„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

Азески на консултации кај компаниите-Бизнисот бара членство во Европската економска заедница

14.02.2024

Македонските компании бараат државата да стане членка на Европската економска заедница за да се отвори заедничкиот европски пазар кој нуди безброј можности за раст и проширување на бизнисот, што ќе повлече и напредок на македонската економија во целост.  

Ова прашање беше отворено на работната средба меѓу претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески и извршниот директор на компанијата „Лион“ Ристе Ристевски при посетата на фабриката во Свети Николе.

На состанок, кој беше организиран во рамки на координативните средби и консултации што Азески ги има со компаниите за платформата за разговори со политичките партии пред изборниот процес, беше истакнато дека компаниите во моментов имаат побарувања за извоз, но поради многубројните административни бариери не можат да ги испорачаат сите свои производи на европскиот пазар.

Од тие причини Комората веќе има преземено активности кои се усвоени на Собранието на СКСМ, а се во насока на заедничко дејствување со останатите шест Стопански комори од регионот. Креаторите на политиките во државата треба сериозно да го земат предвид економското и пазарното учество во Европската Унија преку членството во Европската економска заедница. Тоа на компаниите ќе им овозможува бројни предности. Заедничкиот пазар овозможува пристап до големата база на потрошувачи, што значи поголема продажба на производите и услугите што ги нудат. Од друга страна тоа ќе придонесе кон зголемување на компетитивноста на секторите и учество во различни европски фондови.

На состанокот стана збор и за активностите на Националниот совет за извоз, кој е формиран од Стопанската комора како главен механизам за јавен-приватен дијалог каде ќе се третираат сите прашања поврзани со извозот.

Двајцата соговорници ја истакнаа и потребата од владеење на правото во државата, намалување на непродуктивните трошоци од централниот буџет, како и поголема реализација на капиталните расходи.

Компанијата „Лион“ од Свети Николе произведува квалитетни кондиторски производи, кои 70% се извезуваат во регионот, во Европа, Блискиот исток и Медитеранот. Компанијата вработува 160 работници, од кои половина се инвалидни лица.