„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Потпретседателот Георгиева Јовевска говореше за улогата на градежништвото во економскиот развој на државата

04.11.2023

Во Охрид на 2 и 3 ноември 2023 година се одржа првата конференција за патна инфраструктура на тема: „Искуства, Предизвици и Перспективи“

Конференцијата беше поделена во шест панел дискусии на кои се дискутираше за улогата и важноста на градежниот сектор во вкупната македонска активност но и предизвиците со кои овој сектор се соочува како и потребата од синергија на сите чинители со цел искористување на неговите капацитети.
На конференцијата, на панелот на тема: „Улогата на градежништвото во економскиот развој на државата“, панелист и модератор беше потпретседателот на Стопанската комора на Северна македонија и советник на претседателот на Комората за инфраструктура и економски развој, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, додека другите панелисти беа заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за економија, Крешник Бектеши и проф. д-р Јасмина Буневска Талевска, од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска како панелист и модератор на Панелот посветен на улогата градежништвото за економскиот развој на државата истакна неколку важни поенти кои всушност беа теми за дискусија со панелистите. Таа ги подвлече следниве суштински работи, односно дека:
  1. Важен предуслов за економскиот развој на една земја е економската инфраструктура која влијае врз деловните можности, но и врз вкупната привлечност на земјата за работа и инвестирање. Ефикасната и сигурна патна (и целокупна) инфраструктура ја олеснува и ја поттикнува мобилноста на луѓето и стоките, ја надминува ограниченоста на локалните пазари и создава претпоставки за урамнотежен регионален развој. Вложувањата во инфраструктурата се од витално значење за намалување на невработеноста и за зголемување на конкурентноста на економијата, а преку амбициозна инвестициска агенда во инфраструктурата и дополнително во зелената транзиција и дигитализацијата, во земјава и регионот, на среден рок, можат да се постигнат стапки на раст на економијата од 5% и повеќе и истите, што е уште поважно, би биле одржливи.
  2. Државата, потребно е да изгради стратегија за развој на целокупната инфраструктура во земјата и сите политички партии во заедништво со бизнисот и науката, да постигнат консензус околу истата со рокови за нејзина целосна реализација, без одложување.
  3. Градежништвото има многу значајна улога во развојот на македонската економија бидејќи покрај тоа што директно влијае на економскиот развој од него зависат уште дополнително околу 25 други економски гранки.
  4. Учеството на градежништвото во БДП, во просек, во последните неколку години е 6%.
  5. Секторот градежништво вработува околу 7% од вкупниот број на вработени во нашата земја, но во последните 5 години бројот на градежни работници е паднат под 50.000 (само за една година е намален за 10-тина илјади работници) што можеби се должи на различна пресметка на ДЗС во 2022/2021 година или дополнително и на други фактори.
  6. Сведоци сме дека во последните неколку години не само градежниот сектор, туку воопшто македонската економија беше исправена пред повеќе предизвици и кризи почнувајќи онаа со ковид, па енергетската криза и слично и треба да признаеме дека многу работи не зависеле само од нас. Но, треба да признаеме и дека само преку синергија и партнерство на државата, бизнисот и науката можеме да постигнеме подобри резултати за сите.
  7. Светската историја покажала дека во големи економски кризи преку реализација на големите инфраструктурни проекти, градежниот сектор многу придонел за повторно заживување на економијата.
  8. Стопанската комора на Северна Македонија во своите приоритети ги има ставено инфраструктурата, инвестициите и извозот, а заеднички именител на сите овие важни области секако е кадарот кој висински создава додадена вредност. На стопанството потребен му е кадар кој одговара на неговите потреби и затоа потребно е државата час поскоро да помогне уште повеќе во овој процес.
  9. Сведоци сме на фактот дека тековни и планирани инвестиции во државата има и на тоа дека реализација на капиталните расходи расте (според податоците на Министерството за финансии на РСМ до 30.09.2023 година од вкупно планираните 760 милиони евра за капитални инвестиции за 2023 година, реализирани се близу 60%. Но, потребно е со цел да нема намалување или одлив на градежните работници, да не згаснуваат добри фирми, нашите компании да ја имаат носечкта улога во значајните  инфраструктурни проекти.
