„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 [email protected]

проект Граѓаните против корупцијата

Стопанската комора во Кичево- да се подигне свеста и да се подобри реагирањето на бизнис заедницата во случаи на корупција

02.04.2024

Стопанската комора продолжува активно да се ангажира во борбата против корупцијата, со фокус на вклучувањето на приватниот сектор во овој важен процес. Во оваа насока, Комората организираше средба со компании во Кичево, како дел од активностите „Граѓаните во акција“, предвидени со проектот „Граѓаните против корупцијата“. 
На оваа средба, потпретседателот на Комората Зоран Јовановски зборуваше за проектот што Стопанската комора го спроведува од април 2023 година, кој има за цел да се подигне свеста и да се подобри реагирањето на бизнис заедницата во случаи на корупција. 
Во текот на состанок, се разменија идеи и искуства со бизнис заедницата за борбата против оваа негативна појава. Од страна на компаниите беше истакната загриженост за начинот на кој се спроведуваат јавните набавки. Податоците кои беа презентирани во Кичево од страна на Центарот за граѓански комуникации покажуваат загрижувачки состојби во врска со начинот на спроведување на тендерите и поттикнаа на дополнителни размислувања за потребата од ефикасни мерки за справување со овој проблем. 
Во текот на 2023 година биле склучени 34 000 договори за јавни набавки со вкупна вредност од 1.5 милијарди евра што е 28% од средствата во централниот буџет или 9-10% од БДП. Само 6 500 фирми учествуваат на тендери. 10.448 договори во вредност од 536 милиони евра (удел од 35%) се склучени во постапки во кои била доставена по само една понуда.
Проектот „Граѓаните против корупцијата“, Комората го започна во април 2023 година. Станува збор за петгодишен проект, финансиски поддржан од УСАИД, кој се реализира преку Конзорциум на разновидни учесници, меѓу кои и Комората како претставник на приватниот бизнис сектор. Проектот, меѓу другото, предвидува вклучување на приватниот сектор во борбата против корупцијата преку неколку средби на локално ниво и активности насловени “Граѓаните во акција“.