„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Вангел Наумовски

Вангел Наумовски

Небесна виделина, 1995 масло на платно (138х98)

Животниот и творечкиот пат на Вангел Наумовски (1924 - 2006, Охрид) може да се доживеат како една фантастична приказна со легендарни примеси. Поради егзистенцијални причини, тој морал да го напушти училиштето уште на најрана возраст и бил принуден да искуси различни работни искуства. Така, во различни периоди на почетокот на својот живот бил „градинар, ѕидар, колар, продавач на лимонада и столар“. Иако без формална уметничка наобразба, тој станува еден од најпознатите наивни сликари не само кај нас, на поранешното југословенско тло, туку и во светот, со препознатлив ликовен јазик и широк спектар на интереси во ликовното творештво (сликарство, цртеж, графика, скулптура...). Во неговиот уметнички ракопис доминира принципот на „едното“ со природата, особено со опкружувањето на сетилниот свет на езерото, што е основа на неговата автентичност и уникатност како уметник.

Живеејќи и творејќи на брегот на Охридското Езеро, кај него се развива интересот кон биолошкото, органското, извиените фантастични форми и арабески кои се спојуваат во неговите препознатливи лирски светови со смел колорит, заоблени форми, стилизирана вегетација. Надреалните визии на водниот и космички свет со заоблени сетилни форми и дионизиска атмосфера на славење на животот, се тема на која и` останува верен до крајот на својот живот во сите творечки етапи.

Сликата „Небесна виделина“ од 1995 година е карактеристичен пример од зрелата и смирена „галактичка“ фаза во творештвото на Вангел Наумовски каде централниот дел на композицијата гравитира околу сеприсутната симболика на формата на јајцето како никулец на животот и светот, прастар означувач на оплодувањето, настанувањето и биолошкото ‘ртење. Воедно, нарацијата ја сугерира и космичката универзалност со повеќе планети и сонца (изведени тродимензионално со ладни пастелни загасени бои), кои поврзани со лаци од стилизирани и минуциозно изведени флорални мотиви лебдат групирани во преден план, додека бескрајот на универзумот се огледа во позадина како дифузна светнина изведена во сфумато манир.