  10. Ја охрабруваме Владата одлучно да ги спроведе сите зацртани проекти со интегрирање на нашиот потенцијал, професионалните и квалитени компании но не само во реализација на проектите туку и во креирање на легислативата која значи рамка во работењето на компаниите. Посебно тука го потенцирам новиот Закон за градење кој е во процедура на подготовка и по кој не треба да се избрзува со негово носење пред да бидат вклучени забелешките на сите релевантни чинители со цел на терен да нема проблеми кои би претставувале пречка за целосна реализација на зацртаното.
  11. Повикуваме на одговорност за доцнење/ненавремена реализација на инфраструктурните проекти.
  12. Државата акцент да стави на децентрализацијата заради рамномерен регионален развој.
Заменик претседателот на Владата, Битиќи во дискусијата на панелот подвлече дека овој сектор не е поврзан само со економијата, туку со севкупниот развој на државата. Исто така тој се соласи дека неинвестирањето во патната инфраструктура е една од суштинските причини која предизвикува неадекватен и нерамномерен развој притоа посочувајќи дека на градежништвото треба да гледаме и низ призма на тоа која негова гранка носи најголема додадена вредност. Г-дин Битиќи се осврна и на темата за работната сила и нејзината подготвеност за градежништвото, а посочи и дека нашата држава пред две години го започна развојот на Националната развојна стратегија-НРС на инклузивен начин и со консензус меѓу сите чинители и дека веќе сме до крајот на нејзиното усвојување, односно дека се очекува Собранието да ја изгласа до крајот на годината. Во НРС ќе бидат детерминирани клучните цели и визијата каква држава сакаме да имаме наредните 20 години. „НРС е средство за постигнување на повисоки цели, за економски развој во секторите кои треба да го придвижат развојот, во кој секоја градежна компанија ќе го добие местото каде и припаѓа“, рече потпретседателот Битиќи. Исто така тој во своето обраќање ја нагласи потребата од креирање на услови кои градежните компании ќе ги направат конкурентни и на странските пазари. „Заеднички треба да креираме доволно услови  сите вие да сте конкурентни на пазарот на градежништво, без разлика дали тоа е во Северна Македонија или надвор. Само зголемената конкурентност е одржливо решение за компаниите. Секој друг критериум, кој има привилегирани услови, може да биде дискриминирачки “, рече потретседателот Битиќи.
Министерот за економија Крешник Бектеши на панелот подвлече дека градежната индустрија е значаен двигател на економскиот развој на земјата и поради ваквото нејзино значење, добро е што оваа гранка од индустријата се потпира врз силни компании кои имаат капацитет, знаење и големо искуство и кои континуирано вложуваат во производство на квалитетни градежни материјали. Тој потсети на времето кога македонските градежни компании беа најголеми градежници на инфраструктурата во земјите од регионот и пошироко. „Нас ни е потребна стратегија која ќе покаже дали навистина сакаме да градиме одржлива инфраструктура. Нашите компании сега помалку работат на странските пазари, а тоа е пораз и за државата. Затоа мора сите да работиме заеднички здружено, а и градежните компании да работат здружено за да бидат конкурентни“ кажа министерот.
На панелот за потребата од силна координација меѓу образовните и државните институции со цел навремена и квалитетна реализација на капиталните проекти говореше проф. д-р Јасмина Буневска Талевска, Универзитет „Св. Климент Охридски“-Битола.Таа подвлече дека бидејќи градежништвото учествува во голем дел во креирање на бруто домашниот производ, од тој аспект потребно е зголемување на вредноста на човековиот капитал за да имаме успешни капитални проекти.
На конференцијата која се одржа во организација на Здружението за градежништво, градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Северна Македонијаприсуствуваше највисокиот државен врв на земјава и над 300 учесници меѓу кои беа членките на Здружението за градежништво при Комората, експерти, претставници на државните институции, научната фела... Конференцијата која во ваков вид и обем се одржа за прв пат беше партнерски поддржана од Министерството за транспорт и врски на РСМ и ЈП за државни патишта.
Георгиева Јовевска, во име на Стопанската комора на Северна Македонија пред сите присутни на настанот, посебно му се заблагодари на претседателот на Здружението за градежништво, Андреа Серафимовски за идејата и концептот за ваквата конференција и му честиташе лично на него и на целото Здружение за одличната организација и успехот што на едно место беа собрани сите важни чинители во градежниот сектор кои разговараа отворено за предизвиците и дебатираа за можностите и решенијата кои би биле најдобри за развивање на овој значаен сектор во земјата.