„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Азески го презема раководењето со Асоцијацијата на Балкански комори, ќе ги застапува интересите на 10 стопански комори

13.12.2023

На денешната седница на Генералното собрание на Асоцијацијата на Балкански комори (АБК) што се одржува во Солун, Грција ќе биде потврден изборот на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески за претседател на Асоцијацијата во следната година.  

На седницата ќе се расправа и за актуелните прашања од економското опкружување на земјите од Балканот, вклучувајќи ги перспективите на Балканските земји да се приклучат на Европската Унија и Еврозоната, како и прашањето за трговската и економската интеграција на земјите од регионот.
Главниот фокус во периодот на претседателството на Асоцијацијата на Балкански комори под водство на Азески следната година ќе биде инфраструктурата и поврзаноста помеѓу балканските земји, но и соработката на тој план со меѓународните финансиски организации.
АБК е здружение на 10-те стопански комори од Балканскиот регион (членки и не-членки на европската Унија), кое следната година одбележува 30 години од своето постоење. Целта на Асоцијацијата е создавање интеграција и развој на стопанската соработка во регионот.
Членки на АБК, покрај Стопанската комора на Северна Македонија, се и Стопанската комора на Албанија, Стопанската комора на Бугарија, Надворешно – трговската комора на БиХ, Стопанската комора на Црна Гора, Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Стопанската комора на Кипар, Стопанската комора на Романија, Стопанската комора на Србија и Унијата на Комори и стокови берзи на Турција.