„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Отпадот во циркуларната економија е ресурс

22.11.2024

Одборот за управување при Центарот за циркуларна економија одржа седница во просториите на МАКСТИЛ АД Скопје

Во присуство на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, ректорот на УГД Штип проф. д-р Дејан Мираковски, заедно со проф. д-р Дарко Лазаров, проректор за инвестиции, развој и одржување при Универзитетот, кој воедно е и претседател на Клубот на извозници при Комората, членките на Одборот за управување при Центарот за циркуларна економија одржаа седница на која темите на дискусија беа врзани за воведувањето и унапредувањето на циркуларните бизнис-модели.

Како поддршка на активностите на Комората во сегментот на зелената транзиција, на почетокот на седницата претседателот Азески стави акцент врз влијанието на глобалните економски текови, кои се одразуваат и врз домашната економија. Укажа на фактот дека македонските компании сѐ уште работат во услови на неизвесност во светската економија и во таа насока посочи дека нивното дејствување преку коморскиот систем само може да биде поддршка во креирањето соодветни системски решенија, кои ќе им обезбедат конкурентност и компетитивност на меѓународните пазари, каде што доминантно се насочени фирмите кои го сочинуваат Одборот за управување при Центарот на циркуларна економија. Во таа насока, вели Азески, Комората ќе продолжи да биде партнер на компаниите во нивните заложби за раст и развој.

Ректорот на УГД Штип проф. д-р Мираковски информираше дека лабораториите што ги имаат на Универзитетот нудат можности за анализа на разните видови отпад и за тоа како може потенцијално да станат суровина во други процеси. Повика на заеднички активности на науката и индустријата во насока на креирање што помали количини отпад.

На седницата беше претставена и платформата на Центарот, на која сите фирми заинтересирани за зелената транзиција и за петте постулати на Зелената агенда за Западен Балкан ќе може на едно место системски да ги следат информациите и процесите, да се информираат за актуелните настани, обуки, семинари, работилници, но и да иницираат заеднички активности во насока на нивна надградба.  

Директорот на УСЈЕ Константинос Николау пред присутните го претстави моделот на циркуларна економија кој го применува компанијата со цел сведување на минимум отпад, но и порача дека има капацитет да се преземе отпад и од други компании и индустрии кои УСЈЕ може да ги користи како суровина.

На седницата беше дискутирано и за тековните активности со кои се соочуваат компаниите, како и за можните начини за нивно надминување, преку споделување искуства од присутните и насоки за заедничко идно дејствување.