„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

ЕУ интегративниот процес и системскиот пристап за подигнување на конкурентноста на работната сила во рамки на Европската година на вештини

06.11.2023

Европската Унија оваа година ја прогласи за Европска година на вештини со цел да им помогне на компаниите, особено на малите и средните претпријатија, да го решат недостигот на потребните вештини и да ја забрзаат конкурентноста на работната сила преку обезбедување поквалитетно и посеопфатно образование и обука за сите жители. Преку процесот на доживотно учење се прават напори и да ги подобрат можностите да се инвестира во обуката и унапредувањето на вештините и компетенциите, вклучително и дигиталните и зелените вештини.  

На денешната прес-конференција, која беше дел од циклусот „ЕУ интеграциите“, беше ставен акцент токму на предизвиците со кои се соочуваат и нашите компании поврзани со недостатокот на кадар со соодветни вештини, кој  влијае на продуктивноста на компаниите и ја намалува нивната конкурентност, а со тоа влијае на севкупната економска состојба во земјата.
Според податоците на Евростат само 37% од возрасните редовно следат обуки за подобрување на своите вештини, додека бројката за учество на возрасните во обуки во нашата земја е уште поразителна и изнесува 2,5 %, изјави на прес конференцијата Наташа Јаневска, проектен менаџер во Стручната служба на Комората.
„Според сегашната состојба во ЕУ повеќе од 77% од компаниите пријавиле дека имаат потешкотии да најдат квалификуван кадар со потребните вештини, вкучително и дигитални вештини. Во 2021 и 2022 година, работодавачите се соочиле со недостиг на работна сила за 28 занимања, во неколку сектори, како градежништво, здравство, инженерство и ИТ, што покажува неусогласеност на понудата на пазарот на труд  и зголемена побарувачка, како за висококвалификувани, така и за нискоквалификувани работници. Кога станува збор за дигиталните вештини, Индексот за дигитална економија и општество покажува дека 40 % од возрасните и 33% (1/3) од вработените во ЕУ имаат недостаток од основни дигитални вештини, што значи секое 4 лице од 10 возрасните и секое 3 вработено лице во Европа немаат основни базични дигитални вештини“, истакна Јаневска.
Јадранка Аризанковска, советник за ЕУ интеграции во Кабинетот на претседателот на Комората, посочи дека Стопанска комора во континуитет работи на подигнување на вештините за потребите на нашите компании.
„Градењето на капацитети на работната сила е клучен сегмент во создавање на конкурентна економија, и имајки предвид дека и Европската комисија ја има детектирано потребата од континуиран процес на зголемување на капацитетите на работната сила согласно новите трендови. Најави дека финасирањето на проекти во оваа област ќе продолжи  и во следните програми на ЕУ. Како Стопанска комора континуирано од 2011 година сме вклучени преку проекти  во програмата на ЕК за Поддигање на вештините во градежниот сектор во рамки на Build up skills иницијативата на ЕК“, истакна Аризанковска.
 
Меките вештини во фокуот на ЕУ
Во фокусот на ЕУ се и меките вештини. До 2030 годинатие ќе сочинуваат 2/3 (две третини) од сите работни места кои придонесуваат за раст и одржливост на компаниите: (критичкото размислување, решавање на проблеми, аналитички вештини, емоционална интелигенција, вештини за корпоративна одговорност за преземање одговорност за грешките и успесите во компанијата; креативност и иновативност; вештини и способности самостојно да учат и како да учат во текот на животот за лесно да се прилагодат на промените; комуникациски вештини, лидерски вештини и способности за донесување одлуки; тимската работа и вештини за управување со проекти; вештини за обработка на податоци и предвидување; вештини за прилагодување на промените и прифаќање на предизвиците во услови на брзо и динамично опкружување (отворен ум за нови решенија).
 

 

Најмалку 80 % од возрасните лица во ЕУ до 2030 година да имаат барем основни дигитални вештини

 

Поседувањето новите вештини на луѓето бара и пофлексибилно образование и обука и учење во текот на целиот живот. Според тоа, во рамките Европската година на вештини се усвоија социјалните цели за 2030 година според кои најмалку 60 % од возрасните лица би требало да учествуваат во обуки, вклучувајќи 60 милиони за нискоквалификувани возрасни лица и 40 милиони за невработени лица.

Во однос на дигиталните вештини, најмалку 80 % од возрасните лица во ЕУ до 2030 година да имаат барем основни дигитални вештини во насока на остварување на целта - постигнување стапка на вработеност од најмалку 78 % од населението на возраст од 20 до 64 години до 2030 година.

За да се остварат овие цели, Европската комисија ќе продолжи да го промовира и поддржува стручно образование и обука (СОО), бидејќи  нуди можности на луѓето од сите возрасти да ги  развиваат и унапредуваат  на вештините за нивниот личен развој и кариера, и како и можност да  одговори на економските, климатските и социјалните предизвици на денешницата и на иднината. Но зголемувањето на барањата за вештини и компетенции и постојаното менување на квалификациите на сите квалификациски нивоа влијае на системи за стручно образование и обука во Европа да станат  флексибилни за да можат брзо да одговорат на краткорочните економски барања.

 

 
Каква е состојбата со вештините на работната сила во РС Македонија како кандидат за членство во ЕУ?
Оваа проблематика кај нас ја следи АВРМ преку годишна анкета за потребите од вештини на пазарот на труд. Преку анкетата се обезбедуваат краткорочни показатели за очекувањата на работодавачите во однос на новите вработувања и потребите од вештини со кои треба да располагаат лицата за да бидат конкурентни на пазарот на трудот.
Резултатите од анкетата се основа да се креираат активните програми и мерки за вработување кои имаат цел да ги подобрат вештините на невработените лица и нивно побрзо вработување, но помагаат и на  образовниот систем при дизајнирањето на уписната политика и креирањето нови образовни програми според потребите на пазарот на труд.
„Стопанската комора, исто така подготвува анкети за потребните вештини на пазарот на труд. Според последната спроведена Анкета за потреба од вештини, 60% од работодавците се соочиле со одредени тешкотии при обезбедување на соодветен кадар за пополнување на слободните работни места од различен тип на квалификации: програмер, машински инженер, градежен инженер, доктор по општа медицина, информатичар, инженер технолог, машински техничар, медицинска сестра, градежен техничар, електротехничар, келнер, готвач, бравар, пекар, возач на товарно возило, заварувач, стаклар, металостругар, лимар, кројач, ракувач со градежни машини, оператор на CNC-машина и др.  Најчести причини за тешкотиите во обезбедување на потребниот кадар е недостатокот на вештини практични знаења кај кандидатите, недостатокот на кандидати со соодветно образование и работно искуство, недостаток на кандидати кои би прифатиле работа за понудената плата, недостаток на мотивација кај кандидатите“, вели Јаневска.
Податоците од овие анкети, исто така се основа за креирање на мерките за вработување во Оперативниот план за вработување.
Дополнително, Комората нуди и обуки за квалификации и вештини на барање на компаниите преку процесот на преквалификација и доквалификација и започна активности за подигање на свеста за зелените вештини.
Во рамките на формалното образование, активно е вклучена во поддршката на дуалното образование и во креирањето на трансферзалните и зелените вештини преку учеството во дизајнирањето на образованите програми.  Ја подобрува соработката со компаниите, бидејќи тие најдобро знаат кои вештини им се потребни што е една и од целите на Европската агенда за вештини.