде ја посетува Acadèmie de la Grande Chaumière и Ransan, што е пресвртница во неговиот уметнички развој. Се вратил во Скопје кон крајот на 1928 година, каде што ја реализирал првата самостојна изложба во 1929 година.

Мартиноски има значајна улога во формирањето на Државното средно ликовно училиште во Скопје (бил прв директор сé до 1949 година, кога станал директор на новооснованата Уметничка галерија - Скопје) и на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (неколку пати бил назначен за претседател). Два пати бил избран за народен пратеник во Федералното Собрание во Југославија. Сé до неговата смрт Мартиноски бил директор на Уметничката галерија - Скопје, а во 1967 година станал и редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Во 1968 година во Крушево е основана Галеријата на Никола Мартиноски со повеќе дела кои тој му ги подарил на својот роден град.

Врвот во македонската современа уметност најзаслужено му припаѓа на Никола Мартиноски поради неговото поврзување на сликарството кај нас со современите светски модерни тенденции, а се смета за прв модерен експресионист и основоположник на македонската современа ликовна уметност. Централен мотив во неговите дела е човекот, изразен преку портрети со физички и психолошки карактеристики на личноста (автопортрети, портрети на познати личности и блиски, доилки), како и фигурални композиции кои стилски се разликуваат во секоја творечка фаза, а сликал и мртва природа. На почетокот, прикажаните ликови потекнуваат од неговите омилени амбиенти од скопските предградија и е веројатно првиот македонски сликар кој (намерно или случајно) третира и социјална тематика. 

Делото „Свадба“ од 1961 година му припаѓа на циклусот слики доминантно работени во периодот 1951-1961 година, во кои го прикажува секојдневниот живот (визити, свадби, слави) со различни фолклорни елементи (селска и модерна облека), а личностите не ретко се сместени во амбиенти од традиционални крушевски куќи. Додека првите дела во овој период се одликуваат со пореалистичен третман, во подоцнежните сосема се ориентира кон експресионистичкиот. Како што се забележува во оваа жанр сцена, фигурите се издолжени, стилизирани, со симболични кубистичко-експресивни елементи, при што доминира прекршена остра линеарност во централно искосената аглеста поставеност на целата композиција и личностите. Динамиката и свежината на сликата е постигната преку ритамот на повеќе седечки/статични фигури и стоечки/во движење и разговор (гости, младоженци, музичар), но и преку контрастните плошни колористички партии на амбиентот со доминантни зелени, сини, жолти, окер и кафени површини.