„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

За да се избегне уште една енергетска криза која би била фатална и за компаниите и за економијата во целина Стопанската комора набрзо ќе излезе со конкретни решенија

13.04.2023

За да не се дозволи повторен економски шок кај компаниите кои се главниот носител на македонската економија, Стопанската комора на Северна Македонија ќе излезе со конкретни предвидувања на истите, но и решенија кои навремено треба да се преземат со цел да се избегне уште една енергетска криза која би била фатална и за компаниите и за економијата во целина. Ова е еден од заклучоците што беше донесен на седниците на Управниот одбор и на Собранието на Стопанската комора на Северна Македонија што беа одржани вчера. Ваквиот заклучок следува откако пред двете највисоки тела на Комората беа презентирани резултатите од спроведената анкета за загубите кои ги претрпеа компаниите членки на Комората во енергетската криза 2022 година.
Конкретните предлог мерки и решенија ќе бидат утврдени на специјалната седница на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија со Македонската енергетска асоцијација (МЕА) што е закажана за последната недела од април.   
Управниот одбор и Собранието на Комората го усвоија и извештајот за спроведувањето на годишната програма за работа на Комората во 2022 година. Истовремено се прошири и структурата на Комората и беа донесени неколку кадровски решенија, со чие визионерство, иновативност и тимска работа го трасираме нашиот пат кон градење на Комората на иднината.

Образложувајќи го извештајот за работата на Комората за 2022 година пред членовите на највисоките тела, претседателот Бранко Азески ја оцени годината како турболентна, со многу предизвици. 
„Еден век стоиме цврсто зад бизнисот, иако зад нас оставаме период со многу турбулентни ситуации, кризи, подеми и падови на економијата во државата, во која компаниите успеваат заедно со Комората да ги премостат овие, во најголем број, непредвидени ситуации. Јубилејната 100 годишнина ја одбележавме на уникатен начин (не со прослави туку со дела), за што потврда е и Декларацијата за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки која досега ја потпишаат поеќе од 150 компании и институциите. Ги зголемивме проектните активности преку кои ги поддржуваме компаниите во унапредувањето на нивното работење со мерливи и конкретни резултати, се воспоставиja и изработија нови дигитални алатки. Денес со сигурност може да кажеме дека значително е зацврстен имиџот на Комората и се наметнуваме и позиционираме како релевантен фактор пред носителите на економските политики, со цел да не би смееле да ја заобиколат Комората за прашања што се важни за нејзините членки и за бизнис заедницата пошироко“, нагласи Азески.