„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

„Бизнис со цел“- Како да ги водиш вработените во предизвикувачки времиња

16.12.2023

Успешно реализирана Конференцијата и панел дискусијата насловена како  „Бизнис со цел“, а главна компонента на истата беше : Како да ги водиш вработените во предизвикувачки времиња  -Нови концепти на менаџмент- 15 декември 2023, х.Александар Палас.
Конференцијата беше во реализација на Dr.Gilbert Академија од Белград, а во ко-организација и поддршка на Стопанската комора на Северна Македонија.
На конференцијата присуствуваа менаџери од сите гранки на стопанството, каде заеднички споделија докажани теории и практики во служба на човечкиот и одржливиот бизнис.
Конференцијата ја отворија и дадоа поздравен говор: Ана Ристовски од Dr.Gilbert Академија од Белград и Елизабета Андриевска-Ефтимова од Комората.

Првиот дел на конференцијата беше посветен на Драгиша Ристовски, основач и сопственик на Dr.Gilbert Академија од Белград, кој со својата визија и позитивна енергија ги воведе присутните во темите за менаџмент во криза и предизвиците и можните решенија што ги наметнуваат предизвикувачките времиња. Неговата презентација беше надополнета од страна на Бранко Грегановиќ, претседател на УО на НЛБ Банка кој говореше како „Бизнисот со цел“ може да биде генератор на позитивни промени.
Следуваше панел дискусијата каде панелисти беа претседателот на Стопанската комора на  С.Македонија, Бранко Азески, а во негово друштво беа препознатливи менаџери од врвни регионални компании со седишта во Македонија: Бранко Грегановиќ, претседател на УО на НЛБ Банка, Сашко Блажевски, извршен директор на Нелт Македонија, Маја Станкоска, извршен директор на Кроација Осигурување – Живот АД Скопје и Петар Денковски– извршен директор  на Веро Скопје.
Азески како препознатлив авторитет во бизнис заедницата, како и останатите панелисти дадоа инспиративни и клучни одговори на прашањата: 
-    Дали успехот на компанијата во новиот милениум се мери само со профит или со бизнис со цел?
-    Машините се одлични, но во какава состојба ни се вработените,  кој модел да се користи да ги задржиме и да им ја зголемиме продуктивноста?
-    Намалување на јазот помеѓу топ менаџментот и работниците и како да успееме да делиме иста визија?
Во преполната сала каде беше собрана голем дел од бизнис заедницата и кои ги споделуваат истите вредности, пораката на присутните беше иста. На државата пред сѐ и е потребно поквалитетно образование, култура, подобра политичка и социјална атмосфера и подигнување на едукацијата на работниците која е значаен сегмент за успехот на една компанија. Само со квалитетно образование и дополнителна едукација се добива подобар и поквалитетен кадар кој ќе ја дели истата визија со лидерот и ќе ја исполни целта на бизнисот. 
Оваа конференција беше одлична можност присутните да согледаат некои можности и решенија, а со единствена цел подобрување на работната средина, можност за вмрежување и споделување на позитивни практики,  но и уживање во приказните на успешните панелисти и предавачи.