„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Васко Ташковски

Васко Ташковски

Школка - тврдина, 1996 масло на платно (81х100)

Академик Васко Ташковски е македонски сликар, водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност. Завршил средно уметничко училиште во Скопје во 1958 година, а потоа дипломирал на Академијата за применета уметност во Белград во 1964 година. Освен со сликарство се занимава и со наменска сценографија за театар, телевизиски и филмски прокти, како и сценографии за разни манифестации (музички и театарски фестивали, јавни настани од областа на културата). Подолго време работел како сценограф во Македонската телевизија (1965-1991), со над 300 реализирани сценографии. Работел и како илустратор на повеќе изданија, а покрај сликањето во маслена техника, работи и акварел, цртежи и графика. Во својот творечки опус, Васко Ташковски има повеќе циклуси од најразлични теми насловени како: „Екологија“, „Урбани мравјалници“, „Крајбрежни случувања“, „Пристаништа“, „Коњи“, „Корења и организми“ итн.

Карактеристиките на сликарството на Васко Ташковски се поврзани со надреализмот како правец во сликарството, на кој овој автор му е наполно посветен и е најкарактеристичен претставник уште од седмата и осмата деценија на ХХ век навака. Тој се движи од првичните асоцијативни надреални мистериозни пејзажи кои се дехуманизирани, замислени како метафизичка пустош по катастрофа, за да премине кон научно фантастични многузначни вселенски мистерии.

Делото со наслов „Школка - тврдина“ од 1996 година се чувствува како дело со поинтимистички карактер. Во централниот дел на композицијата доминира комплексност - рид - со директни асоцијации и карактеристични елементи од архитектурата на градот Охрид. Самиот рид наликува на огромен жив организам, со централна налик на рбет структура со разгранети „екстремитети“, вдлабнати и испакнати површини, сводови, пештерни просторни решенија, природни и архитектонски фрагменти.

Се забележуваат карактеристичните симболи кои се поврзуваат со историјата, архитектурата и културата на овој значаен центар - карактеристичната архитектура на стариот дел на градот, црквата Св. Јован Канео, Самоиловите тврдини, што во основа е одраз на желбата на авторот да ги поврзе инспирацијата од националното минато и традиција со неговиот космички визионерски уметнички стил.