„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

ПОГОЛЕМ ИЗВОЗ САМО ПРЕКУ ПРОИЗВОДИ СО ПОГОЛЕМА ДОДАДЕНА ВРЕНДОСТ

31.03.2023

Излагање на Билјана Пеева-Ѓуриќ, проектен менаџер на конференцијата како дел од проектот “Поддршка на приватниот сектор за регионална економска интеграција” што СКСМ го имплементира во партнерство со УСАИД

Повеќе од 15 години Стопанската комора активностите ги насочува во поголема помош, поддршка и подготовка на бизнисите во освојување на други пазари, склучување нови партнерства, во градење на нивната конкурентност, а сето тоа со цел извозот во периодот кој следи да биде главниот мотор на економскиот раст на земјата. Јасно ни е на сите дека предизвик на секоја економија е како да го зголеми својот извозен потенцијал, и во услови на глобална конкуренција да се понудат добра и услуги со додадена вредност кои по цена и квалитет се конкурентни на странските пазари.

Токму од тие причини грабиме во исполнување на оваа зацртана цел преку низата проектни активности на кои веќе работиме. За да се зајакнат извозните капацитети и конкурентноста на извозните компании потребна е поддршка која ќе биде обезбедена преку интензивирање на регионалната деловна соработка и преку олеснување на трговските бариери, со цел да се искористат можностите за нашата деловна заедница што ги нудат Заедничкиот регионален пазар и интернационализацијата на бизнис-секторот.
Во изминативе девет месеци од почетокот на проектот “Поддршка на приватниот сектор за регионална економска интеграција” што Стопанската комора го имплементира во партнерство со УСАИД, кој ќе трае до јуни 2025 година, реализиравме серија настани, директни средби со компании од повеќе плански региони во нашата земја, зборувавме за придобивките од проектот, за можностите што ги нуди во насока прво на поголема соработка помеѓу економиите од Западен Балкан, а во следна фаза и кон Европската унија, но и трети пазари како потенцијал за раст на извозната конкурентност на регионот во целост.
Веќе работиме и на испорака на конкретна поддршка за голем број на извозно ориентирани компании преку обезбедување на техничка и стручна помош при воведување на меѓународни стандарди за квалитет, развивање и имплементација на нови дигитални решенија и алатки, изработка на проектни апликации за пристап до финансии за реализација на инвестициски проекти и изработка на маркетинг стратегии за извоз, со цел градење на капацитетите за пристап до нови пазари. Во периодот кој следи, ќе работиме на поголема промоција на компаниите преку организирани настапи на реномирани меѓународни саемски манифестации, организирање на купувачки мисии со носење на таргетирани странски купувачи во земјата и на други форми на трговска промоција.
Преку Проектот веќе го операционализиравме Националниот совет за извоз (НСИ), со кој претседава Стопанската комора чиј претседател Бранко Азески, како тело преку кое ќе се одвива јавно-приватниот дијалог и ќе се третираат сите области и прашања поврзани со извозот, место каде ќе се канализираат сите предизвици и пречки со кои се соочуваат компаниите во нивните извозни активности не само во регионот, туку и пошироко. Ќе бидат адресирани конкретни мерки за олеснување на трговијата, елиминирање на трговските бариери, како и предлог политики за зголемување на конкурентноста на извозниот сектор и искористување на можностите кои се нудат во рамките на регионалните иницијативи и интеграциските процеси на Македонија во ЕУ.
Сумарно, со сите активностите кои ги реализираме во проектот, нашата цел е да дојде до менување на состојбите, подобрување на постојната извозна структура и потикнување на процесот на извозна диверзификација преку градење капацитети и оспособување на нови извозни компании, како и преку подобрување на капацитетите на постојните извозни компании со цел отпочнување на производство и извоз на нови производи со поголема додадена вредност и поттикнување на извозот на постојните извозни производи но на нови пазари.

Преку проектот “Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција”, УСАИД ја поддржува Стопанската комора на Северна Македонија во напорите да овозможи подобра интеграција на бизнисите во регионалните и глобалните вредносни синџири и засилување на нивниот капацитет за да бидат конкурентни на Западниот Балкан и пошироко во ЕУ. Идејата е да се создадат алатки за јавно-приватен дијалог, промоција на придобивките од регионалната економска интеграција на деловната заедница, истражување и унапредување на можностите за извоз и обезбедување одржливи услуги за извозните компании.